Промоција на „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ!

Влада Урошевиќ има неверојатно плоден период и успеси зад себе! По добивањето на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, како и известувањето дека оваа година ќе ја добие престижната награда „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, следува промоција на уште едно ново дело, а овојпат се работи за збирка раскази во издание на „Или-Или“.

Промоција на збирката раскази „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ ќе се одржи денес, 18 април, со почеток од 20 часот во Кино Фросина (МКЦ). Промотор на збирката ќе биде Гоце Смилевски.

На официјалниот настан на Фејсбук, е издвоено следново мислење на Гоце Смилевски, кој, освен што е промотор, го има напишано и поговорот на книгата:

Расказите од книгата „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ ни покажуваат колку е важен не само градот во кој се пишува, туку и градот за кој се пишува; Влада Урошевиќ во Париз ја наоѓа и логиката и отвореноста кон подрачјата каде логичките закони не важат, или, попрецизно – каде што важи една поинаква логика, логика на невозможното. Низ тоа претставување на една полицентрична стварност, составенa од повеќе планови, понекогаш комплементарни, другпат спротивставени едни на други, кои ни овозможуваат да погледнеме на дејствијата и ликовите од различни точки, честопати со ефект сроден на мултиплицираните перспективи од делата на Ешер, Влада Урошевиќ со своите дванаесет раскази од збирката „Вонземјанки“ успева да оствари маестрална проза.
– Гоце Смилевски

Се гледаме таму!

Leave a comment