Македонска поезија: „Знам, ти сега сама замислена минеш“ од Ацо Шопов!

На денешен ден во 1982 година починал Ацо Шопов, еден од најпознатите македонски поети. Годинава исто така се одбележуваат и 100 години од неговото раѓање. Во негова чест, денес читаме една негова прекрасна песна.

Знам, ти сега сама замислена минеш – Ацо Шопов

Знам, ти сега сама замислена минеш,
и чувствуваш в срце и болка и сласт,
и едина мисла те мачи и кине:
зошто сум ти близок и далечен јас.

Но вечер, штом птици попаѓаат в гнезда
и задрема паркот и настане мир,
Штом ноќта се роди и sвезда по sвезда
ќе посее немо по темната шир, –

ти пак ќе ми дојдеш занес да нè носи,
да јуриме лудо по незнаен пат,
и в заборав чуден да ти шепнам в коси
за мојата тајна што ја кријам млад.

И ти пак ќе прашаш: дали јас ти реков
или сонил нешто зелениот мај,
дали ветер в цветја потрепнува леко
или в река паѓа ѕвездениот сјај?

А утре, штом самне и занесот мине,
ти пак ќе се будиш со болка и сласт,
и истата мисла уште ќе те кине:
зошто сум ти близок и далечен јас!

Стихови за маката и радоста, 1952

Извор: We Heart It

Leave a comment