Нема ништо поубаво од тоа кога се организираат што е можно повеќе книжевни настани од различен вид, на кој љубителите на книги можат да појдат и да слушнат различни мислења, излагања и да се запознаат со други љубители на книги. На овој блог се трудам што е можно почесто да известувам за такви настани, па така денес на блогот ви претставувам два многу интересни настани кои ќе се случат на почетокот на следната недела и кои се одлични за љубителите на книги.
Одбележување на Светскиот ден на книгата и авторските права во НУБ „Св. Климент Охридски“ (24.04.2023, понеделник)

На 23 април традиционално се прославува Светскиот ден на книгата и авторските права, па така овој ден ќе биде одбележан и кај нас, со еден ден задоцнување, т.е на 24 април. Па така, во понеделник, 24 април, со почеток од 12 часот, во Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи настан кој има за цел да го одбележи Светскиот ден на книгата. На настанот присутните ќе имаат можност да ги слушнат обраќањата на директорот Рахметула Куќи и амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Хосе Луис Лозано Гарсија, по што ќе следува читање на овогодинешната порака на генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, и македонската порака по повод Светскиот ден на книгата, прочитана од страна на проф. д-р Ана Стојаноска. По читањето на пораките, следи настап на македонскиот актер Благој Веселинов и отворање на изложбата „Сеќавање на Хусто Хорхе Падрон“, а ќе бидат поделени и книги и рози, според каталонскиот обичај!
Ново издание на Книжевниот клуб во Europe House Skopje (25.04.2023, вторник)

Книжевниот клуб во Europe House Skopje постои веќе извесно време и на секоја средба се дискутираат одредени дела и автори и на тој начин се поттикнува дебата и дискусија за различни теми, жанрови, книги и автори. За оние кои не знаат, книжевниот клуб е во рамки на „Вавилон“ наградата за најдобар млад книжевен преведувач, а истиот го води проф. Владимир Мартиновски, поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач. Ова издание на Книжевниот клуб ќе се одржи на 25.04.2023 (вторник), со почеток од 19 часот во просториите на Europe House Skopje, a тема на дискусија овојпат е романот-добитник на годинешната награда „Роман на годината“ – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ. Како што се наведува во описот за настанот, не е задолжително да ги имате прочитано делата кои се дискутираат, но не заборавајте дека е задолжително да го најавите своето присуство на електронскта пошта: euhinfo@euhouse.mk, најдоцна ден пред средбата, што значи последна можност за пријавување присуство е 24.04 (понеделник).
Кој настан и да го одберете, нема да згрешите!

