Во 2021 година излезе веста дека Нетфликс подготвува екранизација на романот „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ од Ентони Дор, кој ја доби Пулицеровата награда за белетристика во 2015 година, а повеќе од 15 милион примероци се продадени од книгата, која исто така е преведена и достапна и на македонски јазик.
Се работи за една исклучително прекрасна и трогателна приказна, книга која веќе ја имам препорачано на блогот. Книгата ни ги опишува паралелните животи на Мари-Лор и Вернер, кои се на спротивни страни на војната. Нивните паралелни животи во еден момент се вкрстуваат, а тоа се покажува пресудно и за двајцата. Мари-Лор го губи својот вид уште од рана возраст и татко ѝ е сè што има на светот, додека Вернер е интелигентен млад човек кој е дел од „Младината на Хитлер“ и се приклучува во војната. Дејството во голем дел е сместено за време на Втората светска војна, со навраќања назад во минатото и невозможно е да останете рамнодушни на оваа приказна и затоа сум навистина љубопитна за тоа како ќе излезе серијата.

(Извор на сликата: KATALIN VERMES/NETFLIX)
Сега конечно е време да го погледнеме и промотивното видео за серијата, која премиерно ќе почне да се прикажува на 2 ноември. Серијата е напишана од Стивен Најт, кој е познат по својата работа од популарната серија „Peaky Blinders“, а режисер на сите четири епизоди е Шон Леви, кој е познат по „Stranger Things“, Оваа комбинација ветува навистина квалитетен производ!
Покрај тоа, во серијата играат одлични и докажани актерски имиња, како и нови и ветувачки таленти, па така во улогата на Мари-Лор ќе ги видиме Ариа Миа Лоберти и Нел Сутон, додека улогата на таткото на Мари-Лор ја игра познатиот актер Марк Рафало. Познатиот Хју Лори, особено препознатлив по улогата на доктор Хаус во истоимената серија, го игра вујкото, додека од друга страна младиот Вернер го игра актерот Луис Хофман.
Во продолжение погледнете го прекрасното и моќно видео, кое ветува дека серијата ќе биде прекрасна!
