Неоспорно е влијанието кое Џејн Остин го има на светската книжевност, па затоа не е за чудење што и после толку години, нејзините дела имаат огромна вредност. Во светот на книжевноста, првите изданија на познатите класици достигнуваат вртоглави суми, како што веќе еднаш пишував на блогот. Па така, BBC извести дека во декември 2022 година, петте први изданија на романите на Џејн Остин, како „Гордост и предрасуди“, „Разум и чувства“, „Ема“, „Паркот Менсфилд“ и „Опатијата Нортангер“ и „Убедување“ (овие последните две биле заедно издадени во првото издание) на аукцијата се продале за 181 000 фунта!

(Првите изданија на романите на Џејн Остин/Извор: Anglotopia)
Според информациите, очекувано е тоа што првото издание на „Гордост и предрасуди“, кое е најпопуларното дело на Остин, се продало за највисока сума од вртоглави 92 000 фунти. Ова издание е едно од вкупно 1500 изданија кои биле испечатени кога романот првпат се појавил во продажба.
По „Гордост и предрасуди“, „Разум и чувства“ е изданието кое исто така привлекло големо внимание и се продало за висока сума од 62 000 фунти, а една од причините за тоа е што тоа издание е исклучително ретко, бидејќи кога првпат бил издаден романот во 1811 година и тоа анонимно, односно без да биде наведено името на Џејн Остин, биле издадени нешто помалку од 1000 примероци.
Потоа следувало изданието на романот „Ема“ кој се продал за 12 800 фунти, додека пак „Паркот Менсфилд“ се продал за 8400 фунти, а првите изданија и на двата романа биле испечатени во тираж од 1250 примероци. Понатаму, изданието во кое биле вклучени „Опатијата Нортангер“ и „Убедување“ се продало за 6400 фунти, а првично било испечатено во 1750 примероци.
Аукционерот Крис Олбери рекол дека е „апсолутно воодушевен“ од резултатот. И ги има сите причини за тоа, бидејќи пред аукцијата, порталот „Англотопија“ извести дека се очекувало дека изданијата би можеле да достигнат цена од 100 000 фунти, а оваа сума значително ги надмина и најоптимистичните предвидувања.
Инаку, книгите биле ставени на аукција од страна на ќерката на еден приватен колекционер од Велика Британија кој ги купил изданијата во 70-тите и 80-тите години на 20 век за околу 5.000 фунти (вкупно).
Крис Олбери пред аукцијата објаснил дека „актуелната сопственичка се сеќава дека нејзината мајка еднаш била особено вознемирена откако купила една од книгите за 2.000 фунти и истата вечер му рекла на сопругот да го откаже чекот“, но тој ја одбил, бидејќи го гледал тоа како добра инвестиција. Исто така Олбери навел дека жената „била голем обожавател на Џејн Остин, и ова биле единствените ретки книги што таа некогаш ги купила и одвреме-навреме ги изнесувала, семејството внимателно ги разгледувало, а потоа ги враќала на полицата за книги.“
Според Олбери, „ќерката ги поседувала сите овие години и одлучила да ги продаде на аукција и да дозволи другите да го добијат задоволството од нив и да ги искористат парите за нови проекти и планови“.
