Македонска поезија: „Ќе спијам“ од Игор Исаковски!

Игор Исаковски прерано го напушти овој свет, а не престанува да воодушевува со неговите стихови. Па затоа, во пресрет на овој продолжен викенд, денес на блогот читаме негови стихови.

Ќе спијам – Игор Исаковски
(сакам што ноќта е жена)

ќе спијам во мојот кревет.
додека надвор завиваат снегулки
и раката нерешително ми трепери.
ќе спијам во мојот кревет. за инает
на сите тие претскажувања: за мојата
смрт, за војни, за катаклизми, за сè
што би тргнало наваму–натаму. ќе спијам 
во мојот кревет. низ високите окна
ќе гледам како навева снегот. ќе се
туткам во својата топлина, ќе бидам
тивок и нежен, топол наспроти студот
на светот. вредам повеќе од тоа. 
ќе спијам со мирис во носниците,
полн љубов, полн мир. ќе спијам
во мојот кревет, спокоен и на топло.
вечерва нема да мислам на селењето:
ова е толку убава и силна ноќ,
што повремено се прашувам 
како ли сум ја заслужил.

Leave a comment