Книга на пролетта: „Странецот“ од Албер Ками!

Веќе подолго време на блогот се трудам да објавувам што е можно повеќе препораки и мои лични осврти и доживувања на книгите што ги читам, а за оние кои најмногу се издвојуваат од останатите, сакам да одвојувам и посебни објави, затоа што сметам дека се навистина исклучителни, па така некако настана оваа рубрика на „Книга на…“ (есента, зимата, пролетта, летото). Првата објава беше „Книга на летото“ за „Големиот Гетсби“, потоа следуваше „Книга на есента“ за „Кандид“ и последната објава беше за „Книга на зимата“ за „Записи од подземјето“. Па така, веќе сме навлезени длабоко во пролетта, а јас ја пронајдов книгата која за мене е „Книга на пролетта“, која ме воодушеви и која исто како и „Кандид“ е книга која ја читам по втор пат.

Се работи за роман кој многу го сакам, но кој го имав малку подзаборавено, и за автор и филозоф кој ми е лично еден од најдрагите и чии извадоци постојано ги читам. Па така, „Книга на пролетта“ е „Странецот“ на Албер Ками, роман кој го препрочитав по 16-17 години (а можеби и повеќе, не се сеќавам точно), книга која ме воодушеви повторно со својата генијалност и сметам дека дефинитивно заслужува да добие посебна објава. Се надевам дека ќе ве поттикнам да ја (пре)прочитате оваа неверојатна книга со овој мој мал осврт и записи на моите лични доживувања на книгата.

За што се работи во книгата?

„Странецот“ како роман е поделен на два дела.

Во првиот дел се запознаваме со ликот на Мерсо, кој почнува да ги опишува настаните по смртта на мајка му, нејзиниот погреб и сите работи кои последователно се случуваат. Дури и ако не сте ја прочитале книгата, мали се шансите дека барем не сте чуле за една од најпознатите воведни реченици во историјата на книжевноста: „Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.“ Ние го следиме неговиот едноличен, рамномерен живот во кој Мерсо не се возбудува на ништо, како да му е сеедно за сè она што се случува. Потоа на покана на негов пријател тој оди на една куќа на плажа заедно се девојката со која се гледа и таму се случува немилиот настан кога со пиштол убива човек во тоа жешко и топло лето.

Во вториот дел го следиме судењето на Мерсо по убиството што го извршува. Ги гледаме иследниците, адвокатот, обвинителот, судијата, сведоците, секој со своја приказна и теорија, а го следиме и внатрешниот монолог и размислувања на Мерсо за сето она што се случува, нешто на кое тој е како сведок, како да го следи од страна. По добивањето на пресудата, нешто се менува во Мерсо, одеднаш рамнодушната полека избледува и го остапува местото на лутина, гнев, на нешто што наликува на желба за живот.

Зошто треба да ја прочитате?

Затоа што ова е книга која е невозможно да не ви се вреже длабоко во умот откако ќе ја прочитате. Едноставно е неверојатна. Јас двапати ја читам во рок од 16-17 години и додека ја читав вториот пат, се фатив себеси дека целосно се сеќавам на некои сцени како да сум ги прочитала вчера. Едноставно тивкиот и ненаметлив тон на Ками е неверојатен. Ме воодушеви начинот на кој Мерсо рамнодушно ги опишува настаните кои му се случуваат, како сè да е некако надвор од светот, како да е неважно, а тоа е сосема дијаметрално спротивно на прекрасните описи на небото и околината, како на пример овој опис:

„Но минувањето на облаците беше оставило над улицата нешто како надеж за дожд; поради тоа таа беше понатажена. Долго останав гледајќи во небото.“

Мерсо е многу интересен лик и Ками го има изградено на прекрасен начин, речиси е нестварен и стварен во исто време. Имам чувство дека отуѓеноста на Мерсо може целосно да се поврзе и со денешната отуѓеност на општеството, барем на начин на кој јас сум го чувствувам. Небаре Мерсо е нашето општество како колектив, иако се работи за поединец. Начинот на кој денешното општество е навикнато да е емоционално отапено, како норма да е „да не ти биде гајле“, „да ти е сеедно“, кои можеби се одредени самоодбранбени механизми за да се заштитиме од суровоста на светот, но некако постојано ми се вртеше ова чувство во глава додека ја читав книгата.

За мене, кулминацијата на бесот на Мерсо при крајот на книгата, кога својот бес го истура врз свештеникот е една од најмаестралните сцени во историјата на книжевноста. Тогаш гледаме страст, лутина, гнев, нешто што наликува на желба за живот. Дури и претходно, пред оваа сцена, гледаме како почнува да се буди волјата за живот, кога тој почнува да размислува за смртта е вели:

„Го слушав моето срце. Не можев да си замислам дека тој шум што ме придружува толку долго може кога и да е да запре.“

Иако смета дека сите ќе умреме секако и дека не е важно дали ќе биде сега или за 30 години, сепак очигледно е дека не може сосема да се помири со тоа. Сепак, на крајот, тој сака да живее. Тој е лут затоа што фактот дека не плачел кога умрела мајка му е нешто што помага да биде осуден. Лут е затоа што сосема рамнодушно се согласува да гледа филм по избор на Марија, кој е некаква комедија – и тоа се користи против него, бидејќи сите се прашуваат „како може да гледа комедија ден по смртта на мајка си“? Тој се бунтува против тоа. Гледаме дека во овој човек кој дотогаш беше рамнодушен на сè, се јавува нешто посилно од рамнодушноста – а тоа е револтот, бунтот, желбата за живот.

Човекот кој дотогаш немаше ниту еден изблик на некакво чувство, дури ни при моментот кога уби човечко суштество, за кого тоа беше само една непријатност и ништо повеќе, која се случила затоа што „му било прежешко“, одеднаш станува свесен за самиот живот, кој дури и сака да слуша извици на омраза, затоа што и тоа е спротивно на рамнодушноста и осаменоста, дури и тоа е знак дека е жив и дека не е сам.

За мене е неверојатно како сето ова Ками го вметнува во помалку од 120 страници, а тоа да биде толку компактно, целосно, моќно. Секоја реченица е токму онаму каде што треба да биде, со прекрасни описи и совршена меланхолија. Рамнодушниот и меланхоличен тон е совршено распределен, а мислам и дека на секој агол, во секоја сцена има тон прекрасни теми за дискусија.

Од сè срце ви ја препорачувам и дефинитивно ја прогласувам за „Книга на пролетта“.

Извадоци и мисли кои ми оставија особен впечаток

Книгата изобилува со прекрасни мисли и не можев да престанам да ги обележувам прекрасните описи, а за сега одвоив само неколку:

„Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.“

„Но минувањето на облаците беше оставило над улицата нешто како надеж за дожд; поради тоа таа беше понатажена. Долго останав гледајќи во небото.“

„Ми беше здодевно да им објаснувам. На крајот замолчив и пушев гледајќи го морето.“

„Го слушав моето срце. Не можев да си замислам дека тој шум што ме придружува толку долго може кога и да е да запре.“

„Но тој ме прекина и сакаше да знае како го замислувам тој друг живот. Тогаш му викнав: „Живот во кој би можел да се сеќавам за овој овде“…

„Живеев така, а можев да живеам и поинаку. Го правев ова, а не го правев она. И потоа? Тоа беше како за сето време да ја чекав оваа минута и оваа зора кога ќе ме погубат. Ништо, ништо нема значење и јас добро знам зошто. И тој, исто така, знае зошто.“

„Од дното на мојата иднина, за време на сиот овој апсурден живот што го водев, еден таинствен здив надоаѓа до мене низ годините што уште не се дојдени и тој здив при своето минување уништува сè што ми предлагаа тогаш во уште понестварните години што ги проживеав.“

„И јас исто така се почувствував готов повторно да преживеам сè. Како тој голем гнев да ме беше прочистил од злото, како да ме беше испразнил од надежта пред оваа ноќ преполна со знаци и ѕвезди, за првпат ѝ се предавав на пријатната рамнодушност на светот.“

„И само сè да се сврши, само да се почувствувам помалку сам, ми останува да посакам на денот на моето погубување да има многу гледачи и да ме дочекаат со извици на омраза.“

*извадоците од книгата се од изданието: Ками, Албер, „Странецот“, Скопје: Издавачки центар ТРИ, 2023

Leave a comment