Таика Ваитити е во преговори да прави екранизација на „Клара и сонцето“!

Познатиот режисер Таика Ваитити, кој доби и Оскар за неговото сценариот за филмот „Џоџо Рабит“ и режираше и две продолженија од франшизата за Тор, според кредибилни избори е во преговори да прави екранизација на „Клара и сонцето“, последниот роман на Казуо Ишигуро, кој е преведен и кај нас.

Иако се работи за многу рана фаза од процесот, сепак е познато дека Дави Валер веќе ја напишал првичната работна верзија на сценариото. Дејвид Хејман ќе биде продуцент на филмот, а Таика Ваитити и Гарет Баш се во преговори и тие да се вклучат како продуценти. Информациите се прилично оскудни, бидејќи изворите за „Дедлајн“ велат дека сето ова е уште во фаза на преговори, но се наведува дека најверојатно ова ќе биде следниот филм на Ваитити.

(Извор на сликата: Getty)

За оние кои не ја прочитале книгата „Клара и сонцето“ е сместена далеку во иднината, кога децата можат да си купуваат роботи за миленичиња/придружници. Клара е робот, но не е баш обичен робот, бидејќи покажува карактеристики на љубопитност за човековиот свет. Така таа станува придружничка на Џози, мало девојче кое има 14 години и ние во книгата го следиме нивното пријателство, но и животот на Клара во куќата.

Ова не е првпат книгите на Ишигуро да бидат екранизирани, а во последно време се чини дека има и уште поголем интерес, па така неодамна дознавме дека Гиљермо дел Торо ќе прави анимирана екранизација на „Закопаниот џин“, а многу популарни се и филмовите засновани на неговите две најпознати дела „На крајот од денот“ и „Никогаш не оставај ме“, иако тие излегоа пред многу години. И самиот Ишигуро влезе во светот на филмот, односно го напиша сценариото за филмот „Живеење“, за што беше номиниран и за Оскар.

Сега останува да почекаме да видиме кои актери ќе бидат дел од овој филм и да дознаеме повеќе информации!

Извор.

Leave a comment