Од утре, 23 мај, сè до 27 мај, во Музеј на Град Скопје ќе се одржи 5. издание на „Литера 2023“ – Меѓународен фестивал на литература и илустрација за деца!
Организаторите најавуваат многу интересна програма, а оваа година, мотото на фестивалот е „Свет со љубов“, бидејќи како што велат тие: „Љубов. Има ли нешто што денес на човештвото му треба повеќе од љубов?“
Фокусот на фестивалот е ставен на професионалната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца и млади, а најавуваат и три специјални гости од Хрватска, илустратори и креативци: Доминик Вуковиќ, фантастичниот илустратор и автор на плакатот за „Литера 2023“, мултиталентираната Николина Манојловиќ Врачар и инспиративната Бранка Холингсворт Нара. Тие преку часови и предавања ќе се обидат да го пренесат своето искуство на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија.
Организаторите најавуваат и дека на гостите ќе им се придружат и домашни илустратори, писатели, автори на сликовници, издавачи, мултимедијални ликовни уметници. Покрај тоа, порталот „Сакам да кажам“ објави и дека „во соработка со Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ќе бидат организирани промоции на книги, а македонски писатели, креативци ќе организираат детски работилници и јавно читање сликовници. Како дел од фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори, што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.“

(Официјалниот постер и целосниот визуелен идентитет на фестивалот е на Доминик Вуковиќ, еден од главните гости на фестивалот/ Извор на сликата: Официјалната страница на Литера на Фејсбук)
Како што велат луѓето кои стојат зад фестивалот: „Преку квалитетна илустрација за деца ја развиваме визуелната култура на децата, промовираме што повеќе македонски сликовници да се преведуваат во светот.“
За повеќе информации, следете ја официјалната Фејсбук страница на Литера.
Извори:
Официјалниот настан за Литера 2023 на Фејсбук.
Порталот „Сакам да кажам“

