Георги Господинов е еден од најпознатите современи писатели од Балканот. Бугарскиот писател веќе долго време го освојува европскиот пазар, а е прилично популарен и во Македонија. Преку неговите носталгични, нежни нишки кои ги провејува во своите дела, тој знае да ве замисли, насмее, знае и на интересен начин да прави сатира на општеството.
(Георги Господинов со Анџела Родел, преведувачката која го преведе романот на англиски јазик. Извор на сликата: официјалната веб-страница на наградата „Букер“)
Вчера вечерта беше објавено дека неговиот роман „Засолниште во времето“ (на англиски јазик преведен како „Time Shelter“) е добитник на една од најпрестижните книжевни награди „Меѓународна Букерова награда“. Меѓународната награда „Букер“ се доделува на најдоброто меѓународно дело преведено на англиски јазик и објавено во Велика Британија или Ирска.
Лејла Слимани, која беше претседавачка на жирито годинава (а чие име ви е можеби познато бидејќи кај нас е позната по романите „Совршената дадилка“, „Во туѓа земја“, „Во градината на ѕверот“) во поглед на доделувањето на наградатата, меѓу другото изјави дека „Засолниште во времето“ е „брилијантен роман, полн со иронија и меланхолија. Тоа е длабоко дело кое се занимава со едно мошне современо прашање: Што се случува со нас кога нашите сеќавања ќе исчезнат? Георги Господинов чудесно успева да се справи и со индивидуалните и со колективните судбини и токму оваа сложена рамнотежа меѓу интимното и универзалното нè убеди и допре.“
Таа додава:
„Во сцените кои се бурлескни, но и срцепарателни, тој го доведува во прашање начинот на кој нашата меморија е цемент на нашиот идентитет и нашата интимна нарација. Но, тоа е и одличен роман за Европа, континент на кој му треба иднина, каде што минатото повторно се измислува, а носталгијата е отров. Ни нуди перспектива за судбината на земји како Бугарија, кои се најдоа во срцето на идеолошкиот конфликт меѓу Западот и комунистичкиот свет.
Тоа е роман што повикува на размислување и будност колку што нè трогнува, бидејќи јазикот – чувствителен и прецизен – успева да ја долови, во прустиев тон, крајната кревкост на минатото. И овој роман, во своајта форма, испреплетува голема модерност со референци кон главните текстови на европската литература, особено преку ликот на Гаустин, еманација од светот на работ на истребување.
Преведувачката, Анџела Родел, успеа брилијантно да го претстави овој стил и јазик, богат со референци и длабоко слободен.
Минатото е само приказна што се раскажува. И не сите раскажувачи го имаат талентот на Георги Господинов и Анџела Родел.“
Оваа книга уште минатата година се најде на листата со препораки на блогот, се работи за едно одлично дело, толку препознатливо за Господинов, во кое, како што наведов во препораката и кусиот осврт, „тој се фокусира на носталгијата и минатото, преку таканаречени „клиники за минатото“. Тој ја истражува врската која луѓето ја имаат со носталгијата и минатото преку нивната поврзаност со различни декади. Но, истовремено тој дава интересни метафори и за состојбата во Европа.“
Македонското издание на романот е на Или-Или, а минатата година Господинов беше во Скопје и го промовираше романот.
Инаку Господинов е многу популарен кај македонската читателска публика и преку неговите останати дела како „Физика на тагата“, „Сите наши тела“, „Природен роман“, „И сè стана месечина“, „И други приказни“, итн.
Честитки!
Во продолжение погледнете го и видеото од актерот Тоби Стивенс како чита/изведува извадок од романот:

