Музичко-сценскиот проект „Поетроника“ ќе има премиера во МНТ!

Се подготвува нешто интересно и необично во МНТ!

На 8 јуни, со почеток од 21 часот, во Македонскиот народен театар ќе се случи премиерата на музичко-сценскиот електронски акт насловен како „Поетроника“, интересна кованица од зборовите „поезија“ и „електроника“. Творци на овој проект се актерот Оливер Митковски и музичарот Андеја Салпе и судејќи по описот поставен на официјалениот настан на Фејсбук, станува збор за интересен културен настан кој спојува две уметности: поезијата и музиката.

(Извор на сликата: Македонски народен театар/Фејсбук)

Според описот од страна на Македонскиот народен театар, „Поетроника“ е „проект кој содржи избор на дела од македонското поетско творештво ставено во современ музички контекст“.

Понатаму, организаторите велат:

„Покрај спецификата дека станува збор конкретно за македонско поетско творештво опфаќајќи ги хронолошки сите генерации поети, Поетроника се разликува од сите досегашни слични обиди во самиот пристап кон наративот и се труди да ги избегне стереотипите за тоа како се интерпретира и каква музичка форма прилега на едно поетско изразување. Така на пример, методологијата кон самата нарација е повеќе драмска што значи дека од примарно значење е намерата, поттекстот и емоционалната состојбата на поетот или нараторот преку еден минималистички разговорлив израз на сметка на дикцијата или клишеизираната мелодија/боја на гласот. Не ретко фразите стануваат и репетитивни како мантри што во суштина е една од основните карактеристики на современата електронска музика“

Според најавите, оваа интересна изведба ќе трае 75 минути и ќе се изведува на Големата сцена во МНТ. Цената на билетот чини 500 денари и можете да го купите по електронски пат или на билетарницата на МНТ.

За повеќе информации следете го официјалниот настан на Фејсбук или официјалната Фејсбук страница на МНТ.

Leave a comment