Наградата „Букер“ е една од најпрестижните книжевни награди која се доделува во светот, која започна како награда за книги издадени во Велика Британија, но која со текот на годините доби и своја меѓународна верзија, „Меѓународна Букерова награда“ која пред неколку дена ја доби бугарскиот писател Георги Господинов. Салман Ружди e еден од најпознатите писатели на 20 век, кој неодамна преживеа многу опасен напад со нож и тоа на сцена. Тој го преживеа нападот, но остана парализиран на една рака и го изгуби видот на едното око. Досега бил седум пати номиниран за оваа награда и еднаш ја има добиено, и тоа за неговиот роман „Деца на полноќта“.
Официјалната веб-страница на наградата „Букер“ и Сара Шафи решија да напишат текст со препораки за номинираните книги на Ружди, препорачувајќи ни да ги прочитаме овие книги. Во продолжение прочитајте го текстот.

Малку писатели се толку врзани за „Букеровата награда“ како Салман Ружди. Седум од неговите 12 романи за возрасни биле номинирани, повеќе од кој било друг автор, а пет од нив имаат влезено во потесниот избор.
Ружди еднаш ја доби „Букеровата награда“, во 1981 година, за „Деца на полноќта“, книга која доби и специјална награда, „Букерот на Букерите“, во 1994 година, која беше доделена за да се одбележи 25-годишнината од доделувањето на наградата, како и „Најдоброто од Букерот“, награда која беше доделена во 2008 година за да се прослави 40-тата годишнина од Букеровата награда“ и за која гласаше јавноста.
Неговите номинации се протегаат низ 38 години, а тоа е речиси целата негова писателска кариера. Неговата последна номинација беше 2019 година за неговиот роман, „Кишот“.
Салман Ружди постојано се предизвикуваше себеси – и неговите читатели – во текот на неговата кариера, со романи сместени во различни времиња и места, реални и измислени земји, мешајќи го магичниот реализам со сатирата и коментарите за денешниот свет. Не плашејќи се да поставуваат тешки прашања, неговите дела ги поврзува тоа што често нудат разиграност, уникатна смисла за хумор и желба да ги туркаат границите на книжевните норми и обичаи.
Тој, се разбира, привлекуваше контроверзии, особено околу неговото дело „Сатански стихови“ од 1988 година, кое беше во потесниот избор за „Букеровата награда“, чие објавување доведе до тоа врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хомеини, да издаде фатва за Ружди. Во август 2022 година, Ружди беше нападнат додека беше на сцена на настан во Њујорк, добивајќи сериозни повреди.
Неодамна од печат излезе неговиот нов роман насловен како, „Победнички град“, па во таа чест, прочитајте кои седум романи на Ружди кои биле номинирани за „Букеровата награда“ треба да ги прочитате според Сара Шафи и „Букер“.
„Деца на полноќта“ (1981)
Децата од насловот на романот кој ја доби „Букеровата книга“ во 1981 година се родени точно на полноќ, на 15 август 1947 година, точниот момент кога Индија конечно стана независна држава.
Меѓу нив има две бебиња родени во истиот негувателски дом во Бомбај, едното во богато семејство со потекло од Кашмир, а другото е дете на пејачка, напуштена од Англичанец. Децата по грешка ги заменува медицинска сестра, и муслиманското новороденче го добива името Шива и го воспитува улична пејачка, додека богатото семејство Азиз/Синај го добива другото дете и го именува Салем; и тоа е детето кое е наратор на романот.
Освен што на виделина ги изнесува предизвиците кои се појавија при раните години од независноста на Индија, Ружди, исто така, во романот внесува елементи на магичен реализам; Салем, како и сите родени во исто време со него, има посебни моќи. Неговите моќи се поврзани со телепатија и мирис, што му овозможува да ги намириса другите деца за да може да ги собере заедно.
Иако ова е само вториот роман на Ружди, по „Гримус“ од 1975 година, „Деца на полноќта“ постигна огромен критички и комерцијален успех и опстои низ годините од неговото објавување.
(Насловната корица на македонското издание на „Деца на полноќта“, во издание на „Магор“)
„Њујорк тајмс“ во својот критички осврт на книгата напиша дека „книжевната карта на Индија ќе биде прецртана“. Рецензентот Кларк Блез рече дека како „книга за Бомбај“ таа е „груба, полна со знаење, удобна со индиската поп култура и, пред сè, агресивна“ и „текот на книгата ита кон својот заклучок во контрапунктирана хармонија: митовите непроменети, историјата е отчетна и еден извонреден лик е целосно жив“.
Во книжевниот додаток на „Тајмс“, Валентина Канингам напиша дека она што ја направило книгата „толку вртоглаво и возбудливо читателско искуство е начинот на кој таа ја опфаќа не само целата количка со јаболка во Индија и проблемот околу тоа да биде роман за Индија, туку и … работата да биде воопшто роман“.
Влијанието на романот на Ружди е можеби најдобро сумирано од романсиерот Малколм Бредбери, кој претседаваше со жирито кога Ружди ја доби наградата. Тој во својот говор кога се доделуваше наградата предвиде дека 1981 година и околните години „во ретроспектива ќе се гледаат како главно време на создавање и изуми“.
Тој додаде дека „Децата на полноќта“ е „дело со извонредна амбиција и изобилство“, кое нуди „надеж за новиот развој на романот“ и е напишано од некој чие дело ќе биде „од трајно значење“.
„Срам“ (1983)
Овој роман беше објавен две години по „Деца на полноќ“, и сенката на таа книга и нејзиниот успех надвиснаа над „Срам“ и ги подели критичарите. Сместен меѓу „Деца на полноќта“ и „Сатански стихови“, двете најпознати дела на Ружди, овој роман често паѓа во заборав.
Вклучен во потесниот избор за „Букеровата награда“ во годината на неговото издавање, „Срам“ е сместен во замислена земја која силно наликува на Пакистан и вклучува ривалство помеѓу двајца различни мажи: едниот прославен воин, другиот развратен плејбој. Како и многу од романите на Ружди, тој е коментар за политичкиот развој на една земја, како и забавна книга со огромен број ликови.
Романот се фокусира на Омар Кајам Шакил, кого неговите три мајки го научиле да живее живот без срам. Кога ја напушта тврдината на своите мајки и се вљубува, тој е фатен во тековниот дуел помеѓу познатиот воен моќник, генерал Раза Хајдер и богатиот сопственик и социјалист, Искандер Харапа. И двајцата, иако се ликови сами по себе, се исто така и личности од пакистанската политика: генералот Мохамед Зиа ул-Хак и Зулфикар Али Буто.
Давајќи осврт на романот во „Њујорк Тајмс“, Роберт Тауерс напишал дека стилот на Ружди го смета за „извор на задоволство, светол прилив на зборови што среќно ме издигнаа покрај најзаканувачките замки и вирови на оваа невозможна приказна“.
„Тајмс“ напиша дека „Срамот“ е „исто толку добар како „Децата на полноќта“…црна комедија на јавниот живот и историските императиви“.
„Сатански стихови“ (1988)
Несомнено најпознатиот роман на Ружди на светско ниво, контроверзноста околу „Сатански стихови“ понекогаш може да ја засени позицијата на книгата како големо книжевно дело.
Како и „Деца на полноќта“ и „Срам“ пред него, „Сатански стихови“ зборува за едно големо ривалство. Овој пат, фокусот е на легендарната боливудска филмска ѕвезда Џибриел Фаришта и Саладин Чамча, гласовен актер. И двајцата преживуваат експлозија во киднапиран авион, се мијат на англиска плажа и се преобразени во ангел и ѓавол.
Вметнувајќи елементи на магичен реализам, како и инспирајќи се од приказни од основањето на Исламот, романот беше во потесниот избор за „Букеровата награда“, а исто така ја освои и наградата „Вајтбред“. „Киркус Ревјус“ ја опиша книгата како „надреална халуцинаторна гозба“ и „забава во највисоката смисла на тој многу експлоатиран збор“.

(Ружди со своето најпознато дело „Сатански стихови“/Извор на сликата: Los Angeles Times)
Говорејќи пред церемонијата на „Букеровата награда“ во 1988 година, Ружди рече дека „Сатански стихови“ е книга за промените: „Се работи за видот на промена што доаѓа кога ќе се преселите од еден дел на светот во друг… и за ефектот што го има врз индивидуалното „јас“ или на групата, расата или културата. Станува збор за видот на промена што доаѓа кога во светот доаѓа нова идеја, како религија. Се работи за транзиција, се работи за преобразба“.
Ружди беше, и сè уште е, предмет на фатва издадена во 1989 година од ајатолахот Хомеини, повикувајќи на смрт на авторот и тоа го принуди да живее под постојана полициска заштита цели девет години. „Сатански стихови“ исто така беше забранет во голем број земји, вклучувајќи ја и Индија.
„Последната воздишка на Мур“ (1995)
Петтиот роман на Ружди, „Последната воздишка на Мур“ бил напишан и објавен додека авторот сѐ уште се криел поради фатвата.
Станува збор за приказна за Мораес „Мур“ Зогоиби, кој е последниот во низата на искривена и фантастична династија на трговци со зачини и господари на криминал од Кочин. Како компулсивен раскажувач, книгата го гледа како ја раскажува лавиринтската приказна за неговото семејство и нивната историја. Централно место во светот на Мур е неговата мајка Аурора Зогоиби, талентирана сликарка, како и она што ѝ се случило. Насловот на романот е референца на две слики, една од мајката на Мур, Аурора, и една од нејзиниот некогашен штитеник и љубовник, Васко Миранда, кој станува непријател на Мур.
Давајќи осврт на книгата во „Њујорк Тајмс“, Норман Раш ја нарече „триумфална, сложена и измамничка“. „Киркус Ревјус“ го нарече романот „неверојатно инвентивна фикција“ и предвиде дека ќе ја добие „Букеровата награда“. Тоа не се случи, иако беше во потесниот избор во 1995 година. „Паблишерс викли“ објави дека книгата имала првичен печатен тираж од огромни 100.000 примероци, што ја одразува желбата на јавноста за романите на Ружди по „Деца на полноќта“.
„Последната воздишка на Мур“ беше дел од листа од 100-те романи кои според „Би-би-си“ кои го обликувале нашиот свет.
„Кловнот Шалимар“ (2005)
Љубовна приказна, поглед на екстремизмот и како соседите можат да се свртат едни против други, и парабола за Америка, „Кловнот Шалимар“ на Ружди е роман раскажан главно преку ретроспективи кои ги откриваат животите на неговите клучни ликови.
Главниот лик е вешт шетач на јаже, легенда во неговиот роден дом во Кашмир, кој, во времето во кое се одвива дејството во романот, работи во Лос Анџелес како шофер. Едно утро, Шалимар се буди, оди на работа и го убива својот работодавец Максимилијан Офулс, поранешен шеф на американската единица за антитероризам, пред вонбрачната ќерка на Офулс, Индија. Убиството има свои корени во Кашмир и наскоро станува јасно дека четвртата фигура, која демнее во сенка, ги поврзува Шалимар, Индија и Офулс.
Давајќи осврт на книгата во „Обзервер“, Џејсон Каули напишал: „Пишувајќи во неколку различни регистри, Ружди го комбинира чудото на бајките со цврстината на тврдиот, политички реализам; на моменти, особено во долгиот дел што ги раскажува воените искуства на Макс, делува како да читате нешто блиску до загреаното новинарство“.
Сухејл Сади за „Индепендент“ напишал дека романот е „и длабоко вознемирувачки и неизмерно трогателен“, додавајќи: „Кашмирецот Салман Ружди пишува од срце додека ја опишува оваа темна блескавост. Неговата проза, како Кашмир, е извонредна и скршена работа составена од болка и убавина. Во земниот, поетски суфизам, тој совршено ја доловува егзистенцијалната интимност меѓу љубовниците и меѓу луѓето, песната, танцот и земјата.
Волшебничката од Фиренца (2008)
Истражувајќи ја врската помеѓу Истокот и Западот низ два града, „Волшебничката од Фиренца“ беше на поширокиот список за „Букеровата награда“ во 2008 година.
Романот, како и голем број романи на Ружди, содржи приказна во приказна: прикажува млад европски патник кој пристигнува во Сикри, дворот на императорот Могул Акбар. Патникот, кој себеси се нарекува Могал на љубовта, тврди дека е син на изгубената принцеза, Леди Црни очи, чие име и постоење се избришани од историјата на земјата. Се верувало дека Леди Црни очи поседувала голема моќ на маѓепсаност и волшебство, и по серија киднапирања од страна на измачувани воени лидери, била однесена во макијавелистичка Фиренца. Таму, таа се обидела да заповеда со сопствената судбина во свет со кој управуваат мажи.
Амер Хусеин за „Индипендент“ рекол дека „љубителите на историската фантазија ќе бидат воодушевени од фирентинската нишка, сложеното испреплетување на историјата и имагинацијата“, но романот е меѓу најмалку критички ценетите на Ружди, со голем број рецензенти кои се фокусираат на обемот на истражување на авторот за приказната и како тоа се прикажува.
Ејми Виленц за „Лос Анџелес Тајмс“ рекла дека има моменти на брилијантност во романот, пишувајќи: „Овде и таму, како ситен блескав накит што ѕирка од огромната, плодна земја, има прекрасни делови од смешното, нервозно пишување на Ружди. Има прекрасни делови за пејзажното сликарство, за борбата на море и за затворањето, како и кратки, проникливи погледи на брачниот живот… и на јавните чуда создадени од маѓепсникот.“
Кишот (2019)
Комбинирајќи ги „Дон Кихот“ на Сервантес со американскиот филмски жанр за патувачки авантури, „Кишот“ му обезбеди на Ружди рекордна седма номинација за „Букеровата награда“.

(Насловната корица на македонското издание на „Кишот“, во издание на „Артконект“)
Главниот јунак на романот е просечниот писател Сем Душам, кој го создава ликот на Кишот, дополнителен продавач опседнат со телевизија, кој неверојатно се вљубува во телевизиската ѕвезда Салма Р. Со својот имагинарен син Санчо, Кишот тргнува во потрага низ Америка за да се покаже достоен да ја освои раката на Салма. Во меѓувреме, неговиот творец, во средовечна криза, има свои предизвици.Во испреплетувањето на приказните за Кишот и Душам, Ружди се осврнува на судирот меѓу реалноста и илузијата и создава портрет на Америка во време на интензивни промени.
Јохана Томас-Кор за „Обсервер“ напиша дека романот е „дело на лута имагинација“ и „ќе ги натера читателите да го сакаат Ружди повеќе“. Во „Спектатор“, Лукаста Милер велеше дека тоа е заслужена номинација за „Букеровата награда“ и дека го покажа Ружди во неговото најдобро светло. „Ние сме погодени меѓу очите“, напиша таа, „од вртоглавиот опсег на фиктивни позиции и приказни налик Керуак преку криминална фантастика до научно-фантастичен Армагедон и сè до грчка трагедија“.

