Наградата за литература на ЕУ е една од поважните книжевни награди во Европа, која започна да се доделува во 2009 година и која досега ја имаат добиено и неколку македонски книги, како „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилески (2010), „Резервен живот“ на Лидија Димковска (2013), „Секој со своето езеро“ на Ненад Јолдески (2016) и „Страв од варвари“ на Петар Андоновски (2020)
Во последно време сè почесто се преведуваат наградените романи и на македонски јазик, а еден од нив е и романот „Наслада“ на Марта Ѓидо, полска писателка, режисерка и активистика, која досега има објавено четири романи и една збирка есеи. Нејзиниот најуспешен и најпознат роман е токму „Наслада“, кој ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2019 година. Македонското издание на романот е на издавачката куќа „Артконект“, со превод на Илија Трајковски, а е објавен како дел од проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература поддржан од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Како што се зборува во најавата за романот, сижето ветува и делува интересно, велејќи:
„Кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, во една приградска населба на Варшава, препуштајќи ѝ се на страста, двајца млади љубовници го очекуваат новиот милениум – исплашени дека ќе настапи крајот на светот. Сакаат да испробаат сè. Но нивната желба да им се противат на конвенциите ќе ја проголта и нивната врска…“
„Наслада“ е роман љубопитен за сите форми на љубовта и за можноста да се љуби отворено и искрено, дури и кога луѓето не веруваат дека нивната љубов може да опстане.
Според весникот „Газета виборча“, „авторката вешто и искрено раскажува за искусувањето на страста, за љубовта која никој не ја нарекува со вистинското име.“ Во продолжение прочитајте и неколку интересни мисли од романот:
„Загреана и маслинова се наднесуваш над мене, мократа коса ти мириса на океанот…
Por que tudo é tão triste?
Зошто сè е толку тажно?“
„Стојам на аголот од улицата, носам сино фустанче, крадешкум ѕиркам дали доаѓаш. Воздухот е густ како пудинг. Се витлее прашина. Се празни и настапува тишина. Во далечината блесок. На масите наредени пред кафеаната се развејуваат белите чаршафи. Најпрво немир, само миг подоцна, возбуда. Се наближува бура.“
„Пеперутка. Мрзеливо шмугната сончевина. Замижани клепки. Зрна песок залепени на кожата. Дланка, што миловито ја галка тревата. Навиткан прамен коса меѓу усните. И ние помеѓу сето ова – крадци на животот.
Паметиш?“

