„Папокот на светлината“ на Венко Андоновски влезе во потесен избор за Толстоевата награда!

Папокот на светлината“ на македонскиот писател Венко Андоновски, годинава се најде во по потесен избор за престижната светска книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“. Романот на Венко Андоновски, кој досега ја доби наградата „Стале Попов“ и беше финалист за наградата „Роман на годината“, е во друштво со романите „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија) и „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).

(Извор на сликата: Издавачки центар ТРИ/prikazni.mk)

Финалистите беа објавени минатата недела од страна на жирито кое е составено од: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински. Од 30 номинации од 16 земји, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за овие осум наслови.

Како што е наведено на „Приказни.мк“, „Папокот на светлината“ на руски го превела Олга Панкина, еминентна преведувачка, македонистка и промоторка на македонската култура во Руската Федерација, која исто така го превела и неговиот роман „Папокот на светот“. Ова е втора номинација на Андоновски за оваа награда, во 2017 година беше номиниран неговиот роман „Папокот на светот“, но не се најде во потесниот избор.

Името на лауреатот ќе биде објавено во октомври, на свечената церемонија на доделувањето на наградите „Јаснаја Полјана“. Наградата jа добиваат писателот и преведувачот. Книжевната награда „Јаснаја Полјана“, која на Запад популарно ја нарекуваат и „Источен Букер“, е востановена во 2003 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг електроникс“. Наградата се доделува за најдобро прозно дело во четири номинации: современа руска проза, странска литература во превод на руски јазик, пропуштени ремек-дела и личност.

Во продолжение прочитајте ги и изјавите на двајца членови на жирито по овој повод, кои се преземени од „Приказни.мк“.

Изјава на писателот Владислав Отрошенко:

 „Оваа година имаме една од најизбалансираните кратки листи за странска литература. Нема доминација на некој јазик или регион. Располагаме со преводи од шпански, кинески, германски, македонски, англиски. Најпрво, би сакал да ве запознаам со еден исклучително талентиран автор од Источна Европа, кој веќе пред неколку години го привлече вниманието на жирито со едно друго дело („Папокот на светот“ во превод на Олга Панкина) и тогаш предизвика, добро се сеќавам, најжив и најголем интерес. Тоа е македонскиот писател Венко Андоновски. Нема сомнение дека денес тој е предводник и врвен претставник на балканската литература, длабоко ценета во Русија. Неговиот нов роман „Папокот на светлината“, во извонредниот превод на Олга Панкина, е прекрасен спој на умот, темпераментот, мудроста, имагинацијата и уметничкиот вкус. Во некоја смисла, близу до неговото дело е романот на албанскиот писател Исмаил Кадаре „Палата на соништата“. Иако книгата е напишана пред многу години, дури и денес, откако се појави за првпат на руски, таа навистина фасцинира, бидејќи е длабока работа што може да постои надвор од времето и да зборува за сите времиња, вклучително и за нашето“.

Изјава на писателот Павел Басински:

„Овогодишниот потесен избор е интересен не само поради разновидните високоуметнички текстови во одлични преводи, туку и поради географската широчина на опфатот. Застапени се сите континенти освен Австралија: Европа, Азија, САД, Латинска Америка, Африка. Ова е навистина глобален поглед врз современата светска проза во нејзината најдобра форма“.

Leave a comment