Хана Корнети е млада домашна авторка која во 2021 година го издаде своето првенче „Млечни заби“ и тоа во издание на „Или-Или“. Се работи за збирка раскази кои се фокусираат на различни теми и некако првиот пат кога излегла оваа книга ми се проникнала низ радарот, па затоа сега решив да ја прочитам. Како што веќе најавив на блогот, во последно време се трудам за авторите и авторките од Македонија, како и нивните дела, да пишувам засебни текстови за поголема промоција на домашната книжевност.
Со оглед на тоа дека се работи за првенче, оваа книга на Хана е толку свежа и полетна, додека ја читате ќе се насмеете, ќе се замислите, ќе се обидете да навлезете во темата на секој поединечен расказ и кога ќе завршите ќе имате едно чувство на инспирираност, замисленост, некои нешта со сигурност ќе ве потсетат на младоста, а доколку сте млади ќе се пронајдете во дел од ликовите и нивните размислувања, особено борбата на младиот човек да се сознае себеси, животот, самиот процес на созревање. Таа младешка нишка е проткаена со нишка на зрелост, а тој баланс одлично го доловува начинот преку кој луѓето ги истражуваат темите кои се важни за нив, без оглед на нивната возраст.
Самиот наслов „Млечни заби“ ме потсеќа токму на тоа: Млечните заби се еден од составните делови на нашето растење, кои потоа паѓаат и се заменуваат со нови, трајни, а и самиот процес понекогаш е болен, какво што е всушност и созревањето. Интересно, во самата збирка, Хана Корнети ги поврзува млечните заби со принципите, што е многу интересен начин да се гледа на тоа. Самиот поим „Млечни заби“ остава простор вие како читател различно да ја интерпретирате метафорите.
Секој расказ е посебен, иако може да се види дека голем дел од расказите се вртат околу некои од главните теми со кои се преокупираме како луѓе: растењето, смртта (начинот на кој таа влијае врз нас и како ја перцепираме како контратежа на животот), заљубувањето, пријателствата, неискажаните работи.
На пример, „Како да се постават темели“ ја истражува наивноста на првата детска симпатија, „Како да се разбуди човек“ е многу интересен расказ кој делува како директно авторката да зборува со нас и ни „дозволува“ малку да ѕирнеме во процесот на пишување, додека сепак ни го прикажува нејзиниот лик, па оттаму може да се запрашаме кој е всушност главниот лик во расказот, авторката или нејзиниот лик? „Ловец на соништа“ ме потсети на болката кога еден млад човек ќе биде изневерен штом реши да се отвори на некој друг.
„Одморот“ е текст кој верувам дека ќе им биде особено интересен на миленијалци, генерација која порано растеше преку одморите, особено големите одмори со големи друштва и тоа секогаш беше толку хаотично (и полно со спомени). „Лебедова песна“ ми беше особено симпатичен расказ, бидејќи според мене тука хуморот најмногу блеска, а е спротиставен на една тешка тема која одлично се обработува во тие кратки страници.
„Денот кога умре татко“ истражува како трауматичните настани влијаат на еден човек и за некои одредени „што би било – кога би било“ моменти (не откривам многу за да не направам „спојлер“). „Непратено писмо“ е расказ кој многу ми се допадна, затоа што секој од нас има неискажани работи во нас, нешта кои посакуваме да ги запишеме и пратиме некому, или барем некогаш сме помислиле на тоа. „К.Д.О.Ф“ е необичен и интересен расказ кој нуди две перспективи, додека пак насловниот расказ „Млечни заби“ зборува за едно необично пријателство, но и односите меѓу луѓето. „Исчезнување на Дамата“ е одличен расказ кој ја има добиено втората награда за краток расказ на конкурсот на „Нова Македонија“.
Во продолжение прочитајте и некои од моите омилени мисли од книгата, а јас се надевам дека наскоро ќе прочитаме и нешто ново од Хана Корнети, бидејќи има одличен и свеж стил на пишување. Книгата можете да ја најдете на интернет страницата на „Или-Или“ или во нивната книжарница (во близина на средното училиште „Јосип Броз Тито“, до слаткарницата „Крин“).
Омилени извадоци од книгата:
„Недостатокот ја одредува желбата.“
„Таа зрачеше со енергија, како сонцето. Јас бев повеќе ѕвезда што паѓа, метеор кој е неколку секунди на небото.”
„Свеста, гласот, движењата, станаа одвоени а споени со единствена јасна, лебдечка мисла – ако продолжам да се раздвојувам, дали ќе се дезинтегрирам како одраз во бара откако некој ќе ја скрши површината со камче, или како совршен триаголник од топчиња за билијард кои одлетуваат во геометриски хаос по насилниот удар на белото топче?”
„Тие што зборуваат најмалку, носат најмногу нераскажани приказни.”
„Во патешествијата низ земниот живот ќе налетаме на секакви бараби и бербати.”
„Највалканото и најнеорганизирано место кај секој од нас е потсвеста.”
„Не сакам последната емоција да ми биде страв.”
„Некако знаеш како… лесно е да се сака човек оддалеку. Вистинскиот предизвик е да го сакаш одблизу.”
„Никита, мислам дека најромантичните мигови во животот се живеат кога си сам.”
„Бирократија е, впрочем, многу практичен начин да му се каже на човек среде трагедија дека животот продолжува, повелете сметка.”
„Очите секогаш нè издаваат.”
„Најголемата фантазија е дека некој друг ќе ни ги реши проблемите. Дека ни фали некој да нè турне во права насока, да ни ги исполни празнините, да ни каже што е добро, што е лошо, кого да сакаме, кому да веруваме.”
*Извадоците се преземени од: Корнети, Хана. „Млечни заби“. Скопје: Или-Или, 2021

