Меша Селимовиќ е еден од најпознатите балкански писатели кој е толку препознатлив по својот стил на пишување, меланхоличноста на неговите размислувања кои се трудат да проникнат во животот и неговите (навидум) неодгатливи прашања. Неговите најчитани дела се „Тврдина“ и „Дервишот и смртта“, а јас последниов период се трудам да ги прочитам сите негови дела, па така, во декември го прочитав романот „Остров“, кој се најде во листата со препораки, минатиот месец го прочитав „Тишини“, неговиот прв роман, кој исто така беше на листата на препораки, а во моментов го читам „Круг“, неговиот последен и формално недовршен роман, па тој најверојатно ќе се најде во следната листа со препораки. Интересно е како еден по друг ми се погодија неговиот прв и неговиот последен роман.
Едноставно бев воодушевена од „Тишини“ и од тоа како Меша го доловува внатрешниот монолог и внатрешната битка на еден релативно млад човек кој се враќа од ужасните боишта на војната и кој сега треба да се навикне повторно на животот и во процесот се труди да се пронајде себеси, да го разбере светот и да види во што се претворил тој, но и неговиот однос кон луѓето и љубовта.
Искрено препорачувам да ја прочитате книгата, а бидејќи денес е точно еден месец откако ја прочитав книгата (ова е сосема случајно, сега, додека привршував со текстот забележав дека се поклопуваат датумите), решив да споделам некои од најубавите мисли од книгата кои се надевам дека ќе ве поттикнат да ја прочитате. Иако е можеби негов прв роман, сепак блеска неговата меланхолична брилијантност и дел од овие мисли и после еден месец се вртат во мојот ум.
„Еден дел од мојот живот заврши, а другиот уште не почнал, и не сум никаде, па како да ми се случи нешто во мигновниот прескок од она што бев во она што сè уште не сум.“
„Ќе стане граѓа за приказна: да, беше убаво. Сега не е убаво, ама сеедно ми е, го чувствувам веќе мирисот на утрешниот заборав и ја насетувам розовата боја на спомените што ќе останат по сè.“
„Овде само суровоста не паѓа во очи“.
„Навистина, малку носам во новиот живот. Сè што имам е во сеќавањето.“
„Веќе сè знаев за неа, одамна: сигурна во себе и затоа неранлива, уверена во својата сила, зашто е студена, лојална и одродена, калуѓерка во своето чувство за самостојност, горда на кострежот од своеволно наметнатите ограничувања.“
„Јасно, навикната е на сè на што не треба човек да се навикнува.“
„И таа насмевка ми е позната, воздржана, едвај чујна, само нејзина, како да не му е упатена на некој друг, туку како случајно да ја открива, а таа не сака така.“
„Земи нè, реко, впиј нè, сонце. Сè чекаше на овој зажарен час што нема ни минато ни иднина, што се признава само себеси, и сè во него е можно.“
„И празните зборови можат да бидат ведар клопотарец, потребно е да се изговараат зборовите, понекогаш нè прелажуваат со својот звук и со нашата желба да им веруваме. И поверуваме, барем за миг. И за миг, тоа не е малку.“
„Ме боли главата од пиењето и ногата од шрапнелот. За главоболката јас сум крив, за шрапнелот во ногата не сум: го добив во борбата за промена на светот. Главоболката ја добив сакајќи со светот да воспоставам блискост. Сега мислaм дека можеби е полесно да се менува светот отколку со него да се стане близок.“
„За ниедна животна патека не постои водич, секоја е неистражена, неповторлива, затоа во животот авантурата е правило, а не исклучок, зашто патувањето е низ неистражени предели, кои никој по нас не може да ги повтори…“
„Јас бев она што можев, тој тоа што сакаше.“
„Вие интелектуалците сè терате до апсурд. Тоа ти е животот: убавото и грдото, некогаш повеќе едното, некогаш другото, добро е што не е само грдото.“
„Слушај – ѝ велам – зборувам сериозно: ајде да се венчаме. Нема да добиеш многу. Шашав сум, несреќен, често непријатен, во животот сигурно нема далеку да дотуркам, ама ќе те сакам. Ако ти е доволно, согласи се. “
„Бакни ме.
Природно ли е тоа? На улица?
Нема никого.
Природни сме кога нема никого.
„Пораката е покана, потсетување на себе, обид да се одбраниме од туѓиот заборав, барање милост. Така никогаш не знаеме на што сме.“
„Несреќите нè изделија, живееме секој за себе. Ѕидот од нашите неволји е помеѓу нас. И сеќавањето на она што било, и што би можело да биде да не беше вака, зашто, за чудо, најмногу мислиме на минатото. Само кога ќе наиде болката, не мислиме на ништо, несреќни сме и огорчени, и знаеме само за тој миг на мака. Секој самиот си го страда своето.“
„И на љубовта треба да се навикнеме.“
„Имаше времиња кога си мислев дека меѓу луѓето сè може лесно да се уреди, видов дека е можно, а сега ми се чини дека луѓето се едноставни само во тешкотиите.“
„Не, мислам за тоа дека сме неправедни кон книгите, секогаш бараме да одговараат на нашите расположенија, ако се поинакви, сметаме дека се лоши.“
„- Човек со сè се открива, со збор, со поглед, со постапка.
– Човек се крие, со збор, со поглед, со постапка, со сè.“
„- Се плашиш од љубовта.
– Не се плашам од љубовта. Се плашам од ризикот. И зависноста. И можната болка. Ја поддржувам во себе подготвеноста за отстапување. Да не биде полошо.
– Секогаш со едната нога во бегство.
– Секогаш со половина себе во љубов. Другата половина ја оставам во готовност да го извлече лудакот. Ама таа нецинична половина многу те сака. Толку, што целиот ме измамува. Вечерва ти се нудам сиот. Кажи ми дека ме сакаш, што те запира?“
Извадоците се преземени од: Селимовиќ, Меша. Тишини. Скопје: Антолог, 2021

