„Творештвото“ од Ана Ахматова!

На денешен ден, 23 јуни, 1889 година, се родила една од најпознатите руски поетеси Ана Ахматова. Таа се родила во Одеса, а починала во Москва во 1966 година. Нејзиното творештво е големо и опфаќа огромен период од неколку декади. Нејзините песни се исклучително значајни за руската поезија, па така некои ја нарекуваат и кралица на руската поезија, иако нејзиниот живот бил полн со турбуленции и тешки моменти, а во времето на сталинизмот била и една од оние кои биле погодени од тешката и сурова цензура и пресметка со уметниците и во одреден период ѝ било забрането да објавува поезија, бидејќи наводно се сметала за „буржоаска поетеса“, па во тој период живеела од нејзините преводи.

(Извор на сликата: Daily Art Magazine)

Има многу да се пишува за животот и делото на Ана Ахматова, па се надевам дека наскоро на блогот ќе успеам да објавам нешто повеќе за нејзиното творештво, за нејзиниот творечки процес, уметност и живот.

Дотогаш, во нејзина чест, денес читаме нејзини стихови и песната „Творештвото“.

Творештвото – Ана Ахматова

Бидува така: некој копнеж в душа;
Не молкнуваат во уши ударите на часовите.
Татнеж глув на гром во далта одвај што се слуша;
Незнајни се и заробени гласовите
На кои им слушам поплаки и стон –
Се стеснува некој таен круг,
Но во таа бездна на шепотења и матен ѕвон
Се искрева еден победнички звук.
Непоправлива, сè под власт тишината зема,
Така што се слуша и растењето на шумската трева
И чекорот на злото со торба по земјата цела…
Но глеј, веќе шум од зборови се крева
И сигнални ѕвончиња од рими нежни –
Тогаш почнувам сè да сфаќам јас,
И се пластат врз страниците белоснежни
Редовите едноставно издиктирани тој час.

1936 – 1960 г.

Песната е преземена од изданието: Ахматова, Ана. Избрани песни. Скопје: ТРИ, 2021.
Избор и препев од руски јазик: Ефтим Клетников

Leave a comment