Секој читател си има свое омилено место за читање (некогаш имаме и повеќе омилени места за читање), место кое ни дава одредена атмосфера и чувство и прави да се чувствуваме опуштено. За мене, тоа најчесто е мојата домашна фотелја која ми дава неверојатна удобност, но исто така обожавам да читам и на отворено, особено во Градскиот парк во Скопје, кој нуди мир и опуштеност, нешта што ми помагаат да се внесам целосно во моментот и читањето.

(Извор на сликата: Pexels)
Додека размислував на темава, сосема случајно налетав на една интересна статија на веб-страницата на издавачката куќа „Пингвин“ и решив да ги пренесам нивните заклучоци, дискусии и предлози околу тоа кои се најдобрите места за читање, па можеби ќе ве инспирира да се обидете да вметнете нешто ново во вашите читателски навики. Во продолжение прочитајте го текстот, а најдолу можете да пристапите до оригиналниот текст на англиски јазик.
***
Уште од почетокот на човештвото, читателите се обидуваат да одговорат на едно од најосновните прашања: Каде е, всушност, најдоброто место за да се опушти човек со книга? Во кафуле? Некаде на отворено? Во кревет? Во воз?
Науката за пресметување на метриката за читање, т.е мерења на податоци за удобност, фокус, амбиент, можност за вртење на страниците и друго, е навистина несовршена, но го задолживме нашиот тим за пишување од „Penguin.co.uk“ да дојде до некои одговори. Подолу, петмина од нас напишаа страсни размислувања за нашето омилено место за читање, прошарани со некои одговори што ги добивме од вас, читателите. Еве кои се најдобрите места за читање…
Во кафуле/Во јавност

(Извор: That’s What She Had)
Замислете го ова: подалеку од прометните улици се наоѓа совршениот скриен скапоцен камен во форма на кафуле, со неговите загреани прозорци и аромата на свежо мелено кафе, па речиси и можете да слушнете како го извикуваат вашето име. Нарачувате големо капучино (или чај) со парче од изложената торта со најекстравагантен изглед, и трчате до таа пријатна кадифена кожна фотелја на која не седи никој. Конечно, време е да отворите книга и да го ставите телефонот на режимот „Не вознемирувај“. (Не може никој да дојде до вас во период од еден час или три часа? Обвинете го слабиот сигнал!)
Ова е причината зошто скромното кафуле нуди незаменливо искуство при читањето. Тоа е импровизирано катче за читање далеку од дома, истовремено е засолниште од надворешниот свет, но и еден цел мал свет сам по себе. Прилагодете се на „празната врева“ составена од благите брборења и наизменичниот шум на машината за еспресо или тестирајте ги вештините за мултитаскинг со прислушкување на непријатниот прв состанок што се случува веднаш до вашата маса. Без оглед на вашиот вкус за книги или пијалоци, седењето во кафуле може да биде прекрасен ритуал при читањето.
~ Рејчел Дили
Што рекле читателите на „Пингвин“ за нивното омилено место за читање:
На појадок во кафуле пред да одам на работа. Секаде каде што можам да избалансирам отворена книга, да бидам мирна за момент или да се сокријам, во лето, во градината. Читаме за да знаеме дека не сме сами – но и да патуваме и сонуваме“.
@MelanieHewitt61
„Позната сум по тоа што читам додека стојам во редица и чекам да бидам послужена во продавница“.
@ameliarate123
Во кревет

(Извор: Pinterest)
Вирџинија Вулф ја знаела вредноста да се има сопствена соба – се разбира, таа зборувала за предусловите за пишување книга, но истото може да се каже и за читањето. Зашто, само кога сте завиткани во вашиот јорган, обвиени во меката тишина на вашиот дом, можете вистински да потонете во приказната што ја читате.
Главната привлечност, освен удобноста да се лежи хоризонтално со часови, е дека ќе бидете целосно невознемирени. За разлика од читањето во парк, каде што има инсекти и (уште полошо) други луѓе, или читањето во кафуле, каде што пасивно-агресивниот келнер или пасивно-агресивната келнерка ќе ве праша дали сте сигурни дека не сакате уште едно кафе, читањето во кревет дозволува едно вистинско време да се биде сам со себе.
Затоа, запалете свеќа со мирис на ванила, земете зелен чај и дозволете топлиот сјај на вашата ламба покрај креветот да ја осветли страницата додека се губите себеси во измислен свет.
~ Кејти Расел
Што рекле читателите на „Пингвин“ за нивното омилено место за читање:
„Во мојот кревет до моите кучиња.“
@Clubdino3
„Во кревет во сабота/недела наутро. Со кафе.”
@DropCapCopy
Во парк/ На отворено

(Извор: Enotes Blog)
Моето омилено место за читање сигурно е лежењето во паркот, или барем некаде надвор, кога небото е совршено сино, а денот е топол. Никогаш не сум барала концентрирана тишина за читање, па кога ќе дојде еден од овие ретки денови, земам една книга во раката и со намера одам до мојот локален парк веднаш по патот.
Откако ќе се сместам под некое дрво, бидејќи секогаш читам под сенка, бучавата во позадината создадена од другите луѓе кои го водат својот секојдневен живот околу мене, можеби со куче или две, ме прави да се чувствувам совршено спокојна. За разлика од нив, јас не треба да бидам на друго место. Јас сум опуштена, разгалена со моето време и можеби дури и малку самозадоволна поради тоа.
Моето совршено место за читање, исто така, има секундарна придобивка што ми дозволува да внесам сериозна енергија на „главен лик“: во мојата глава си замислувам дека сум интелигентна, но малку чудна главна хероина од филм или книга, луксузно го живеам нејзиниот најдобар живот; помислете на Џулија Робертс во „Нотинг Хил“ или Анита во „101 Далматинец“ и ќе сфатите за што зборувам. Буквално најдобро место за читање.
~ Луси Хол
Што рекле читателите на „Пингвин“ за нивното омилено место за читање:
„Апсолутно сакам да читам надвор на топлото сонце. Но всушност читам секаде каде што можам.“
@silveralso„Под дрво во парк :)“
@Shubhanshu__
За време на патување/ Во воз или авион

(Извор на сликата: Freepik)
Јас сум доволно голема личност за да признаам: поубаво е, можеби, да читаш книга во кревет; помагично е да се чита на отворено; подобро за твоето его, сигурно, да те видат како читаш во кафуле. Но, прашањето е каде е најдоброто место за читање книга? И тоа сигурно е во авион или воз.
Дома и низ градот, вечно сум искушуван да ме одвлечат од мојата книга: пријателите; одговорностите; секое ужасно, завивачко известување од мојот телефон. Понекогаш, се прашувам дали целосно ја изгубив способноста да читам како порано. Потоа се качувам во авион, или воз, каде што бежичниот интернет или постојано паѓа или е премногу скап;
Одеднаш сум неограничен, слободен да си дозволам целосно и нераскинливо да потонам во мојата книга, способен да прочитам стотици страници на едно седнување, само повремено ја кревам главата за да погледнам низ прозорецот или грицнам нешто. Добар начин да успеете да прочитате нешто? Не, тоа е најдобриот.
~Стивен Карлик
Што рекле читателите на „Пингвин“ за нивното омилено место за читање:
„Намерно фаќам воз за Лондон кога треба да го посетам тој град, тоа значи 7 часа непречено читање. Прекрасно.”
@thedubhdog„Патување (воз, метро, авион) + во мојот двор“.
@MarcelaM11
Покрај прозорец

(Извор: Book Direct)
Ако не го трошам слободното време помеѓу страниците на книгата, тогаш обично може да ме најдете некаде на отворено, идеално некаде во селата. Затоа, може да биде изненадување тоа што моето омилено место за читање е покрај прозорец – обично оној што гледа кон мојата градина.
Има нешто навистина посебно во тоа да бидам впиена во книжевен свет додека фрлам поглед кон вистинскиот свет, гледајќи ги променливите годишни времиња и приспособувајќи го мојот избор на книга да одговара со нив. Јас сум тип на човек што посегнува по роман сместен во снежен пејзаж кога првиот налет на снег ќе падне надвор. Исто така, ми се допаѓа звукот на отворен прозорец: песната на птиците во летен ден или дожд кој удира по покривите, како и бонус поени за татнеж на гром за да ги подобрат тие дополнителни пријатни вибрации за читање.
~ Сара Мекена
Што рекле читателите на „Пингвин“ за нивното омилено место за читање:
„Кога е лето – во мојата задна градина. Во поладни денови – дома“.
@richard12296523„На троседот со шолја чај и нешто за јадење… за време на ручек или време за чај, кога и да е – ми одговара!
@PiercyRohase
