Минатиот месец, во мај, Георги Господинов ја доби „Меѓународната Букерова награда“, една од најважните и најзначајните книжевни награди, за неговиот роман „Засолниште во времето“, која кај нас е издадена од издавачката куќа „Или-Или“.
„Засолниште во времето“ е еден многу интересен роман кој ја истражува нашата врска со времето, особено со минатото. Како ние луѓето бараме „спас“ во минатото, а тоа Господинов го истражува со таканаречените „клиники за минатото“, но истовремено ја разгледува не само поединечната врска, т.е врската на поединецот со минатото, туку и врската на државите (со фокус на Европа) со минатото и тенденцијата да се размислува и гледа во минатото, минато кое многумина го нарекуваат „добрите златни времиња“.
Досега ја имам препорачано книгата на блогот и можете да прочитате кус осврт – тука, но со оглед дека ми остана книгата во главата, а и фактот дека ја доби „Меѓународната Букерова награда“, помислив дека е убаво да ги издвојам моите омилени мисли од книгата за да можат и читателите да добијат некоја одредена слика за романот, како и за топлиот, човечен стил на Господинов.
И зарем не е така, зарем не бараме сите некакво засолниште во времето, утеха, цел, начин да го разбереме животот?
Прекрасни мисли од романот „Засолниште во времето“
„Се сеќавам, се разбира, и на неколку важни молчења, но нив не можам да ви ги прераскажам.“
„Да, ги нема старите крчми и старите мајстори, војната што претстоеше тогаш, исто така е помината, поминаа и други војни, само паниката остана.“
„Има ли минатото рок на траење?“
„Минатото не е само тоа што ти се случило. Понекогаш е она што самиот си го замислил.“
„Минатите времиња се движат, ветреат лесно како отворено шишенце парфем, но ако имаш нос, секогаш можеш да уловиш малку од нивниот мирис.“
„И без тоа нема друга машина за патување низ времето освен човекот.“
„Може ли минатото да биде одживеано или составено одново? И треба ли?
И колку минато, всушност, може да поднесе еден човек?“
„Ако не сме во нечие сеќавање, дали воопшто нè имало?“
„Умот, кога нè напушта, нè остава да си поиграме за последен пат во вечните полиња на детството. Неколку измолени, ајде уште само пет минути, како едно време пред да си одиме дома. Пред да нè повикаат за последен пат.“
„Времето за љубов мина, доаѓаше време на омраза. Ако хејтот беше бруто-домашен производ, тогаш растот на благосостојбата во некои земји ќе се кренеше до небо.“
„Дали човек може да се создаде на тој начин, на делови, преку спомените на другите и што би се добило на крајот, какво франкештајнско чудовиште на минатото би излегло од сето тоа? Нешто залепено од апсолутно несовпадливи сеќавања и претстави на толку многу луѓе.“
„Има нешто, има тага и тежа, кои наместо да ослабнуваат, како да се засилуваат со годините. И тоа сигурно е поврзано со сè побрзото празнење на собите во моето памтење.“
„Еден совет од мене, никогаш, никогаш не посетувајте го по долго отсуство местото што сте го оставиле како деца. Тоа е изменето, испразнето од времето, напуштено, призрачно. Таму. Нема. Ништо.“
„Тоа што нема да се осмелам да го направам, се претвора во приказна.“
„И кога се свртија назад, си ја видоа иднината…“
„Порано или подоцна сите утопии се претвораат во историски романи.“
„Толку многу ме нема. Светот е пренаселен со моето отсуство. Животот е таму каде што не сум. Каде и да сум…“
„Човекот не е направен да живее во затворот на едно тело и едно време.“
*мислите се преземени од: Господинов, Георги. Засолниште во времето. Скопје: Или-Или, 2020

