Чарлс Дикенс е еден од најпознатите писатели на сите времиња. Неговите романи и приказни едноставно се чинат дека никогаш не можат да застарат. Досега на блогот можевте да прочитате за тоа зошто треба да го читаме Дикенс, но денес можете да прочитате еден прекрасен напис кој беше објавен на страницата „School of Life”, кој открива неколку клучни моменти од детството на Дикенс што длабоко влијаеле на неговиот живот. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да пристапите на текстот во неговата оригинална форма на англиски јазик.

(Извор на сликата: School of Life)
Речиси ниту еден друг писател не бил толку успешен, без разлика дали се работи за критички или комерцијален успех, како Чарлс Дикенс. Тој бил убедливо најпродаваниот автор од викторијанската ера: сакан од милиони читатели ширум светот (вклучувајќи ја и самата кралица Викторија). Неговите романи како „Оливер Твист“, „Дејвид Коперфилд“, „Големите очекувања“, „Божиќна приказна“, секогаш биле препечатувани и инспирирале безброј филмски, театарски и телевизиски екранизации и заземале централно место во западната книжевност. Тој дури ни остави во аманет и придавка – „Дикезијанска“ – за да се спротивстави на придавката на Викторија како опис на неговата доба.
Но, Дикенс го поминал поголемиот дел од својот живот криејќи ужасна тајна, тајна која помага да се расветли неговиот необичен гениј…
Роден во Портсмут во 1812 година, Чарлс Дикенс бил второто од осумте деца. Неговиот татко, Џон Дикенс, работел како службеник за морнарицата, водејќи евиденција и сметки за платите на офицерите. Тоа било доволно респектабилна кариера, дури и со особено висока плата. Но, Џон бил решен на сопругата и децата да им го даде животот што тој сметал дека го заслужуваат.
Семејството Дикенс се преселило во Лондон, а подоцна и во Чатам, Кент, каде што живееле во модерна, трикатна куќа со тераса во близина на центарот на градот. Тие имале куќна помошничка и готвачка; децата посетувале приватни училишта. Накратко, тие изгледале како модел на џентлментско семејство од средна класа.

(Домот на семејството Дикенс, денес е музеј/Извор на сликата: School of Life)
Чарлс, најстариот син, бил гордост на неговите родители. Учел добро на училиште, читал незаситно – меѓу неговите омилени книги биле „Робинсон Крусо“ и „Арапските ноќи“ – и се обидел да напише неколку рани приказни инспирирани од „Арапските ноќи“. Тој бил роден забавувач: сакал да се качува на масите во нивната локална таверна за да ги забавува патроните со комични песни. Тој сонувал да стане познат актер…или можеби кловн.
Неговиот татко ги поттикнувал неговите амбиции. Откако го слушнал Чарлс како се восхитува на величествената селска куќа покрај која честопати поминувале на прошетки низ селата околу Кент, тој му ветил на својот син дека еден ден може да ја поседува, „сè додека работи доволно напорно“.
Но, кога Чарлс имал дванаесет години, неговиот живот се урнал. Удобниот живот на неговото семејство бил изграден врз песок. Постепено се покажало дека неговиот татко тајно земал огромни заеми за да го финансира нивниот начин на живот кој постојано се подобрувал. Тој должел пари низ целиот град – и сметките доаѓале.
Во обид да ги избегне своите доверители, тој го преселил семејството назад во релативната анонимност на Лондон. Тие биле принудени да го продадат речиси целиот свој имот – вклучително и мебелот и сребрените чинии. Но, во 1824 година, судските извршители конечно им влегле во трагата. Џон Дикенс бил уапсен, изведен на суд и фрлен во затвор поради долгови.
Во тие денови, да се биде должен се сметало за кривично дело. Тоа очигледно било бесмислен закон; оставајќи ги затворените без никакви средства да го вратат она што го должат. Но, таква била искривената, одмаздничка логика на која се засновало англиското општество.
Џон Дикенс бил затворен во „Маршалси“, мрачен затвор на бреговите на реката Темза. Остатокот од семејството, мајката на Чарлс и четирите помали браќа и сестри, се преселиле во затворот со него. Сите освен самиот Чарлс…

(Цртеж од затворот „Маршалси“/Извор на сликата: The School of Life)
Преку ноќ, дванаесетгодишниот Чарлс станал единствениот извор на приход на семејството. Тој бил отпишан од училиште и испратен да живее кај ексцентричен роднина кој раководел со трошен пансион во Камден. За да си ја покрие киријата – и да придонесе за отплата на долговите на татко му, некој друг роднина му нашол работа: работел во фабриката за црни чизми, „Ворен“, која се наоѓала на брегот на реката Странд. Седејќи сам во мала, темна вдлабнатина во ѕидот на фабриката, тој поминувал 10 часа на ден сечејќи и лепејќи етикети на тегли со лак за чевли.
За ова, тој добивал шест шилинзи неделно, што денес би било еквивалентно на околу 18 фунти или 3 фунти на ден.
Работата била напорна и мачна. Фабриката била нечиста, замрзната и преплавена со стаорци. Грешките се казнувале со ќотек. За чувствителното момче што ги сакало книгите и кое само неколку недели претходно сонувало за слава и богатство, тоа не било ништо помалку од пекол на земјата:
„Ниту еден збор не може да ја изрази тајната агонија на мојата душа додека чувствував како моите рани надежи да пораснам во учен и угледен човек бидуваат згмечени во моите гради. Не може ни да се опише чувството што го имав, а тоа беше дека сум крајно запоставен и безнадежен; срамот што го чувствував од мојата позиција; мизеријата на моето младо срце беше да верувам дека, од ден на ден, она што го научив, мислев и од кое се воодушевував, си заминуваше од мене и никогаш повеќе нема да се врати.“
Немал пријатели, немал изгледи и немал надеж за бегство. Нејасното ветување дека ќе му биде обезбедено основно образование за време на паузата за ручек било тивко заборавено. Кога фабриката ги преселила просториите во попрометната населба Ковент Гарден, богатите минувачи застанувале да го гледаат низ прозорецот додека работел – заострувајќи ја неговата свест за јазот меѓу богатите и сиромашните. Во оние ретки прилики кога некој ќе му „тутнел“ неколку парички од сожалување, тој влегувал во некој луксузен ресторан и го нарачувал најевтиниот производ од менито – само за да се сети како е да се живее „почитуван“ живот.

(Портрет на Чарлс Дикенс од младоста/Извор: The School of Life)
Неговата единствена забава била да ги набљудува ексцентричните ликови кои работеле заедно со него во фабриката, како Боб Фегин, љубезен постар колега кој го научил како да го врзува конецот на теглите и кој живеел во Маршалси. Во неделите, кога го посетувал своето семејство во затворот, тие му раскажувале приказни за другите затвореници: живописни детали кои тој внимателно ги чувал за понатамошна употреба…
Џон Дикенс бил во затвор три месеци кога се случило чудо. Неговата свекрва ненадејно починала, оставајќи му на семејството скромно наследство. Тоа било доволно да се исплатат доверителите на Џон и да се купи неговата слобода.
Но, откако станале зависни од парите што ги носел Чарлс, неговите родители инсистирале тој да остане да работи во фабриката. Поминала цела година пред конечно да му биде дозволено да се врати на училиште. Дури и тогаш, неговата мајка се обидела да го убеди да остане, предавство за кое Чарлс никогаш не ѝ простил: „Никогаш нема да заборавам, никогаш не можам да заборавам, дека на мајка ми ѝ беше драго што ме вратија назад“.
Како и многу семејни трауми, целата епизода била фрлена под превезот на тишината. Никој во семејството, вклучувајќи го и Чарлс, никогаш повеќе не ја спомнал нивната несреќа. „Од тој час до овој, татко ми и мајка ми се неми. Никогаш не сум слушнал ниту најмала алузија на тоа, колку и да е далеку и оддалечено, од ниту еден од нив“. Како никогаш да не се случило…
Кога го завршил училиштето, Чарлс нашол работа како службеник во адвокатска канцеларија. Откако научил стенографија, тој станал парламентарен известувач, пишувајќи забавни резимеа од дебатите во комората. За да ги надополни своите приходи, тој почнал да пишува приказни и скици за списанија на страна: живи, комични делови од животот во Лондон. Во 1836 година, кога сè уште имал само 24 години, ги објавил првите делови од она што ќе стане негов прв роман: „Документите на Пиквик“. По првично слабата продажба, книгата станала бестселер, лансирајќи ја неговата книжевна кариера.
Во текот на следните 34 години, Дикенс објавил повеќе од 20 книги. Тие му донеле слава не само во Обединетото Кралство, туку и во Европа и Америка, каде толпи обожаватели се собирале на пристаништето за да го чекаат пристигнувањето на најновиот „број“ на Дикенс. Тој се сретнал и се спријателил со кралицата Викторија, која добивала рани примероци од секој нов роман. Можеби она што најмногу му донело задоволство од сè, е тоа што во 1856 година, тој го исполнил пророштвото на неговиот татко, односно ја купил селската куќа (Гадс Хил Плејс, во Кент) на која некогаш ѝ се восхитувал како момче.

(Куќата на која ѝ се восхитувал како момче и која на крај сепак станала негова/
Извор: The School of Life)
Но, во текот на неговиот живот, практично никој, ниту неговите читатели, ниту неговите пријатели, дури ни неговото семејство, не знаеле што му се случило на Дикенс како момче. Свесен за тоа како стигмата на криминалот и сиромаштијата ќе влијае на неговата репутација, тој ја чувал својата тајна до крајот на неговиот живот. „Од тој час до овој, ниту еден збор од тој дел од моето детство не беше пренесен на ниту едно човечко суштество“.
Тој ја раскажал својата приказна само на една личност: неговиот близок пријател и прв биограф Џон Форстер. Откако Форстер го притиснал за детали за неговото минато, тој напишал тајно сведоштво за несреќите на неговото семејство и годината што ја поминал во фабриката, под услов Форстер да го објави дури откако Дикенс ќе умре. Форстер останал верен на своето ветување: кога неговата биографија се појавила во 1872 година, две години по смртта на Дикенс, неговите сопствени деца биле шокирани кога ја откриле вистината за нивниот татко.
Сепак, совршен писател на мистерии каков што бил, Дикенс оставал траги насекаде. Неговите искуства се појавуваат, во прикриена форма, во неговите романи. Таму, можеме да најдеме наивни, штедливи татковци, како г-дин Микаубер во „Дејвид Коперфилд“ (1850), ладни, бездушни мајки, како госпоѓица Хавишам во „Големите очекувања“ (1861), цели семејства затворени во затворот „Маршалси“, како семејството Дорит во „Малиот Дорит“ (1857) и експлоатирани деца работници, како Пип, Оливер Твист и Дејвид Коперфилд, кои засекогаш се обележани од сиромаштијата и бедата на нивната младост.
Сега кога тајната на Дикенс е откриена, можеме да видиме како таа го обликувала на два клучни начини. Прво и најочигледно, тоа му дало искуство од прва рака за систематските суровости низ кои проаѓале сиромашните во Англија. Тој станал доживотен општествен критичар: користејќи ги своите романи како средство за разоткривање на најлошите делови на викторијанското општество (детската работа и експлоатација и законите за должниците се два главни примери) и се залагал за реформи. Во тоа, тој често бил успешен: низа Закони за фабриките насочени кон подобрување на работните услови за децата биле донесени во текот на неговиот живот (иако малолетничката работа нема да биде целосно забранета во Велика Британија до почетокот на 20 век), додека злогласниот Закон за должниците бил укинат во 1869 година.
Второ, а можеби и подлабоко, го обликувало неговото разбирање за човековата психологија. Концепцијата на Дикенс за детската психологија е една од најрадикалните иновации на неговата фикција. Викторијанското доба го сентиментализираше детството како време на блажена невиност, ослободено од световни грижи и грижи. Но, во романите на Дикенс, децата целосно сведочат за ужасите на светот на возрасните. Сите тие се премногу свесни за суровоста што ја трпат, како и за неправдата на општеството кое дозволува нанесување на суровост.

(Извор: The School of Life)
Она на што го научило детството на Дикенс, нашата психа е формирана – и деформирана – од нашите најрани искуства. Целата слава, пари и обожавање што ги нашол во подоцнежните години никогаш не можеле целосно да ги излечат лузните од неговото минато.
„Дури и сега, славен и гален и среќен, често во соништата заборавам дека имам драга сопруга и деца; дури и дека сум маж; и пусто талкам назад во тоа време од мојот живот“.
Така, тој бил еден од првите автори што го опишал феноменот што сега го нарекуваме „траума од детството“. Можеби не е случајно што еден од неговите најблиски читатели бил Сигмунд Фројд, чиј интерес за развојот на детето ќе стане еден од основните столбови на психотерапијата.
Како што сфатил Дикенс, мора да најдеме начин да ја обработиме и да ѝ дадеме глас на нашата детска траума – без разлика дали преку пишување или терапија – ако сакаме да се опоравиме од нејзините ефекти.
