Започна јули, летото е во полн ек, а многумина веќе ги започнаа одморите или наскоро ќе отидат на одмор. Летото е одлично годишно време за читање и одморање, па така можеби месечната листа со препораки ќе ве инспирира да прочитате некое од делата предложени подолу.
„Книгољупци“ – Емили Хенри

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Опис: Морам да признаам дека она што најпрво ме привлече за книгата беше насловот, но немав некои големи очекувања, сепак уживав во оваа книга. Ова е од оние книги кои се совршени за на плажа, за лето, книга со многу интересни ликови и интересни приказни.
Нора Стивенс е книжевна агентка, која си ја сака својата работа, иако сите животни полиња не ѝ одат баш најдобро. Таа се гордее и многу ја сака својата помала сестра, а нивниот живот е полн со загуби. Нејзината трудна сестра ѝ предложува да одат на одмор во едно мало место за да поминат малку повеќе време заедно пред да се породи, а Нора не може да ѝ каже не. Кога одат таму, таа постојано налетува на Чарли, намуртен книжевен уредник со кого таа неколку пати имала не баш пријатни средби. Но, среде малото гратче Саншајн Фолс, Нора почнува да учи повеќе за себе, да создава врски и учи да се препушти на моментот.
Книгата е романтична комедија, но истовремено и навлегува во семејните односи, тагите кои луѓето ги носат во себе и истражува што значи да се препуштиме на моментот и дека понекогаш мораме да научиме да се потпреме на другите.
Омилена мисла од книгата: „Оттогаш помина цела деценија и знаев дека никогаш повеќе нема да имам сè, и затоа единствено сакав да верувам дека еден ден повторно ќе имам доволно. Болката нема секогаш да биде толку силна. Луѓето како мене не остануваат скршени засекогаш.“
„Список за душа“ – Кејси Вест

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е одлична книга за млади или оние кои сакаат да читаат книги за млади, а се случува за време на летните одмори, па така некако е супер за читање во овој период.
Младата Аби е талентирана и надежна сликарка, чиј сон е да се запише на добар универзитет и да ги изложува и продава своите слики. Како и секоја млада личност и Аби се соочува со предизвиците на раснењето, осознавањето, создавањето сопствена патека. Како и секој млада личност, така и Аби сака да се заљуби, да дознае што е тоа љубовта, иако потајно е заљубена во нејзиниот најдобар другар.
Аби е решена да влезе на изложбата во нејзиниот роден град, бидејќи тоа е одлична можност за неа, но тоа лето истовремено е можност таа да испроба работи кои дотогаш не ги пробала и да излезе од удобната зона. Навистина слатка и симпатична книга, се чита за еден ден, и на многу убав начин ги доловува предизвиците на растењето и влегувањето во светот на возрасните.
„Љубена“ – Тони Морисон

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Тони Морисон е првата Афроамериканка која ја доби Нобеловата награда за книжевност, а токму романот „Љубена“ во 1988 година ѝ ја донесе Пулицеровата награда за белетристика. „Љубена“ е роман кој е делумно инспириран од вистински настан и кој неверојатно искрено и брутално ја доловува ужасноста и грдото лице на ропството во САД, како и неверојатниот и брутален расизам со кој се соочувале Афроамериканците.
Сета е родена како робинка, но успева да избега од имотот „Свит Хоум“ во Охајо, непоколеблива во одлуката дека нема да дозволи нејзините деца да минуваат низ истите грозоморни искуства, но нејзината приказна е полна со болка, иако таа успешно бега, цената која ја плаќа е превисока. Романот се движи со нелинеарен тек, односно започнува во Сета во реално време и потоа се движи назад во минатото, па повторно во реалното време на раскажување, па затоа бара концентрација.
Романот има и елементи на магичен реализам, честопати ќе се двоумите дали нешто е реално или не, но секогаш можете да бидете уверени колку е реално и вистинско злото и колку е одвратно лицето на расизмот и ропството. Тони Морисон е искрена, сирова и не ги зашеќерува овие теми, па затоа и самиот тон е мрачен и тажен, но и не ни може да биде поинаку.
Омилена мисла од книгата: „…дефинициите им припаѓаат на оние што дефинираат – не на оние што се дефинирани.“
„Круг“ – Меша Селимовиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: Последниот роман на Меша Селимовиќ за жал е и недовршен. Откако го завршив романот навистина размислував за тоа колку би бил фантастичен романот кога би бил заокружен.
Според мене, ова е најфилозофското и најполитичко дело на Меша Селимовиќ, од аспект на идеолошки дебатирања и самата тематика. Освен тоа, од она што го имам читано, а и објавено на романот, имам чувство дека самиот роман е многу личен и силно црпи од животните искуства на Меша и неговата лична трагедија поврзана со неговиот брат.
Во романот го следиме Владимир, млад дечко кој е прогонуван од споменот на неговиот брат кој бил убиен кога тој бил многу мал и цел живот смета дека живее со неговата сенка. Во меѓувреме, неговиот брат станува херој, а Владимир се труди да навигира во тој свет, размислувајќи за тоа како се менуваат работите, и честопати се доведува себеси во ситуација да дебатира колку исправноста на партијата на која и тој е член и на идеологијата за која неговиот брат го дал животот. Одлична книга и приказна, со многу интересни филозофски дебати, вистинска штета е што не успеал да ја заврши.
Омилена мисла од книгата: „Уметноста е толку моќна што е смешно да се држат политички говори: тоа е замор, дервишев теспих, здодевен есенски дожд, смог. Уметноста е силата на молњата, свежината на пролетта, силата на животот. Нејзиното волшепство е семоќно. Таа секогаш зборува за сè. Таа памети, потсеќа, љуби, никого не заобиколува, секого трогнува, присутна е во сè што е човечко.“
„Лажливиот живот на возрасните“ – Елена Феранте

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Елена Феранте е дефинитивно една од најпознатите и најуспешните современи писателки. Нејзиниот серијал „Мојата генијална другарка“ направи вистински бум во светот на книжевноста и до ден денес ме воодушевува таа приказна.
Од таа причина многу се израдував кога дознав дека нејзиниот роман „Лажливиот живот на возрасните“ е издаден и на македонски јазик.
Романот дефинитивно го следи препознатливиот стил на Феранте, пишувајќи за семејните односи, растењето, женските прашања проткаени низ секојдневниот живот и нивниот однос со себе и другите. Таа ова го истражува преку тинејџерката Џована која влегува во пубертет и почнува да размислува на оние прашања кои ги мачат младите луѓе. Во една прилика слуша како татко ѝ вели дека таа личи на тетка си Викторија, која е забранета тема во нивната куќа.
Па така Џована добива желба да ја запознае, надевајќи се дека така ќе дознае повеќе за себе. Што ќе ѝ донесе тоа? Ликовите на Феранте и тука се повеќедимензионални, со карактеристики кои ќе ви одат на нерви, но имаат причина зошто се такви.
Иако според мене овој роман не може да се спореди со серијалот „Мојата генијална другарка“, сепак е интересно четиво и доколку сте ја читале Феранте, ќе ви се допадне, а доколку не сте читале ништо од неа, сепак препорачувам најпрво да го прочитате серијалот (кој не е поврзан со оваа книга, но ќе ви даде подобра претстава за стилот на Феранте)
Омилена мисла од книгата: „Доволно беше само кратко да се погледнат оние привилегираните што имаа убаво лице, за да се открие дека зад убавото лице се крие пекол ист како оној што се гледаше на грдите и грубите лица.“
