Денес на блогот читаме прекрасна македонска поезија и стиховите на Матеја Матевски!
Сон – Матеја Матевски
Сè повеќе ридот се крева пред неговиот поглед
зад него остануваат треви троскотишта и бурјани
Потоа нискогорица се траќа меѓу красти и камењари
врз кои сонцето јачи
Наеднаш сенките се прибираат во шумата
а студот в срце
И ти сал одиш напред и пругоре среде дрвјата
по чистинките од старо лисје
високите по кои стада и магли пасат
Сонцето кон врвот влече и подалеку уште
со лишаи одделен и карпи со мовта на годините
Ти знаеш дека пак мораш да се изјазуваш
сал угоре подалеку и ридот
беспрекин да се виши
по копнеењето дално на небото
Зад врвот бездната зјае во грда несполука
а ти сал одиш напред
дур врвот пред тебе постојано
расте и се извишува
Извор: Од „Мадригал“.
Матеја Матевски. Копнеж по целина. Скопје: Мисла, 2005

Извор: Pinterest
