Летото е фантастично време за читање, но и за гледање филмови, особено кога сакаме да ги избегнеме овие (ако ме прашувате мене, неподносливи) жештини. Доколку сакате да направите пауза од читањето, денес на блогот ви препорачувам три интересни книжевни екранизации чии приказни се фасцинантни и интересни.
Доба на невиност (1993)

Каде можете да го гледате: Нетфликс
Опис: Првиот предлог за денес е филм кој веќе е станат класик. Се работи за екранизација на истоимениот роман на Едит Вартон, кој ја доби Пулицеровата награда за белетристика во 1921 година и со тоа Вартон стана првата жена која ја добила оваа престижна награда. Се работи за една мошне интересна приказна сместена во Њујорк на крајот на 19 и почетокот на 20 век, во кој општествените правила биле мошне поинакви од денес.
Младиот Њуланд Арчер е верен за Меј Воланд и судејќи по сите стандарди тие се совршен пар. Работите почнуваат да се менуваат како Елен Оленска, роднината на Меј, се враќа во Њујорк по нејзиниот неуспешен брак, нешто што во тоа време се сметало за огромен скандал. Овој роман и оваа приказна многу интересно навлегуваат во општественото лицемерие, односи и норми и преку приказната на неколку ликови дава многу искрен приказ за тоа каков тек може да фати животот.
Доколку не сте ја прочитале книгата, искрено ви ја препорачувам, а и овој филм е навистина многу убаво направен. Освен тоа режисер на филмот е Мартин Скросезе, еден од најдобрите режисери на сите времиња, и имајќи го предвид неговото портфолио на филмови, оваа приказна може и да е необична за него, но е направен маестрално, следејќи ги главните теми на приказната. Ова е пропратено со неверојатната и фантастична глума на Даниел Деј-Луис (Арчер), Мишел Фајфер (Елен) и Винона Рајдер (Меј). Винона Рајдер се закити и со номинација во категоријата „Најдобра актерка во споредна улога“, а филмот доби Оскар за најдобар костумски дијзан.
Погледнете го и промотивниот спот за филмот – тука.
На крајот од денот (1993)

Каде можете да го гледате филмот: Нетфликс
Опис: Уште еден филм од 1993 година, сосема случајно и непланирано го гледав веднаш по „Доба на невиност“. Одамна ми беше на листа, имајќи предвид дека навистина го сакам истоимениот роман на Казуо Ишигуро. Дури и ако го немате прочитано романот, доколку ви се допаѓа меланхоличниот стил на Ишигуро и британската книжевност, ќе ви се допадне приказната. Ова е исто така филм кој би им се допаднал на обожавателите на Downton Abbey.
Приказната се врти околу батлерот Стивенс кој целиот свој живот го поминал во служба на имотот на лорд Дарлингтон. Стивенс е еден од најпрофесионалните батлери, неверојатно лојален на својот работодавец. Во принцип приказната не следи линеарен приказ, односно започнува со тоа како Стивенс станува батлер на новиот работодавец г-н Луис, па така тој започнува преписка со г-ца Кентон, во која зборуваат за старите добри времиња, па тој решава да ја посети и да се сретне со неа, а во меѓувреме приказната се навраќа назад кога г-ца Кентон била домаќинка во куќата, некаде во период пред почетокот на Втората светска војна. Па така гледаме каков бил животот во куќата, гледаме како се одвиваат важни историски посети, спротиставено на животот на Стивенс и останатите кои служат во куќата. Многу години поминати, многу чувства поттиснати, една неверојатна нишка на меланхолија се провејува низ целата приказна.
Филмот исто така има феноменална актерска екипа, со Ентони Хопкинс и Ема Томпсон во главните улоги и неверојатно е да се гледаат во оваа приказна, едноставно генијално ги доловуваат емоциите, ликовите прават да навлезете целосно во приказната. Тука ќе го забележите и Хју Грант со помала улога и познатиот Кристофер Рив. И овој филм нема поминато незабележано на Оскарите и добил 8 номинации, меѓу кои Ентони Хопкинс бил номиниран за најдобра машка главна улога, Ема Томпсон за најдобра женска главна улога, Џејмс Ајвори за најдобар режисер, а и самиот филм доби номинација за најдобар филм.
Погледнете го и промотивниот спот за филмот: тука
Девојката од мочуриштето (2022)

Каде можете да го гледате филмот: ХБО МАКС
Опис: И како за последна препорака, решив да промешам со нешто полесно и забавно и релативно ново. „Девојката од мочуриштето“ е филм кој излезе во 2022 година и е релативно нов, направен според истоимениот бестселер на Дилија Овенс, за кој имам пишувано на блогот. Доколку сте љубители на лесни и интересни драми, со примеси на трилер/крими приказна, и оваа приказна ќе ви биде интересна, а сигурно ќе им биде интересна на оние кои ја прочитале (и на кои им се допаднала) книгата.
Приказната е сместена е во периодот од 50-тите и 60-тите години на 20 век и дејството се врти околу Каја, која од многу рана возраст живее сама во мала трошна куќичка покрај мочуриштето. Филмот и самата приказна ги истражуваат нејзините рани години и тешкото детство, но истовремено и се фокусира на откривањето на мистеријата за смртта на еден популарен млад дечко, смрт која го потресува малото место и неговите жители.
Главната улога ја игра Дејзи Едгар-Џонс, која е позната и по серијата „Нормални луѓе“, која исто така е направена според книга, серија која исто така ја имам препорачано на блогот.
Погледнете го и промотивниот спот за филмот: тука
Доколку ве интересираат и други филмови, погледнете ги претходните препораки на блогот:
Препораки за филмови за љубителите на книги! (1)
Препораки за филмови за љубителите на книги! (2)
Препораки за филмови за љубителите на книги! (3)
Доколку пак претпочитате серии, погледнете ги претходните препораки за серии:
Препораки за серии за љубителите на книги! (1)
