Марсел Пруст за причините поради кои читаме…

Марсел Пруст е еден од најголемите писатели во историјата. Неговото монументално дело, „Во потрага по изгубеното време“ е едно од најголемите ремек дела во историјата на книжевноста. Пред некоја недела се одбeлежуваше годишнина од неговото раѓање (10 јули 1871 година), па во негова чест, решив да го освежам блогот со содржина поврзана со Марсел Пруст.

Страницата Marginalian (или можеби ја знаете по нејзиното старо име, the Brain Pickings), објави неколку интересни извадоци на Пруст во кои тој зборува за тоа зашто читањето е прекрасно, а верувам дека сите ќе се сложиме со него. Во продолжение прочитајте го текстот.

(Извор: Pinterest)

До средината на своите дваесетти години, Пруст веќе објавил дела во престижни книжевни списанија. Но, тој допрва требало да напише роман. Кога имал дваесет и шест години, напишал илјада страници, а сепак се чувствувал заплеткан и неспособен да ја направи книгата кохерентна. Тогаш го открил големиот викторијански уметнички критичар Џон Раскин, чии записи го разбудиле неговиот ум.

Во текот на следните три години, Пруст се нурнал во плодното творештво на Раскин, па така, и покрај неговото несовршено познавање на англискиот јазик, почнал да ги преведува книгите што најмногу го трогнале, и опсесивно ги красел со фусноти. Многу години подоцна, Пруст го напишал седмиот и последен том од „Во потрага по изгубеното време“, неговиот сега веќе легендарен роман кој ги разгледува темите што се обидувал да ги истражи во тој фрустриран прв обид:

„Сфатив дека суштинската книга, единствената вистинска книга, е онаа што големиот писател не треба да ја измисли, во сегашната смисла на зборот, бидејќи таа веќе постои во секој од нас – тој треба само да ја преведе. Задачата и должноста на писателот е исто како онаа на преведувачот.“

Преводите на Пруст на делата на Раскин добиле свој живот. Предговорот на еден од неговите преводи на Раскин привлекол такво внимание што на крајот бил објавен одделно со наслов „За читањето“. Во него, Пруст ги разгледува пријатните парадокси на читањето:

„Читањето, за разлика од разговорот, се состои од тоа секој од нас да ја прими комуникацијата на друга мисла додека е сам, или со други зборови, ги раздвижува умствените моќи што ги имаме во самотијата, нешто што разговорот веднаш го брка од себе; иако душата е отворена за инспирација, душата сепак ги наталожува плодните напори од неа врз себеси.“

Тој размислува за незадржливото, универзално задоволство од читањето од детството:

„Веројатно не постојат денови од нашето детство што ги живеевме толку целосно како деновите што мислиме дека ги оставивме зад себе без воопшто да ги проживееме: деновите што ги поминавме со омилената книга. Сите други работи што ги исполнуваа другите денови, што од денешна перспектива ги избегнувавме како да се вулгарни пречки за светото задоволство – играта поради која пријателот доаѓаше да нè бара токму кога го читавме најинтересниот пасус; досадната пчела или сончевиот зрак што нè принудуваше да го кренеме погледот од книгата или да ја смениме положбата; слатките што бевме принудени да ги понесеме со себеси, но кои ги остававме недопрени на клупата до нас, додека над нашата глава сонцето почнуваше да избледува на синото небо; вечерата која нè чекаше дома, вечера која додека траеше ние не размислувавме на ништо друго освен да избегаме на горниот кат и да го завршиме, веднаш штом завршевме со јадење, прекинатото поглавје – нашето читање требаше да направи сето тоа да го сфатиме како ништо друго освен наметливи прекини но напротив, ни врежа толку среќни спомени за овие работи (сеќавања кои сега за нас се многу повредни од она што со таква страст го читавме во тоа време) што ако, денес, случајно ги прелистаме страниците на овие книги од минатото, тоа е само затоа што тие се единствените календари што ни останаа од тие минати денови, и ги вртиме нивните страници со надеж дека таму ќе ги видиме куќите и езерата кои веќе ги нема.“

Пруст го повторува елегантниот случај на Херман Хесе за тоа зошѕо највисоката форма на читање е нечитањето и ја смета за врвна награда за читање:

„Ова е една од големите и чудесни карактеристики на убавите книги (и онаа која ни овозможува да ја разбереме истовремено суштинската и ограничената улога што читањето може да ја игра во нашиот духовен живот): дека за авторот тие може да се нарекуваат заклучоци, но за читателот се провокации. Можеме да почувствуваме дека нашата мудрост започнува таму каде што завршува онаа на авторот и сакаме тој да ни даде одговори кога сè што може да направи е да ни даде желби/копнежи. Тој ги буди овие желби во нас само кога ќе нè натера да размислуваме за врвната убавина која не може да ја достигне на ниту еден друг начин освен со најголемите напори на неговата уметност… Крајот на мудроста на книгата ни се чини само како почеток на нашата, такашто во моментот кога книгата ни кажала сè што може, предизвикува чувство дека ништо не ни кажала.“

Пруст сугерира дека одличната книга ни го покажува патот до себе, и надвор од нас самите:

„Читањето е на прагот на нашиот внатрешен живот; може да нè води во тој живот, но не може да го создаде.

[…]

Затоа, потребна е интервенција што се случува длабоко во нас додека излегуваме од некој друг, импулсот на друг ум што го примаме во пазувите на самотијата.“

Извор.

Leave a comment