Албер Ками е еден од најдобрите филозофи на сите времиња и уживам кога откривам нови светови и нови написи и сè што е поврзано со него. Досега на блогот често сум покривала статии за Ками и неговото творештво и затоа многу се израдував кога успеав да дојдам до транскрипт на англиски јазик од неговото предавање „Човечката криза“ кое го одржал во 1946 година на универзитетот „Колумбија“.
Како што можете да видите на видеото подолу, актерот Виго Монтерсен вели дека ова предавање т.е излагање го држел и на колеџот „Бруклин“ и „Харвард“, со тоа што на универзитетот „Колумбија“ не го кажал воведниот говор кој можете да го прочитате подолу, иако го кажал на останатите две места, но Монтерсен вели дека го вклучил во тој говор бидејќи дава добра слика за хуморот и преговорите на Ками со француското Министерство за надворешни работи.
Уште еден интересен факт, во тоа време влез за предавањето чинело 60 центи за посетители и 30 центи за студенти. Како и да е, денес имаме можност да го прочитаме ова предавање и да уживаме во прекрасната и прецизна порака на Ками, која верувам дека е длабоко релевантна и денес. Најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик, а најдолу можете да најдете линк до англискиот транскрипт и видеото од интерпретацијата на Виго Монтерсен.

Вовед
Дами и господа, кога бев поканет да одржам серија предавања во Соединетите Американски Држави, почувствував некаков сомнеж и двоумење. Навистина не сум доволно возрасен да држам предавања, и поудобно се чувствувам при процесот на размислување отколку да давам категорични изјави… бидејќи не чувствувам дека полагам некакво право на она што генерално се нарекува вистина.
Го споделив ова двоумење и многу учтиво ми беше кажано дека моето лично мислење не е важно. Она што беше важно е дека ќе можам да понудам некои факти за Франција за да можат моите слушатели да формираат свои мислења. Тогаш ми беше предложено да ја информирам мојата публика за моменталната состојба на францускиот театар, француската книжевност, па дури и француската филозофија. Јас одговорив дека можеби е поинтересно да се зборува за извонредните напори на француските железнички работници или за видот на работа што ја вршат рударите за јаглен на северот.
Но, тогаш, сосема со право, ми беше укажано дека човек никогаш не треба да ги присилува своите таленти, и дека тие различни теми треба да бидат дискутирани од страна на експертите. Бидејќи јасно е дека не знам ништо за железнички прекинувачи, а книжевните прашања ме интересираат подолго време, некако поприродно е да зборувам за книжевност отколку за возови.
Конечно, разбрав.
Конечно, важно беше да зборувам за она што го знам и да дадам одредена смисла за тоа што се случува во Франција. Токму поради таа причина избрав да не зборувам ниту за книжевноста ниту за театарот. Книжевноста, театарот, филозофијата, истражувањето и напорите на целата нација се само одраз на основното прашање: на борбата за живот и за човештвото, прашање што нè преокупира во овој момент.
Францускиот народ чувствува дека човештвото сè уште е под закана. И тие исто така чувствуваат дека за да продолжат да живеат мора да спасат одредена идеја за човештвото од кризата што го зафати целиот свет. Од лојалност кон мојата земја, избрав да зборувам за оваа човечка криза.
Бидејќи сум тука да зборувам за она што го знам, најдобро што можам да направам е да го скицирам, колку што можам појасно, моралното искуство на мојата генерација. Затоа што видовме како се развива светската криза и нашето искуство може да фрли зрак светлина, и врз судбината на човештвото и, од некои аспекти, на чувствителноста на францускиот народ денес. Прво би сакал да ја дефинирам оваа генерација за вас.

Човечката криза
Луѓето на моја возраст во Франција и во Европа се родени или пред или за време на првата голема војна, достигнаа адолесценција за време на светската економска депресија и наполнија 20 години во годината кога Хитлер дојде на власт. Во периодот пред да го завршат и во периодот кога го завршуваа нивното образование, следеше граѓанската војна во Шпанија, Минхенските договори, почетокот на уште една светска војна во 1939 година, падот на Франција во 1940 година и четири години непријателска окупација и подземна борба.
Претпоставувам дека ова е она што е познато како интересна генерација и дека би било покорисно да зборувам со вас, не во мое име, туку во името на одреден број Французи кои денес имаат 30 години и чија интелигенција и срца се формираа во страшните години кога, како и нивната земја, беа хранети со срам и живееја во бунт. Да, ова е интересна генерација.
Соочена со апсурдниот свет што го создаде постарата генерација, оваа генерација не веруваше во ништо и копнееше да се побуни. Книжевноста од своето време се револтираше против луцидноста, против наративот и против самата идеја за реченица. Сликарството беше апстрактно, односно се бунтуваше против фигуративизмот, реализмот и едноставната хармонија. Музиката ја отфрлаше мелодијата. А што се однесува до филозофијата, таа нè научи дека нема вистина, само феномени. Нè научи дека господинот Смит, господинот Дуран и господинот Фогел може да постојат како феномени, но без овие три конкретни феномени да имаат нешто заедничко.
Моралниот однос на нашата генерација беше уште покатегоричен. Национализмот изгледаше како застарена вистина, а религијата – бегство. 25 години меѓународна политика нè научија да се сомневаме во секој поим за чистота и да заклучиме дека никој никогаш не згрешил затоа што секој може да биде во право.

Што се однесува до традиционалниот морал на нашето општество, ни се чинеше дека не престана да биде она што отсекогаш бил: монструозно лицемерие. Па така, живеевме во негација. Се разбира, тоа не беше ништо ново. Други генерации и други земји го доживеале тоа во други периоди од историјата. Но, она што е ново овде е дека истите тие луѓе, на кои традиционалните вредности им беа непознати, беа принудени да ги приспособат своите лични позиции на контекст полн со убиства и терор. Ситуацијата ги натера да веруваат дека можеби има човечка криза, бидејќи мораа да ја живеат најголемата противречност. Тоа беше затоа што тие влегоа во војната како што се влегува во пеколот; ако е вистина дека пеколот е негирање. Тие не сакаа ниту војна ниту насилство, но мораа да прифатат војна и да практикуваат насилство. Тие не мразеа ништо освен омраза, но сепак беа принудени да ја научат таа тешка наука. Мораа да се справат со теророт, поточно теророт се справи со нив. Тие се најдоа соочени со ситуација која, наместо да се обидувам да ја опишам во општа смисла, би сакал да ја илустрирам преку четири кратки приказни за времето кое светот почнува да го заборава, но кое сè уште гори во нашите срца.
1. Во станбена зграда окупирана од Гестапо во една европска престолнина, двајца обвинети мажи, кои сè уште крварат, се врзани по една ноќ истрага. Домаќинката на зградата расположено ги започнува своите прецизни домашни обврски бидејќи веројатно само што го завршила појадокот. Укорена од еден од измачените мажи, таа огорчено одговорила: „Никогаш не се мешам во работата на моите станари“.
2. Во Лион, еден од моите другари го извлекле од неговата ќелија за третото испрашување по ред. Бидејќи ушите му биле тешко повредени при претходното испрашување, тој носел завој околу главата. Германскиот офицер кој го испрашувал е истиот човек кој ги водел претходните сесии. А сепак тој го прашал, со чувство на приврзана грижа: „Како ти се ушите?“
3. Во Грција, по операција на подземен отпор, германски офицер подготвува егзекуции на тројца браќа кои ги земал како заложници. Нивната стара мајка се фрла пред неговите нозе и тој се согласува да спаси еден од нив. Но само под услов таа да одреди кој. Таа го избира најстариот затоа што тој има семејство, но нејзиниот избор ги осудува другите двајца. Исто како што сакаше германскиот офицер.
4. Група депортирани жени, меѓу кои и една наша соборка, се враќале во Франција преку Швајцарија. Штом влегле на швајцарска територија, забележале дека се одржува погреб. И самата глетка на овој спектакл ја поттикнува нивната хистерична смеа. „Така се постапува со мртвите овде!“ – воскликнале тие.
Ги избрав овие приказни затоа што ми дозволуваат на прашањето дали постои човечка криза да одговорам со нешто друго освен со конвенционалното „да“. Ми дозволуваат да одговорам исто како што мажите за кои зборував одговорија: „Да, постои човечка криза затоа што во денешниот свет можеме да размислуваме за смртта или мачењето на човечко суштество со чувство на рамнодушност, пријателска грижа, научен интерес или едноставна пасивност“.
Да. Постои човечка криза. Бидејќи смртта на една личност не може да се смета за нешто друго освен ужас и скандал, чувства што би требало да бидат предизвикани од такво нешто. Бидејќи човечкото страдање денес е прифатено како досадна обврска, на исто ниво со набавка на снабдување или мора да се застане во ред за една унца путер.
Премногу е лесно во ова прашање едноставно да се обвини Хилтер и да се каже: „Бидејќи ѕверот е мртов, отровот го нема“. Совршено знаеме дека отровот е тука, дека секој од нас го носи во своето срце. И ова можеме да го почувствуваме преку начинот на кој нациите, политичките партии и поединците продолжуваат да се гледаат едни со други со траги од гнев.
Отсекогаш сум верувал дека еден народ одговара за своите предавници, но и за своите херои. Но, исто така, цивилизацијата, особено цивилизацијата на белиот човек, е одговорна за своите перверзии, како и за своите успеси. Во оваа светлина, сите ние сме одговорни за наследството на Хитлер и мора да се обидеме да ги откриеме најопштите причини за страшното зло што го изеде лицето на Европа.

Ајде да се обидеме преку четирите приказни што ги кажав и да се обидеме да ги наброиме најочигледните симптоми на кризата.
Првиот симптом е порастот на теророт. Последица на изопаченоста на вредностите според кои луѓето и историските сили не се оценуваат според нивните достоинства, туку според нивниот успех. Модерната криза е неизбежна затоа што никој на Запад не може да биде сигурен во својата непосредна иднина и сите живеат со повеќе или помалку дефиниран страв дека ќе бидат скршени на парчиња, на овој или оној начин, од историјата.
За да го спасиме овој мизерен човек, овој денешен Јов, од исчезнување, благодарејќи на неговата рана и сопственото ѓубриво, прво мораме да го подигнеме товарот на стравот и вознемиреноста за да може повторно да ја открие слободата на мислата што ќе му треба за да ги реши сите проблеми со кои се соочува модерната совест.
Оваа криза се заснова и на неможноста за убедување. Луѓето можат навистина да живеат само ако веруваат дека имаат нешто заедничко, нешто што ги спојува. Ако некому му се обраќаат хумано, очекуваат човечки одговор. Сепак, откривме дека одредени луѓе не можат да се убедат. Жртвата на концентрационите логори не може да се надева дека ќе им објасни на СС-овцитеите кои го тепаат дека не треба да го прават тоа. Грчката мајка за која зборував не можеше да го убеди германскиот офицер дека нема право да ја натера да си го скрши сопственото срце. СС-овците и германскиот офицер повеќе не го претставуваат човекот или човештвото, туку инстинктот издигнат до статус на идеја или теорија. Страста, дури и смртоносната страст, би била претпочитана. Зашто страста тече, а друга страст, друг крик од телото или срцето, може да ја замени. Но, човек способен да се грижи за ушите што неодамна ги скинал не е страстен. Тој е математичка пресметка која не може да се ограничи или ниту со која можеш разумно да се разбереш.
Оваа криза е и за замена на вистинската работа со печатена материја, односно, растот на бирократијата. Современиот човек сè повеќе има тенденција помеѓу себе и природата да стави една апстрактна и сложена машинерија што го фрла во осаменост. Само кога нема повеќе леб, се појавуваат купони за леб.
Жителите на Франција преживуваат со исхрана од 1200 калории на ден, но имаат најмалку шест различни формулари и сто официјални печати на секој од тие обрасци. Сличен е принципот секаде каде што бирократијата се шири. За да стигнам од Франција до Америка, користев многу хартија на двете места, толку многу хартија што веројатно можев да испечатам доволно примероци од овој говор за да го дистрибуирам овде без да морам да се појавам.
Со толку многу хартија, толку многу канцеларии и функционери, создаваме свет во кој исчезна човечката топлина. Каде што никој не може да стапи во контакт со никој друг освен преку лавиринтот од она што ние го нарекуваме „формалности“. Германскиот офицер кој зборуваше со грижа за смачканите уши на мојот другар мислеше дека тоа е во ред, бидејќи нивното кинење беше дел од неговата официјална работа и затоа не може да има ништо лошо во тоа. Накратко, никој повеќе не умира, не сака и не убива, освен преку полномошник. Ова, претпоставувам, е она што се нарекува добра организација.

Кризата е и во замената на вистинските луѓе со политички луѓе. Индивидуалната страст повеќе не е можна, само колективните, односно апстрактните страсти. Сакале или не, не можеме да ја избегнеме политиката. Веќе не е важно дали го почитуваме или спречуваме страдањето на мајката. Она што е важно е да се обезбеди триумф на доктрината. Човечкото страдање повеќе не се смета за скандал, тоа е само една променлива во пресметката чиј ужасен збир сè уште не е пресметан. Јасно е дека овие различни симптоми може да се сумираат со нешто што може да се опише како култ на ефикасност и апстракција. Затоа Европејците денес знаат само за самотија и тишина. Тие повеќе не можат да комуницираат со другите преку заеднички вредности. И бидејќи тие веќе не се заштитени со меѓусебно почитување засновано на тие вредности, нивната единствена алтернатива е да станат жртви или џелати.
Ова го разбраа мажите и жените од мојата генерација. Ова е кризата со која се соочуваа и со која сè уште се соочуваат. Се обидовме да го решиме со вредностите што ни стојат на располагање, а кога зборам за вредности, не мислам на никакви други вредности освен свесноста за апсурдноста на нашите животи. Токму во оваа состојба на умот бевме запознаени со војната и теророт, без утеха или сигурност.
Знаевме само дека не можеме да попуштиме пред насилниците кои ја преземаа моќта во своите раце низ четирите страни на Европа. Но, немавме идеја како да го оправдаме нашиот отпор. Дури и најлуцидните меѓу нас сфаќаат дека не знаеле за принципот во чие име би можеле да се спротивстават на теророт и да го отфрлат убиството. Зашто, ако некој не верува во ништо, ако ништо нема смисла и ако не може да потврди некаква вредност, тогаш сè е дозволено и ништо не е важно. Оттука нема ниту добро ниту зло, а Хитлер ниту погрешил ниту бил во право. Човек би можел да доведе милиони невини во крематориумот толку лесно како што може да се посвети на лекување лепра; може со едната рака да му го скине увото на човекот, а со другата да го смири; може да исчисти куќа пред мажи кои штотуку биле мачени; може да им оддаде почит на мртвите или да ги фрли во ѓубре. Сè е исто. И бидејќи мислевме дека ништо нема смисла, моравме да заклучиме дека човекот кој успева е во право. И ова е толку точно што и денес многу интелигентни скептици ќе ви кажат дека ако Хитлер случајно ја добиеше војната, историјата ќе му оддадеше почит и ќе го осветеше грозоморниот пиедестал на кој се наоѓаше. И не може да има сомнеж дека историјата, како што ја замислуваме денес, би го осветила Хитлер и би го оправдала теророт и убиствата исто како што сите ние осветуваме убиства и терор кога имаме храброст да мислиме дека сè е бесмислено.
Некои меѓу нас, точно е, мислеа дека е можно во отсуство на некоја повисока вредност да се верува дека историјата има значење. Во секој случај, често се однесуваа како да мислат така. Тие рекоа дека оваа војна е неопходна бидејќи ќе го ослободи воздухот од национализмите и ќе се подготви за време кога империјата конечно ќе се повлече и ќе го отстапи своето место, без борба, на универзалното општество и на рајот на земјата. Со оваа мисла дојдоа до истиот заклучок како и ние: ништо немаше смисла. Зашто, ако историјата има значење, тоа значење мора да биде целосно или да биде ништо. Овие луѓе мислеа и постапуваа како историјата да се потчинува на некоја трансцендентна дијалектика, како сите заедно да се движиме кон некоја дефинитивна цел. Тие размислуваа и дејствуваа според гнасниот принцип на Хегел: „Човекот е создаден за историјата, а не историјата за човекот“.
За волја на вистината, политичкиот и моралниот реализам што владее во денешниот свет е наследник на германската филозофија на историјата според која целото човештво маршира, движејќи се рационално кон дефинитивен универзум. Нихилизмот е заменет со апсолутен рационализам и во двата случаи резултатите се исти. Зашто, ако е вистина дека историјата се потчинува на трансцендентна и неизбежна логика, ако е вистина според оваа германска филозофија дека феудалната држава мора да ја замени состојбата на анархија, дека националните држави мора да го заменат феудализмот и дека империите мора да го заземат местото на националните држави сè додека конечно не доведат до создавање на универзално општество, тогаш сè што го поддржува овој неизбежен процес е добро, а достигнувањата на историјата се дефинитивна вистина. И бидејќи овие достигнувања можат да се добијат само со вообичаените средства како војни, заговори и индивидуални и масовни убиства, дејствијата не можат да се оправдаат врз основа на добро или зло, туку само со тоа колку се ефикасни.

И така, во денешниот свет, мажите и жените од мојата генерација беа намамени од двојно искушение: мислејќи дека ништо не е вистина или мислејќи дека само неизбежните сили на историјата се вистинити. Многумина од нив подлегнуваат на едното или другото од овие искушенија, на тој начин со светот владее волјата за моќ и, следствено, теророт. Зашто, ако ништо не е точно или лажно, добро или лошо, и ако единствената вредност е ефикасноста, правилото е да се биде најефикасен, што значи најсилен.
Светот повеќе не е поделен на праведни или неправедни, туку на господар и роб. Тој што е во право е тој што господари. Во право е куќната помошничка, а не жртвата на тортура. Германскиот офицер кој измачува и тој што егзекутира, СС-овците преобразени во гробари, тоа се разумните луѓе на овој нов свет.
Погледнете околу себе и помислете дали сè уште не е така. Насилството нè задави. Внатре во секоја нација и во светот воопшто, недовербата, огорченоста, алчноста и трката за моќ се производство на мрачен, очаен универзум во кој секој човек е осуден да живее во границите на сегашноста. Самиот поим за иднината го исполнува со мака, бидејќи тој е заробен од апстрактни сили, гладен и збунет од напорниот живот и отуѓен од вистината на природата, од разумното слободно време и едноставната среќа.
Можеби вие кои живеете во оваа сè уште среќна Америка не го гледате ова или не можете јасно да го видите. Но, мажите за кои зборувам го гледаа тоа со години и го почувствуваа ова зло во своето тело, го прочитаа на лицата на оние што ги сакаат и длабоко во нивните ранети срца, се кренa страшен бунт што збришa сè. Сè уште ги прогонуваат премногу монструозни слики за да се замисли дека ќе биде лесно да се направи тоа, но тие се премногу длабоко обележани од ужасот на тие години за да дозволат тоа да продолжи.
Тука започнува нивниот вистински проблем. Ако карактеристиките на оваа криза се волја за моќ, терор, замена на вистински човек со политички и историски човек, владеењето на апстракција и фаталност и осаменост без иднина, тогаш тоа се карактеристиките што треба да ги промениме за да ја решиме оваа криза.
Нашата генерација се најде соочена со овој огромен проблем и сето она што го негираше истиот. Моравме да смогнеме сила да се бориме токму со овие негации. Беше сосема бескорисно да ни се каже „мора да верувате во бог, или во Платон или во Маркс“, токму затоа што немавме таква вера. Единственото прашање беше дали ќе прифатиме свет во кој би можеле да бидеме само жртва или џелат. Се разбира, не сакавме да бидеме ниту едното ни другото, бидејќи од дното на срцето знаевме дека оваа разлика е илузија и дека кога сè ќе се земе предвид, има само жртви. Бидејќи убивањето и бидувањето убиен на крајот би било исто, тие убијци и убиени на крајот ќе го претрпат истиот пораз. Проблемот повеќе не беше дали да се прифати или отфрли оваа состојба и овој свет, туку да се знае каква причина би можеле да имаме да се спротивставиме. Затоа ги баравме нашите причини во самиот револт, што нè наведе, без очигледна причина, да избереме да се бориме против злото. И разбравме дека се бунтуваме не само за себе, туку и за нешто што го споделуваат сите луѓе.
Како се случи ова?
Во овој свет лишен од вредности, во оваа пустина на срцето во која живеевме, што всушност може да означува револтот? Нè направи луѓе кои рекоа НЕ, но во исто време бевме луѓе кои рекоа ДА. Му рековме НЕ на светот, на неговиот суштински апсурд, на апстракциите што ни се закануваа, на цивилизацијата на смртта што ни се подготвуваше. Со тоа што кажавме НЕ, изјавивме дека ситуацијата траела доволно долго, и дека има линија која не може да се премине, но истовремено потврдивме сè што се наоѓа под таа линија. Потврдивме дека има нешто во нас што го отфрла скандалот со човечкото страдање и дека тоа во нас не може да биде понижувано предолго.
Се разбира, оваа контрадикторност требаше да ни даде пауза. Мислевме дека светот постои и минува низ борба без никакви вистински вредности. А сепак бевме таму, во борба против Германија. Французите што ги познавав во отпорот, кои го читаа Монтењ во возот додека ги шверцуваа нивните памфлети, докажаа дека можеме, барем кај нас, да ги разбереме скептиците, а да го задржиме чувството за чест. И, последователно, сите ние, врз основа на едноставниот факт дека живеевме, се надевавме и се боревме, потврдувавме нешто. Но, дали ова нешто имаше општа вредност? Дали тоа беше повеќе од мислење на поединец и дали може да послужи како правило на однесување?
Одговорот е прилично едноставен.

Луѓето за кои зборувам беа подготвени да умрат во текот на нивниот бунт. Смртта ќе докаже дека тие се жртвувале за вистина поголема од нивното индивидуално постоење и дека ја надминала нивната индивидуална судбина. Она што нашите бунтовници го бранеа од непријателската судбина беше вредност заедничка за сите луѓе. Кога мажите беа мачени во присуство на нивната куќна помошничка; кога ушите беа пробивани со посветеност; кога мајките беа принудени да ги осудат своите деца на смрт; кога праведните беа закопани како свињи; овие луѓе во револт оценија дека нешто во нив се негира. Нешто што им припаѓаше не само на нив, туку беше општо добро преку кое сите луѓе можеа да постигнат солидарност.
Да, тоа беше големата лекција од тие катастрофални години. Дека навредата насочена кон студент во Прага погодила работник во париските предградија. Таа крв пролеана некаде на бреговите на една источноевропска река може да доведе до тоа фармер од Тексас да ја истури својата крв на тлото на Ардените, тло што штотуку го запознал. Па дури и ова беше апсурдно и лудо, невозможно или речиси невозможно да се размислува. Но, во исто време, во тој апсурд имаше и лекција дека се најдовме во колективна трагедија каде чувството на заедничко достоинство беше во прашање. Заедништво меѓу луѓето што требаше да се брани и да се одржи. Имајќи го тоа на ум, знаевме како да постапиме и научивме дека луѓето, дури и во ситуации на апсолутна морална деградација, можат да најдат доволно вредности за да го насочуваат своето однесување.
Откако луѓето почнаа да сфаќаат дека вистината лежи во меѓусебната комуникација и меѓусебното признавање на достоинството, стана јасно дека токму оваа комуникација е онаа што треба да се сервира. За да се одржи оваа комуникација, луѓето требаше да бидат слободни, бидејќи господарот и робот немаат ништо заедничко. И не може да се зборува и да се комуницира со роб. Да, ропството е тишина. Најстрашната тишина од сите. За да ја одржиме оваа комуникација моравме да ја елиминираме неправдата бидејќи нема контакт меѓу угнетените и профитерите. Потребата исто така е препуштена на тишината. За да ја одржиме оваа комуникација моравме да ги елиминираме лажењето и насилството. Зашто, човекот кој лаже се затвора од другите луѓе, а оној што мачи и ограничува, наметнува неотповиклива тишина. Од негативниот поттик што беше почетна точка на нашиот револт, извлековме етос на слобода и искреност. Да, тоа беше чинот на комуникација што беше потребен за да се спротивставиме на убиствениот свет. Тоа е она што го разбравме додека се движевме напред, и оваа комуникација мора да се одржи денес ако сакаме да се заштитиме од убиство.
Како што знаеме сега, мора да се бориме против неправдата, против ропството и теророт. Затоа што овие три неволји се она што прави тишината да владее меѓу луѓето, што гради бариери меѓу нив, што ги прави невидливи еден за друг и ги спречува да ја пронајдат единствената вредност што може да ги спаси од овој очаен свет: проширеното братсво на борбата на човекот против судбината.
На крајот од оваа долга ноќ, конечно знаеме што мора да направиме соочени со овој кризен разурнат свет. Што треба да правиме? Наречете ги работите со нивното име и разберете дека убиваме милиони луѓе секогаш кога ќе се согласиме да размислуваме за одредени работи. Не мислиш лошо затоа што мислиш дека си убиец, ти си убиец затоа што мислиш лошо. Оттука, можете да бидете убиец без никогаш да убиете, и затоа сите ние сме повеќе или помалку убијци.

Првото нешто што треба да се направи е едноставно да се отфрли во мисла и во делување каков било прифатен или фаталистички начин на размислување.
Втората работа што треба да се направи е да се растовари светот од теророт што владее денес и спречува јасна мисла.
И бидејќи ми беше кажано дека Обединетите нации одржуваат важна седница токму во овој град, би можеле да предложиме првиот пишан текст на оваа глобална организација свечено да прогласи, во пресрет на судењето во Нирнберг, светско укинување на смртната казна.
Третата работа што треба да се направи, секогаш кога е можно, е да се врати политиката на нејзиното вистинско место, на секундарно место. Не треба да му даваме на светот политичко или морално евангелие или катехизам. Големата несреќа на нашето време е токму тоа што политиката се преправа дека ни обезбедува катехизам, целосна филозофија, а понекогаш дури и правила за љубов. Но, улогата на политиката е да ги одржува работите во ред, а не да ги регулира нашите внатрешни проблеми. Што се однесува до мене, не знам дали постои некаков апсолут. Ако има, знам дека не е од политичка природа. Апсолутот не е нешто за што можеме да одлучиме како целина, тоа е за секој од нас да размислува поединечно. Секој од нас има внатрешна слобода да размислува за значењето на апсолутното. И нашите надворешни односи треба да ни ја дозволат таа слобода.
Нашиот живот несомнено им припаѓа на другите и правилно е да го жртвуваме доколку е потребно. Но, нашата смрт ни припаѓа само нам. Ова е мојата дефиниција за слободата.
Четвртата работа што треба да се направи е да се бараат и да се создадат, врз основа на нашата негативност, позитивни вредности кои ќе ја усогласат негативната мисла со потенцијалот за позитивно дејство. Тоа е работа на филозофите, нешто едвај го начнав овде.
Петтата работа е целосно да се разбере дека овој став значи создавање универзализам преку кој ќе можат да се соберат сите луѓе со добра волја. За да ја оставиме осаменоста, мораме да зборуваме. Но, секогаш мораме да зборуваме искрено и во сите прилики никогаш да не лажеме и секогаш да кажуваме сè што знаеме дека е вистина. Но, вистината можеме да ја зборуваме само во свет во кој таа е дефинирана и пронајдена во вредностите што ги споделуваат сите. Не е господинот Хитлер тој кој одлучува што е вистина или лага. Никој на овој свет, сега или некогаш, не треба да има право да одлучи дека неговата вистина е доволно добра за да им ја наметне на другите. Зашто само заедничката свест на мажите и жените може да ја оствари оваа амбиција. Вредностите кои ја одржуваат оваа заедничка свест мора повторно да се откријат. Слободата што конечно мора да ја добиеме е слободата да не се лажеме. Само тогаш можеме да ги откриеме нашите причини за живеење и за умирање.
Значи, еве каде стоиме, и јас веројатно го поминав долгиот пат дотаму, но на крајот на краиштата, историјата на човештвото е историјата на неговите грешки, а не неговите вистини. Вистината веројатно е како среќа, едноставна и без историја. Дали ова значи дека ги решивме сите наши проблеми? Не, се разбира не. Светот не е ниту подобар ниту поразумен. Сè уште не сме го оставиле апсурдот зад себе, но имаме барем една причина да се присилиме да го промениме нашето однесување, а тоа е причината што ни недостасуваше. Светот сè уште би бил очајно место доколку не постоеја мажите и жените. Но, тие постојат, заедно со нивните страсти, нивните соништа и нивното заедништво. Неколку од нас во Европа го комбинираа песимистичкиот поглед на светот со длабокиот оптимизам за човештвото.

Не можеме да се преправаме дека можеме да бегаме од историјата бидејќи ние сме во историјата. Можеме само да се стремиме да водиме битка во арената на историјата за да го спасиме од неа оној дел од човекот што не ѝ припаѓа на неа. Сакаме само повторно да ги откриеме патиштата до цивилизацијата каде човекот, без да ѝ врти грб на историјата, повеќе нема да биде ѝ биде роб. Со обврската што секој човек ја носи во однос на другите ќе биде избалансиран со времето за размислување, задоволство и среќата што секој човек си ја должи себеси.
Би се осмелил да кажам дека секогаш ќе одбиваме да ги хвалоспеваме настаните, фактите, богатството, моќта, историјата онака како што се развива, и што и да стане светот. Сакаме да ја видиме човечката состојба онаква каква што е. Знаеме што е тоа. Токму оваа ужасна состојба бара камиони полни со крв и векови историја за да се дојде до незабележлива промена во човечката судбина. Таков е законот. Со години, во текот на 18 век, во Франција паѓаа глави како град. Француската револуција ги разгоре сите срца со ентузијазам и ужас. На крајот, на почетокот на следниот век, ја заменивме традиционалната монархија со уставна монархија. Ние, кои живееме во Франција во 20 век, премногу добро го знаеме овој ужасен закон. Беа потребни војна, окупација, масакри, илјада затворски ѕидови и Европа разбиена од тага, за неколкумина од нас конечно да дојдат до две или три сознанија кои би можеле малку да го намалат нашиот очај.
Во ситуација како нашата, оптимизмот делува скандалозен. Знаеме дека тие што починаа беа најдобрите меѓу нас, откако се назначија себеси. А ние кои сè уште живееме мора да се потсетиме дека сме живи само затоа што направивме помалку од другите. И затоа продолжуваме да живееме во контрадикторност. Единствената разлика е во тоа што оваа генерација сега може да ја придружи оваа противречност со огромна надеж за човештвото.
Бидејќи сакав да ви кажам нешто за францускиот сензибилитет, доволно е да се сеќавате на ова. Денес, во Франција и во Европа, постои генерација која мисли дека секој што има надеж во човечката состојба е луд, но дека секој што очајува поради настаните е кукавица. Оваа генерација ги одбива апсолутните објаснувања и владеењето на политичките филозофии, но сака да ги афирмира мажите и жените во нивното тело и во нивниот стремеж за слобода. Оваа генерација не верува дека е можно да се постигне универзална среќа и задоволство, но верува во намалување на човечката тага. Затоа што светот во својата суштина е несреќен, и затоа треба да создадеме радост. Бидејќи светот е неправеден, треба да се движиме кон правдата. И бидејќи светот е апсурден, мораме да му го обезбедиме сето свое значење.
На крајот, што значи сето тоа? Тоа значи дека мораме да бидеме скромни во нашите мисли и постапки, да стоиме на своето и да дадеме сè од себе. Тоа значи дека мора да создадеме заедници и да размислуваме надвор од партиите и владите за да го поттикнеме дијалогот и над националните граници. Членовите на овие заедници ќе потврдат, со својот живот и со нивните зборови, дека овој свет мора да престане да биде свет на полицајци, војници и пари, и да стане свет на мажи и жени, на плодна работа и промислено слободно време.
Овде мислам дека треба да го насочиме нашиот напор, нашето размислување и доколку е потребно, нашата жртва. Корупцијата на античкиот свет започна со убиството на Сократ, а ние убивме многумина како него во Европа во текот на овие неколку години. Тоа е знакот. Тоа е знак дека само сократскиот дух на попустливост кон другите и строгост кон себеси можат вистински да ја загрозат убиствената цивилизација. Тоа е знак дека само оваа состојба на умот може да го поправи светот. Сите други напори, колку и да се восхитувачки, напори што се потпираат на моќ и доминација, можат само уште посериозно да ги осакатат мажите и жените. Ова, во секој случај, е скромната револуција што ние Французите и Европејците сега ја доживуваме.
Можеби сте изненадени што француски писател кој е во официјална посета на Америка не се чувствува должен да ви претстави некој идиличен портрет на неговата земја и досега не направил никаков напор за да понуди од она што генерално се нарекува пропаганда. Но, можеби, кога ќе размислите за прашањата што ги покренав, ќе изгледа очигледно зошто е тоа така.
Пропагандата, претпоставувам, е дизајнирана кај луѓето да предизвика чувства што тие не ги поседуваат. Но, Французите кои го споделија нашето искуство не бараат ниту да бидат сожалувани ниту сакани со декрет. Единствениот национален проблем што ги интересираше не беше зависен од светското мислење. Во текот на пет години она што ни беше важно беше да знаеме дали можеме да ја спасиме нашата чест. Односно, да можеме да го зачуваме правото да зборуваме во свое сопствено име, на денот кога војната заврши. Не баравме некој друг да ни го даде ова право. Требаше да си го доделиме самите на себеси. Ова не беше лесно. Но, на крајот, ако си го дадовме ова право, тоа е затоа што знаеме, и ние сме единствените кои ја знаеме, вистинската големина на нашите жртви. Сепак, немаме право да држиме лекции. Имаме само право да избегаме од понижувачката тишина на оние кои беа тепани и победени затоа што предолго го презираа човештвото. Надвор од ова, ве молам да верувате дека ќе знаеме да си го задржиме местото.
Можеби, како што рекоа некои, навистина постои шанса историјата на следните 50 години делумно да биде направена од други нации освен Франција. Немам лично мислење за ова прашање. Знам само дека нашата нација, која изгуби 1.620.000 луѓе пред четвртина век, и која штотуку изгуби уште неколку стотици илјади доброволци, мора да препознае дека ја исцрпила или дозволила другите да ја исцрпат нејзината сила. Тоа е факт. И мислењето на светот, неговото разгледување или презир, не може да го промени тој факт. Затоа би ми изгледало смешно да се бара или да се обиде да влијае на тоа. Но, не ми изгледа смешно да нагласам како сегашната светска криза произлегува од овие кавги за претседателите и моќта.
Да ја резимираме оваа вечер и да зборувам сега за себеси, би сакал да го кажам само ова: секогаш кога ја судиме Франција, или која било друга земја, или која било работа, во смисла на моќ, ние ја помагаме и поддржуваме сликата за човекот што неизбежно води кон неговото осакатување. Ја зајакнуваме жедта за доминација и се движиме кон оправдувањето на убиството. Она што важи за светот на акцијата важи и за идеите. А оние кои велат или пишуваат дека целта ги оправдува средствата, оние кои велат и пишуваат дека големината се мери со силата, тие се апсолутно одговорни за страшната акумулација на злосторства што ја обезличуваат современата Европа.
Мислам дека изразив сè што чувствував должност да ви кажам. Моја должност беше да останам верен на гласовите и искуствата на нашите европски другари, за да не бидете во искушение да им судите од ракав, бидејќи тие седат и не ги судат луѓето над никого. Никој, односно освен убијците. И тие ги гледаат сите народи со надеж и сигурност дека секој е способен да ја пронајде човечката вистина што ја содржи секој од нив. Зборувајќи особено на младите Американци во публиката оваа вечер, можам да кажам дека луѓето за кои зборував имаат голема почит за вашата хуманост и вашиот вкус за слобода и среќа, што може да се забележи меѓу лицата на големите Американци. Да, тие го очекуваат од вас она што го очекуваат од сите луѓе со добра волја: лојален придонес во духот на дијалогот со кој сакаат да го впијат светот.
Нашите борби, нашите надежи и нашите барања гледани оддалеку може да ви изгледаат збунети или залудни. И точно е дека на патот кон мудроста и вистината, ако ги има, овие луѓе не го избрале ниту најправиот ниту наједноставниот пат. Тоа е затоа што ниту светот ниту историјата не им понудиле ништо јасно или едноставно. Тие се обидуваат со своја рака да ја откријат тајната што не можеле да ја најдат во нивната дадена состојба. И можеби ќе пропаднат. Но, убеден сум дека ако тие не успеат, ќе пропадне и светот. Во Европа сè уште отруена од насилство и длабоко вкоренета омраза, во свет растргнат од терор, тие се обидуваат да го спасат за човештвото она што сè уште може да се спаси. И тоа е нивната единствена амбиција. Ако таквиот напор може да најде некаков израз во Франција, и ако оваа вечер успеав да ви дадам барем некаква претстава за страста за правда која ги инспирира сите Французи, тоа ќе биде единствена утеха и мојот најскромен извор на гордост.
Тука можете да пристапите на линкот од говорот на англиски јазик, а подолу погледнете го интересното видео од Виго Мортенсен како го чита говорот, кое јас го најдов благодарение на веб-страницата Open Culture. Говорот на Ками започнува од 11:55, а целото видео е долго и сигурно ќе уживате во него.
