Ацо Шопов: „Во пет и седумнаесет“

На 26 јули 1963 година, пред точно 60 години, Скопје неповратно беше променето по катастрофалниот земјотрес. Од прашината и рушевината, Градот на солидарноста повторно се издигна, посилен од кога било.

Денес, за да ја одбележиме оваа важна годишнина, на блогот читаме еден запис на Ацо Шопов, токму по повод катастрофалниот земјотрес. Како што е наведено на веб-страницата „Ацо Шопов“, каде и оригинално е поставен, овој текст за скопскиот земјотрес е објавен во Современост, XIII, 7−8, 1963 стр. 425−427. Македонската верзија е превод на Ацо Шопов на неговиот текст напишан прво на српскохрватски, под наслов „У пет и седамнајест”, најверојатно  на барање од редакција на весник што излегувал на српскохрватски јазик.

Тие наведуваат и дека две години подоцна, Шопов ќе ја објави во Современост, XV, 6, 1965, песната „Тажачка од онаа страна на животот” во која ќе се појави повторно сликата на човекот што „се искачил на врвот на невозможниот бол”. На веб-страницата можете да разгледате и дел од ракописите на текстот, а во продолжение прочитајте го записот на Ацо Шопов.

Во пет и седумнаесет

Некој запиша: на дваесетишести јули илјададеветстотинишеесетитрета, во пет и седумнаесет, загина градот на Вардар.

Каква страотна пресуда на природата, каква катастрофална закана на вистината, содржана во еден единствен миг од времето – пет и седумнаесет. Во ревот на земјата и бетонските блокови – пет и седумнаесет. Во вителот на зданијата и стемнетото сонце – пет и седумнаесет. Во крикот на децата чиј што сон ни под урнатините не успеа да избега од зелените поља на нивните очи – пет и седумнаесет. Во дивата занеменост на мајките и татковците, на младичите и девојките, на човекот кој во еден единствен миг остана гол врз пепелот на разорените зданија и врз кого се сруши нечовечки товар од бол и патила – пет и седумаесет.

Пет и седумнаесет. Кој би можел со нашите обични човечки зборови да ја искаже драмата во која слепата утроба на земјата вовлече двеста иљади жители на оваа планета, драмата Пет и седумнаесет.

Да, изгледаше така: свирепите сили ја поставија својата дијагноза – градот е мртов во пет и седумнаесет.

О, човеку, ти што излезе од урнатините, од ужасот и грозотиите, ти што се искачи на врвот на невозможниот бол и ранет блесна со сета своја убавина, и ти што ги носиш во себе сите градови, сета мака нивна, сите соништа, сите надевања, ти што го запали својот бол со огнот на раѓањето – тебе ти ги давам овие редови, свесен за немоќта дека било кога тие ќе успеат да се допрат до длабината на твоето страдање, до силата на твојата благородност, до вишините на твојата неискажана човечка убавина.

Зашто овој град не се ни улиците ни плоштадите, липите и црвените каранфили, парковите и гулабите, кулите убави или грди, линиите на старата и новата архитектура што ја сече оваа Вардар река како човечка вододелница, како две страници од историјата. Зашто овој град не се овие гробишта од железо и бетон, од малтер и цигли, ни овие темни заканувачки пукнатини на ѕидиштата, тие дијагонали на смртта, ни крововите што за чудо висат на тротоарите. Зашто овој град – тоа си ти, човеку. Зашто овој град – тоа е твојата невидена архитектура на совеста, љубовта, трпението и патилата, град на непознатата човечност во тебе.

Историјата ќе запише: градот на човечноста е роден во пет и седумнаесет.

Те гледав како го подигаш копајќи ги со нокти бетонските плочи за да го откриеш својот син, своето девојче, својот пријател, својот брат. Те гледав како се провлекуваш низ тесните пукнатини и дупки за да ги извлчеш од чељуста на пеколната неизвесност. Те гледав како со својот дах им го враќаш дахот на девојчињата и момчињата, обезличени од овој чудовишен судир на животот и смртта. Те гледав исцрпен, модар и премален од несон, од бдеење, од страдање над ранетите, над мртвите. Те гледав како ги повлекуваш границите на животот повеќе и над познатата човечка моќ и како на смртта ѝ одземаш дел по дел од нејзината власт. Те гледав врз урнатините, на патиштата, во збеговите, помеѓу возможноста и невозможноста.

Тој град се роди во пет и седумнаесет на она страотно утро кога земјата ревеше со ревот на уништувањето. Неговите кули на човечноста не се извишија во урбанистичките заводи, неговите улици на љубовта не се насликани на сликарските платна во затворени атељеи, неговите домови на сочуство и човечко разбирање не се плод на трогателна поетска фантазија. Тој град на твојата нова човечност се роди во пет и седумнаесет.

Човеку, ти што излезе од урнатините, од ужасот и грозотиите ти што се искачи на врвот на болот, блесна со сета своја убавина и го запали сиот свој бол со огнот на раѓањето, те слушам како викаш:

„Поети, мајстори на зборот, архитекти на човечноста и солидарноста, исковете нови зборови за поимите на разбирањето и љубовта, помошта и братството, единството на човечките интереси, животот без страв и катастрофи. Во пет и седумнаесет е роден градот на иднината.”

Текстот е преземен од официјалната веб-страница посветена на ликот и делото на Ацо Шопов.

Leave a comment