Одморите се во полн ек, како и летото, иако навистина е добро што жештините малку попуштија па можеме повеќе да уживаме во летните денови и добрите книги. По кусиот одмор, Кафе и книги се враќа назад, па денес можете да ги прочитате стандардните препораки за читање составени од книгите кои ги прочитав минатиот месец.
„Книга од соништата“ – Хорхе Луис Борхес

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт: Кога еднаш ќе навлезете во светот на Борхес, навлегувате во магичен и необичен свет кој не сакате да го напуштите. Оваа книга е многу интересна, затоа што не е роман, не е типична книга, а сепак толку одговара на Борхес и затоа е одлична. Борхес секогаш се интересирал за необичното, за спомените, соништата, па така во оваа книга тој прави комплилација од текстови поврзани со соништата, сакајќи да покаже што значеле тие за човештвото од историска гледна точка.
Па така, во оваа книга има извадоци од религиски текстови, извадоци од весници и написи, филозофија, митови, има од сè по нешто, дури и сами размисли на Борхес. Соништата секогаш биле мистерија за луѓето и се труделе да ги одгатнуваат на различни начини, а оваа книга на прекрасен начин ни го доловува тоа и ни покажува колку волшебни и важни се соништата за луѓето. Секогаш се радувам кога откривам ново четиво на Борхес!
„Две мориња“ – Јосип Коцев

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Јосип Коцев е еден од најпознатите македонски поети во последниве години кој веќе си го обезбеди своето место во македонската поезија и книжевност. „Две мориња“ е последната збирка која неодамна ја промовираше и многу бев љубопитна за содржината, бидејќи навистина ги сакам неговите песни, а и дополнително поезија одлично ми легнува во лето, лето не е лето без поезија (како и останати годишни времиња, ама летово некако беше најистакнатно).
Уживав во оваа збирка која не е обемна, но е полна со одлични и прецизни стихови кои ќе ве погодат токму онаму каде што треба да ве погодат. Прекрасни тематики, слики, стихови кои едноставно ве допираат, на моменти и ќе ви подразбудат некакво меланхолично далечно чувство кое ќе направи вие да им дадете ваше сопствено значење на песните. Топло ја препорачувам! Дополнително, важно е да поддржуваме домашни и македонски автори и книжевност!
„Темно скенирање“ – Филип К. Дик

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Уф каква неверојатна книга! Ако сакате чудни, необични приказни, ова е дефинитивно книга за вас. Мислам дека ова е книга која би им се допаднала на оние кои ја сакаат „Страв и гадење во Лас Вегас“ од Хантер С. Томпсон, бидејќи исто така ја обработува тематиката на злоупотреба на дроги, но на еден футуристички, дистописки начин.
Издадена во 1977 година, го замислува светот во 90-ти години на 20 век и замислува една програма која „лови“ дилери и зборува за процесот на „војната против дрогите“, но тоа го прави на сатиричен, но и мрачен начин, навлегувајќи во критички осврт на капитализмот и државниот систем и целиот тој круг и машина која ги поттиснува поединците, наместо да им помогне. Одлична книга, прилично теш
„Коефициент на љубовта“ – Хелен Хоанг
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е одлична книга за летно време, слатка и топла приказна, особено за оние кои сакаат романтични комедии. Стела е брилијантна млада жена, статистичарка која се занимава со алгоритми, но малку послабо ѝ оди во меѓучовечките односи, пред сè заради тоа што луѓето не го разбираат добро нејзиниот Аспергеров синдром. Таа сака романтика и сака да научи да се поврзе со луѓето, па затоа решава да ги користи услугите на Мајкл, машки придружник.
Но, она што треба да е обична трансакција се претвора во нешто многу поголемо во кое и Мајкл и Стела учат повеќе за себеси, љубовта и животот. Слатко напишана книга, книгите брзо се вртат и ќе ви дојде многу симпатично чувство кога ќе ја завршите.
„Невидлива убавина“ – Ејми Хармон

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: Уште една супер книга за летните одмори и добро четиво за на плажа, но и добра книга за љубителите на драми. Некаде може да ја видите и како ја насловуваат како модерна верзија на „Убавицата и ѕверот“, која се случува во реално време, односно почнува во рани 2000-ти години по нападот врз САД на 11 септември 2001 година кога група млади момчиња, меѓу кои и Емброуз Јанг, се пријавуваат како доброволци да одат во Ирак.
Од друга страна, тука е Ферн Тејлор, која цел живот е заљубена во Емброуз и која е млада и повлечена девојка чиј најдобар другар е нејзиниот братучед Бејли, кој според мене беше најдобриот лик во целата приказна.
Малку мислам дека се намалува квалитетот во вториот дел, има потенцијал подлабоко да истражи некои теми, а не го прави тоа, но е добро четиво за летово, особено ако сакате драми.

