Книга на летото: „На запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк!

Минатото лето некако започнав традиција во секое годишно време да прогласувам „Книга на…“ (летото, есента, зимата, пролетта), односно книга која толку многу ме воодушевила што ми го одбележала целиот тој период. Па така, минатото лето тоа беше „Големиот Гетсби“, потоа есента беше за „Кандид“, зимата беше одбележана од „Записи од подземјето“, а пролетта од „Странецот“.

Па така, дојде и веќе проаѓа уште едно лето, а јас дефинитивно си ја пронајдов книгата на летото, а веројатно и на годината. Се работи за безвременски роман и класик, кој за жал долго време ми требаше да го прочитам, но откако го прочитав, не може да ми излезе од глава и сметам дека е дело кое секој треба да го прочита.

Се работи за „На запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк.

За што се работи во романот?

Паул Бојмер е младо момче кое директно од школските клупи се префрлува на бојното поле за време на Првата светска војна заедно со неговите другари. Она што тие не го знаеле пред нивната регрутација е колку е страшно и ужасно лицето на војната.

Ние ја следиме нивната чета, преку записите и доживувањата на Бојмер кој е директниот наратор на романот. Гледаме едно 19-годишно момче со скршени илузии, кое не знае што го чека после војната, кое гледа толку многу мизерија и единствено се труди да преживее.

Зошто треба да го прочитате романот?

Затоа што е неверојатен, безвременски, интензивен, ќе ве остави без текст и со скршено срце, и ако немаше доволно аргументи против војните, оваа книга е како светилник кој со сигурно ќе ви го зациментира презирот кон војните. Ремарк наместо посвета, вели: „Оваа книга не е ни обвинување ни исповед. Таа само се обидува да извести за една генерација што е уништена од војната – и покрај тоа што се спасила од нејзините гранати.“

Книгата има 245 страници, но секоја страница и ред, секој опис е толку совршено поставен, на толку непретенциозен и човечки начин го прикажува тој ужасен хорор преку очите на едно младо момче, кое во секоја друга ситуација би било на почетокот на својот живот, момче чија иднина треба да биде пред него, а тоа не гледа ништо друго освен очај и ужас. Уште при самиот почеток следува едно неверојатно зрело и свесно размислување, за младата генерација која е изневерена од возрасните, од оние кои би требало да знаат подобро, од оние кои тие ги гледале како авторитет, а сепак ги оставаат сами, неискусни и млади, да се борат во војна и да им биде раскината душата:

„Тие требаше нам, осумнаесетгодишните, да ни бидат посредници и водачи што ќе нè воведат во светот на возрасните, во светот на трудот, должностите, културата и прогресот, во иднината. Понекогаш им се потсмевавме и сакавме да им напакостиме, но всушност им верувавме. Поимот авторитет, чии носители беа тие, во нашите мисли се поврзуваше со подлабоко сознание и почовечно знаење. Но првиот мртовец што го видовме ни ја урна таа увереност. Бевме присилени да сфатиме дека нашите години беа почесни отколку нивните; тие беа само поискусни и повешти од нас во зборувањето. Првата артилериска стрелба ни ја покажа нашата заблуда и ни ги урна погледите за светот на кои нè учеа тие.

И додека тие пишуваа и држеа говори, ние гледавме болници и луѓе што умираат; додека служењето на државата тие го истакнуваа како нешто највозвишено, ние веќе дознавме дека стравот од смртта е нешто посилно. Поради тоа не станавме ни бунтовници, ни дезертери, ни страшливци – тие лесно ги изговараа овие зборови – ја сакавме својата татковина како што ја сакаа и тие и, секогаш кога напаѓавме, храбро одевме напред; но сега знаеме да разликуваме, одеднаш научивме да гледаме. И сфативме дека од нивниот свет нема ни трага. Одеднаш се почувствувавме страшно осамени и сами моравме да се бориме со сенешто.“

Што може човек повеќе да каже? Овој извадок е толку неверојатен, веднаш удира директно во сржта, може да се види разочараноста речиси од првите страници, сивилото и тагата која ги опкружува овие млади луѓе кои треба да се полни со живот, а насекаде околу нив има само смрт. Зарем нема некој кој треба да ја заштити таа младост и таа невиност? Зарем е фер тие млади луѓе да гледаат како нивните другари умираат и да размислуваат само како да го преживеат денот?

Покрај Бојмер и преку неговите размислувања, ние ги запознаваме и неговите пријатели и соборци на фронтот како што се Тјаден, Милер, Качински, Кроп и уште неколку други ликови. Дознаваме како стигнале дотука и што се случува на фронтот. Гледаме како ги минуваат деновите, како преживуваат, што им се случува. Она што е фасцинантно е како меѓу интензивните борби, Ремарк ги прикажува и „обичните“ денови, деновите кога нема битка и кога прават „обични“ работи, ако може нешто да има обично во војна, и таа флуктација на неколку дена мир, па неколку дена хорор уште повеќе го засилува ужасното чувство кај читателот.

Невозможно е да не сочувствувате со нив, да не ви се скрши срцето и да не пролеете некоја солза, знаејќи дека иако приказната е фикција, сепак тоа е реалноста на војните: пустош, очај, безнадежност и дека ниту една војна не може да биде добра и да донесе нешто добро.

И честопати, токму преку тие „обични“ денови, Ремарк внесува дијалози кои директно ги критикуваат оние „од горе“, оние кои одлучуваат за војните, а ги оставаат војниците да гинат, па така, додека седат, Качински, кој според мене е еден од најинтересните ликови, на шега вели: „Исто јадење, иста плата секогаш – ќе заврши ли војната некогаш!“, а Кроп предлага „објавувањето на војна да биде еден вид народна веселба со влезни билети и музика, какви што се борбите со бикови. Потоа во арената ќе влезат министрите и генералите на двете земји и, по гаќи за капење, со стапови во рацете, ќе се втурнат едни против други. Па кој ќе остане на нозе, неговата земја ќе слави победа. Тоа ќе биде мошне упростена борба, и многу подобра од оваа тука, во која меѓу себе се убиваат луѓе што не се виновни за тоа.“

Понатаму, повторно, Ремарк кружи и директно мава во центар со слична поента: „Една наредба направила од тие мирни луѓе наши непријатели; друга наредба би можела да ги претвори во наши пријатели. На некоја маса неколку луѓе што никој од нас ниту ги познава ќе потпишат нешто и потоа, со години на ред, нашата највозвишена цел е тоа што во нормално време е предмет на општ презир и најголема осуда.“

Имаше и два моменти кои исто така особено се истакнаа во моите очи, кои не би сакала многу да ги објаснувам за да не оддадам премногу, но ќе ги напоменам само површно:

  1. Моментот кога Паул оди на отсуство дома
  2. Моментот кога Паул првпат убива човек во борба еден на еден

Овие два моменти се контраст едни на други, но толку се силни и интензивни, што и после некое време ми се силно изгравирани во умот и често мислам на нив, дури и на дневна основа.

Честопати во воените приказни, особено во филмовите, честопати се нагласува хероизмот, величественоста да се умре за некоја повисока цел, но во приказната на Ремарк, во ова неверојатно ремек-дело, нема ништо величествено во смртта, во војната, во тоа да гледаш како другарите умираат во агонија. Покрај тоа, Ремарк честопати преку својот главен лик гласно размислува за она „што потоа“?

Како да се живее откако ќе бидеш сведок на такви злосторства, нешто што човештвото не сака многу да го размислува, за овие души кои вечно остануваат раскинати, иако можеби телото ќе им преживее. Ние како луѓе, низ текот на целата човечка историја сме сведоци на војни и раскинати луѓе и души, но се чини дека ништо не сме научиле од историјата, како човечки род некако уште ја немаме искоренето крвожедноста и којзнае дали некогаш ќе ја искорениме.

И повторно, младиот Паул, во еден момент си вели себеси (и нам): „Јас сум млад. Имам дваесет години. Но од животот не познавам ништо друго освен очај, смрт, страв и поврзаност на најбесмислената површност со длабоката пропаст на стравотните маки. Гледам дека народите ги туркаат еден против друг и дека едни со други се убиваат молкум, од незнаење, глупаво, послушно и без да има некаква вина кај нив. Гледам дека најголемите умови на светов пронаоѓаат оружје и зборови за да може сето ова да се извршува на што посовршен начин и да трае подолго време. А заедно со мене го гледаат тоа и сите мои врсници од оваа и од онаа страна, од целиот свет; со мене го преживува ова сета моја генерација. Што ли ќе прават нашите татковци, ако еден ден се дигнеме, ако се исправиме пред нив и им побараме сметка за сето ова? На што ли се надеваат од нас кога ќе дојде време да заврши војната? Со години на ред нашето единствено занимавање е убивањето – тоа ни беше прва активност во животот. Нашето познавање на животот се ограничува само на смртта. Што ќе стане потоа? Што ќе стане со нас?“

Ова се прашања кои тлеат речиси 100 години. Оваа книга е објавена во 1929 година и сè уште ги поставува вистинските прашања, допира толку длабоко до она што е во нас човечко, како да се труди да нè потресе, да нè фати за рамена, да ни рече: Луѓе разбудете се, нема ништо херојско во војната, на ниту една страна. Постои само смрт, тага, млади луѓе со упропастени животи и мајки кои ги закопуваат своите деца.

Честопати читав дека оваа е една од книгите кои биле палени во нацистичка Германија, Ремарк бил целосно забранет како писател, дури и му било одземено државјанството. И додека ја читате книгата, сосема го разбирате тоа. Сосема разбирате како еден зол, нечовечки и суров режим би забранил вакво ремек-дело, затоа што овој роман е сè што нацистите никогаш не биле: човечен, емотивен, со една неверојатна естетска убавина и неверојатна проза, роман кој прави да се заљубите во зборовите, во уметноста, роман кој е неверојатно тежок и тажен, но околу себе има ореол на светлина, затоа е пред сè длабоко човечки.

И тоа зло какво што било нацистичкото владеење не смеело да дозволи да постои светлина, да постои уметност, да постои нешто што ќе ги натера луѓето да видат колку е апсурдна војната, затоа што за нив само стравот, омразата, злото и суровоста биле единствени прифатливи форми на постоење. Затоа оваа книга била палена и забранувана. Но, оваа книга и после толку време стои на пиедесталот на историјата како доказ за врвноста на човечките постигнувања и доказ за возвишеноста, а тие седат во калта и гнасотијата на човечката историја – онаму каде што припаѓаат.

Ако има една книга која треба да ја прочитате периодов – нека биде оваа. Кога ја завршив, лежев и гледав во тавнот и немо липав, со огромни солзи кои ми се слеваа по образите, липав заради приказната, но и заради тоа што сум човек – во солидарност за сите млади луѓе кои нема да дочекаат и не дочекале старост, за сите загуби, за ужасноста на човечката историја. Ми се скрши срцето додека ја читав книгава и мислам дека никогаш целосно нема да намести. Веројатно и затоа читаме, за да ни се преврти светот наопаку. А оваа книга токму тоа и ми го направи и влезе во топ 3 омилени книги кои некогаш сум ги прочитала, па се надевам дека овој мој занесен текст ќе поттикне и некој друг да ја прочита.

Извадоци и мисли кои ми оставија особен впечаток

„Најразумни беа, всушност, сиромасите и обичните луѓе; тие од самиот почеток сметаа дека војната е голема несреќа. Наспроти нив, имашливите граѓани не криеја дека ѝ се радуваат, иако ним, поскоро отколку на секој друг, требаше да им биде јасно какви ќе бидат нејзините последици.“

„Железна младина. Младина! Сите ние имаме одвај по дваесет години. Но млади? Младина? Било, па поминало. Ние сме старци.“

Војната нè зафати и нè повлече. За другите, за постарите, таа е само прекин; тие можат да мислат и на други работи. Но нас таа нè зграпчи, па не знаеме како ќе заврши сето ова. Сè што знаеме е само дека станавме груби на некаков чуден и тажен начин, иако многу често се растажуваме.“

„И сами гледајте: власта му ја завртува главата на човека. И тоа колку помалку значел нешто како цивил, толку полошо му влијае.“

„За никого земјата не значи толку многу колку за војникот. Кога ќе се залепи за неа, долго и силно, кога со лицето и телото длабоко ќе се вкопа во неа во смртниот став од огнот, тогаш таа е неговиот единствен пријател, неговиот брат, неговата мајка; нејзе, таква нема и заштитничка, ѝ ги предава стенкајќи својот страв и своите крикови; таа го прима и пушта десетина секунди одново да трча и да живее, а потоа пак го прифаќа, понекогаш и засекогаш.“

„Ние сме две човечки суштества, две ситни искри живот, а надвор се ноќта и обрачот на смртта.“

„Зачестен оган, баражен оган, плотуни, мини, гас, тенковски пушки, машински пушки, рачни бомби – сето тоа се само зборови, но зборови што го содржат сиот ужас на светов.“

„Бев војник, а сега се претворив сиот во болка – поради себе, поради мајка ми, поради сè што е толку безутешно и бескрајно.“

„Гледам дека најголемите умови на светов пронаоѓаат оружје и зборови за да може сето ова да се извршува на што посовршен начин и да трае подолго време.“

„Земја се нашите раце, кал се нашите тела, вирчиња од дожд се нашите очи. Не знаеме дали сме уште живи.“

*мислите и извадоците се преземени од македонското издание на „На запад ништо ново – Ремарк, Ерих Марија, „На запад ништо ново“. Скопје: 2023, Издавачки центар ТРИ

Leave a comment