Ернест Хемингвеј е еден од најпознатите американски писатели, добитник и на Нобеловата награда за книжевност. Освен тоа, тој бил познат и по неговиот интересен карактер и живот и затоа и често сум пишувала за него на блогот. Неодамна налетав на една интересна анегдота од неговиот живот, која делумно е опишана и во неговиот мемоар „Подвижна гозба“, па решив да ја споделам со вас. Освен што е интересна, може да ви понуди и интересна перспектива и мотивација за падовите во животот и како можеме да се кренеме по некој животен удар.

Најдобрите намери не можат да се мерат со хаосот предизвикан од стресот, заморот и необичните околности. Иако знаеме дека овие работи можат негативно да влијаат на нашите способности за донесување одлуки, ние ја отфрламе претпазливоста потребна за борба против нив преку вербата во нашата рационалност. Овој неуспех да ги препознаеме нашите природни ранливости влијае на сите нас. Во декември 1922 година, тоа резултирало со изгубен куфер кој го променил животот на Ернест Хемингвеј.
Хемингвеј, кој тогаш имал 23 години, навечер пишувал додека ја покривал мировната конференција во Лозана како дел од неговата работна задача за „Торонто Дејли Стар“. Тој тогаш бил во брак речиси една година, па му недостасувала неговата сопруга Елизабет Хедли Ричардсон, која била во Париз. Тој ја замолил да му се придружи во Лозана. Оваа покана резултирала со тоа што целото творештво на Хемингвеј завршило во куфер.
Не е сосема јасно дали Хемингвеј побарал од Хедли да го донесе неговото творештво за да може да му го покаже на уредникот кој се интересирал за него, или таа го донела од друга причина. Можеби таа мислела дека тој би сакал да работи на нешто за време на божиќниот одмор и сакала да му ги понуди сите опции. Без оглед на причината, намерите биле добри. Хедли верувала во талентот на Хемингвеј како писател и таа финансиски ги издржувала некој период за да може да ги оствари своите уметнички цели.
Хедли била болна во тоа време, но успеала во еден куфер да спакува сè што можела да најде, вклучувајќи ги оригиналите, копиите и сите рачно напишани белешки за романот што тој го пишувал во моментот. Кога пристигнала на париската железничка станица „Гаре де Лион“, еден портир ѝ се понудил да ги однесе торбите во нејзиното купе. Непосредно пред да тргне возот, Хедли сфатила дека патувањето ќе биде долго и излегла од возот за да купи шише вода, оставајќи ги торбите без надзор за еден миг. Кога се вратила, куферот го немало. Уништена, таа плачела за време на целото осумчасовно возење со воз.

Несвесен за загубата, Хемингвеј ја чекал сопругата на станицата во Лозана. Кога таа пристигнала целата облиена во солзи, тој ѝ рекол дека ништо не е вредно за таква тага. Ѝ рекол дека што и да ја мачело, заедно ќе го решат и тогаш Хедли конечно му кажала што се случило.
Хемингвеј со насмевка ѝ рекол да не се грижи бидејќи има копии од сите негови списи. Хедли едвај се натерала да му каже дека и тие се изгубени. Во неверување, тој побрзал назад во Париз. Во неговите мемоари од тие години, „Подвижна гозба“, тој раскажува: „О, тоа навистина се случи и се сеќавам што направив ноќта откако влегов во станот и се уверив дека е вистина“. Целото творештво му било изгубено.
Во тоа време, Хемингвеј не бил оној Хемингвеј што го знаеме денес. Ниту една од неговите книги не била објавена. Во Париз останале само два многу кратки раскази, „Горе во Мичиген“, расказ што Гертруда Штајн го нарекла необјавлив, и „Мојот старец“, кој бил испратен кај некој уредник во тоа време.
Наместо да се откаже, Хемингвеј пронашол интересен начин да се прилагоди на реалноста на ситуацијата. Бидејќи времето го притискало, Хемингвеј го променил и прилагодил својот стил на пишување со пишување пократки реченици, почисти параграфи и почитлива проза. Тој на овој начин можел побрзо да пишува побрзо. Четири години подоцна, го издал романот „Сонцето повторно изгрева“ кој станал бестселер.
Поуките што можеме да ги извлечеме од Хемингвеј се очигледни. Тоа е класична приказна за уметник кој се бори и кој се соочува со неуспех, но го надминува за да постигне огромен успех. Дизни создаде компанија вредна повеќе милијарди долари преку приказните како оваа. Но, речиси сите ги пропуштаат лекциите, кои се толку очигледни, особено во овој контекст на Хедли. А кога станува збор за избегнување на катастрофални грешки, треба да обрнеме големо внимание.
И Хемингвеј е делумно виновен што не ги разделил неговите оригинали и копии. Но, поинтересни се деталите што влијаеле на процесот на носење одлуки на Хедли на железничката станица. Таа била надвор од нејзината нормална средина. Таа брзала. Таа била болна. Секоја од овие работи сама по себе може да ги зголеми шансите за грешка. Кога ќе се земе предвид целата комбинација, тоа значело дека таа била значително ранлива и подложна на грешки во расудувањето.
Иако Хемингвеј се опоравил, и веројатно станал подобар писател поради тоа, загубата на неговото дело била погубна и за него и за неговата сопруга во тоа време. Само користа од ретроспективата ѝ дава на оваа епизода пристоен крај, нешто што не е гаранција за повеќето лоши одлуки.
