Македонска поезија: „Непозната“ од Влада Урошевиќ!

Влада Урошевиќ има навистина одлична и плодна година, покрај неколкуте нови изданија и награди, викендов и официјално ја доби награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Во негова чест и во чест на наградата, денес читаме прекрасни стихови од него.

Непозната – Влада Урошевиќ

Таа слегува бавно по големите камени скали.
Таа има тело посипано со цветен полен.
Таа носи кутија со заспани пеперуги на дланката.
Таа го знае наизуст распоредот на ѕвездите.

Таа се управува според мирисот на морето.
Таа ги чувствува патиштата на кртовите под земјата.
Таа ги насетува облиците на утрешните облаци.
Таа го гледа мракот во срцето на ламбата.

Таа минува меѓу кратерите на Месечината.
Таа минува меѓу позлатените кулиси од опери.
Таа минува меѓу големите полнети птици што веќе не постојат.
Таа минува меѓу мртвите нуркачи во скафандри.

Таа минува меѓу деца што играат мижитатара.
Нејзе ѝ се обрнуваат, таа одговара.
Но таа зборува на еден мртов јазик
што го разбираат само статуи.

Извор: Урошевиќ, Влада. „Лавиринт“ (избор од поезијата). Скопје: 2019, Темплум

Извор: Pinterest

Leave a comment