Прекрасни мисли од „Тврдина“ на Меша Селимовиќ!

Меша Селимовиќ ми е еден од омилените автори и често велам дека е еден од големите писатели на 20 век, на светско ниво. Неговата прекрасна меланхолија, неговите прекрасни приказни и интересни ликови преку кои ја размислува човековата состојба, односите меѓу луѓето, општеството и самата љубов. Оваа година некако поинтензивно решив да го читам, па така ги прочитав „Остров“, „Круг“, „Тишини“ и уживав во секој ред и приказна, а „Тишини“ толку многу ме бендиса што во јуни издвоив и прекрасни мисли од овој роман.

Потоа, некако случајно сфатив дека поминале девет години откако сум го прочитала романот „Тврдина“ кој во тоа време остави силен печат врз мене и решив да го препрочитам кога веќе ги читам неговите дела. Можам да кажам дека после девет години уште поинтензивно и поубаво беше чувството, некои работи подлабоко ги разбрав и само дополнително ја засакав и книгата и Меша Селимовиќ. Ахмет Шабо и неговата борба со себе и светот, неговата борба да ги разбере луѓето и желбата да го најде своето место во општеството од кое е оттуѓен, но и да се носи со неправдите кои му се случуваат и нему, но и на другите околу него.

Се работи за една прекрасна приказна и всушност токму „Тврдина“ и „Дервишот и смртта“ се неговите две најзначајни дела, но и едни од најзначајните балкански романи. Затоа будно ги бележев сите мисли кои ме инспирираа, трогнаа и допреа на начин на кој само Меша Селимовиќ може и решив да ги споделам со вас, па можеби и вие ќе се инспирирате да ја (пре)прочитате.

„Не вреди да се раскажува за страшното убивање, за човечкиот страв, за ѕверствата и на едните и на другите, не би требало да се памети, ни да се жали, ни да се слави. Најдобро е да се заборави, да умре човечкото сеќавање на сè што е грдо, и децата да не пеат песни за одмаздата.“

„Сè необично, сè како што не треба. Ама не ги бирав ни јас условите, ниту условите ме бираа мене: се сретнавме како птица и бура.“

„Ме немаше во сопствените спомени, како да беше тоа некој друг.“

„Сè течеше, тивко со жубор, спокојно, сè, и мислата, и сеќавањето, и животот.“

„Знаеш ли што е најубаво во животот? Желбата, пријателе.“

„Осаменоста раѓа мисла, мислата незадоволство, незадоволството побуна.“

„Најмалку се зборува кога ти е најмногу гајле.“

„Ни фустанот не чини да се крпи, а камоли љубовта. Подобро е да се замине.“

„Утеха е само тоа што оние што ќе живеат по нас, ќе претураат преку глава уште потешки времиња, и ќе ги спомнуваат нашите денови како среќни.“

„Илјада нечии среќни мигови ќе бидат како овој, ама овој никогаш веќе. Илјада туѓи љубови ќе бидат како оваа, ама оваа никогаш веќе.“

„Никој никому не може да му натовари толку мака на врат колку што може човек сам себеси.“

„Никогаш човек не може така да си го упропасти животот како кога сака да го поправи, а не знае ни зошто ни како да го поправи, ниту знам дали е тоа поправање или расипување, особено кога ќе си го изгубам мирот.“

„Колку повеќе има свети засолништа зад кои луѓето се кријат, толку повеќе простор има за човечкото зло. Човек секогаш измислува причина надвор од себе за да се ослободи од одговорноста и вината. Тоа е поттик за заедничка неодговорност. Тешко на човештвото додека е така.“

„Еднаш ќе се разбудиме, и ќе се погледнеме запрепастено: што ли се случило со нашите соништа?“

„Сè ќе помине, господине – велеше тивкиот Ибрахим Паро. Но, каква утеха е тоа? Ќе помине и радоста, ќе помине и љубовта, ќе помине и животот. Зарем надежта е во тоа сè да помине?“

„Ги сакам луѓето, ама не знам што да правам со нив.“

„Нешто не е во ред со мене или со светот, или е во ред и со мене и со светот, ама не можеме да воспоставиме врска, никаква. Дали некој воспоставува или луѓето лажат, преправајќи се дека нема раскин или им е сеедно, а само го одржуваат привидот? Дали е можна некаква врска помеѓу човекот и светот освен морањето? Јас не го бирам тоа што го имам. Не бирам, всушност, ништо, ни раѓањето, ни семејството, ни името, ни градот, ни крајот, ни народот, сè ми е наметнато. Уште почудно е што тоа морање го претворам во љубов. Зашто, нешто мора да биде мое, затоа што сè е туѓо, и ги присвојувам улицата, градот, крајот, небото што го гледам над себе, од детството. Поради стравот од празнината, од светот без мене.“

„Луѓето всушност се плашат, затоа се сурови. Нападот е одбрана што наредува претпазливост и така нема лек за суровоста, зашто нема лек за човечката несигурност.“

Чувствував дека времето не е само течение, туку и присутност. Видливата трага од нечија рака што одамна запишала нерамни редови ѝ пркоси на смртта, а зборовите и нивната смисла живеат без прекин, како светло што не се гаси. Сè човечко сепак не умира.

„Рече, се сеќавам и сега на своето вчудовидување, дека постојат три големи страсти – алкохолот, коцката и власта. Од првите две луѓето некако можат да се излечат, од третата никако. Власта е и најтежок порок. Поради неа се убива, поради неа се гине, поради неа се губи човечкиот лик. Неодолива е, како волшебен камен зашто прибавува моќ. Таа е духот од Аладиновата ламба, кој ѝ служи на секоја будала што го држи. Одвоени не претставуваат ништо; заедно, коб се на овој свет. Чесна и мудра власт нема, зашто желбата за моќ е безгранична. Човекот на власт го поттикнуваат кукавици, го бодрат ласкавци, го поддржуваат апаши и неговата претстава за себе секогаш е поубава од вистината. Сите луѓе ги смета за глупави зашто го кријат пред него своето вистинско мислење, а за себе го присвојува правото да знае сè и луѓето го прифаќаат тоа. Никој на власт не е паметен, зашто и паметните набрзо го губат разумот, и никој не е трпелив, затоа што ја мразат промената. Веднаш создаваат вечни закони, вечни начела, вечно устројство и врзувајќи ја власта за Бога, си ја зацврстуваат моќта. И никој не би ги урнал кога не би станувале пречка и закана за другите моќници. Ги уриваат секогаш на ист начин, објаснувајќи го тоа со насилството кон народот, а сите се насилници, и со предавството кон владетелот, а никому тоа ни на ум не му паѓа. И никого тоа го нема вразумено, сите безглаво итаат на власт, како ноќни пеперутки на пламенот од свеќата.“

„Тоа е историјата на властите од памтивек. Сè се повторува, од воодушевувањето до насилството, од благородноста до тиранијата, секогаш и засекогаш.“

„Кога ми е тешко, бегам во самотија. Кога ми е уште потешко, барам добри луѓе.“

„Ќе одиме, без причина, ќе се радуваме, без причина, со една единствена причина, што сме живи и што се сакаме. А кај ќе најдеш поголема причина!“

„Токму стравот од смртта им дава убавина на сите нешта, на сè што доживуваме. Треба сè да се проживее, освојувајќи ја радоста на чистиот живот и убавината на љубовта кон луѓето, во овој краток прелет помеѓу две тајни.“

„Тоа се за него најлошите луѓе на светот, најштетните, најрасипаните. Тие ја поддржуваат секоја власт, тие се власта, тие сеат страв, без милост, без никаков обѕир, студени како мраз, остри како нож, како пци верни на секоја држава, како курви неверни на секој поединец, најмалку луѓе од сите луѓе. Додека ги има, нема да има среќа на светот, затоа што ќе уништат сè што е вистинска човечка вредност.“

„Повеќе тага има во вистината отколку во сè што можеме да измислиме.“

„Дали последните трошки од неговите сеќавања се лепат за родокрајното небо од детството, кое никогаш не го забораваме? На почетокот љубов, во животот омраза, на крајот сеќавање. Љубовта е сепак посилна од сè.“

„Се одлучив за љубовта. Поневистинито е, и поневеројатно, ама е поблагородно. И поубаво: така сè има повеќе смисла. И смртта. И животот.“

*извор од кој се преземени мислите: Селимовиќ, Меша. Тврдина. Антолог: Скопје: 2023, превод на Ѓоко Здравески

Leave a comment