Летото полека заминува, се подготвуваме за есен, а периодот на жештините кој е зад нас не ми беше еден од омилените бидејќи не сум голема обожавателка на летото. Па така, меѓу читањето и криењето од високите температури, гледав и филмови, па решив некои од нив да ви ги предложам и вам, бидејќи мислам дека особено ќе им се допаднат на љубителите на книгите. Меѓу нив се наоѓа и еден од моите омилени филмови „Полноќ во Париз“, кој не е екранизација, но е совршен за секој книгољубец, а другите два се понови филмови. Можеби ќе се инспирирате и ќе погледнете некој од нив (јас од срце ги препорачувам).
Полноќ во Париз (2011)

Опис: Ова ми е дефинитивно еден од омилените филмови што сум ги гледала и неодамна повторно го изгледав, и не ми се верува дека досега го немам препорачано на блогот, а доколку сте љубители на книги, морате да го гледате. Не е екранизација на книга, но има прекрасен сензибилитет и одлична приказна, а истовремено на екранот блеснуваат и неколку познати писателски имиња! Филмот беше номиниран и за неколку Оскари, а Вуди Ален доби Оскар за најдобро оригинално сценарио.
Дејството во филмот ја разгледува темата за носталгијата и чувството дека човек е роден во погрешно време. Колку пати сте размислувале и помислиле дека сте родени во погрешно време и дека во некое друго минато време во кое не сте живееле ќе ви биде подобро? Јас многу често го имам ова чувство и филмот одлично ја поставува приказната и доаѓа до многу интересен заклучок кој морам да признаам дека ме замисли и до ден денес често размислувам на оваа тема.
Овен Вилсон е Гил, сценарист и надежен писател кој е едноставно маѓепсан од идејата за Париз во 20-ти и 30-ти години на 20 век, кога Париз бил свратилиште и дом на многу познати уметници како Хемингвеј, Фицџералд, Пикасо, Дали, и многу други. Тој постојано замислува како би било да живеел во тоа време, а во меѓувреме работи на неговиот роман за продавница за носталгија. Заедно со неговата вереница одат во Париз и таму почнува нешто чудно да се случува…. тој влегува во едно такси и се префрлува во Париз од 20-тите години на 20 век. Таму налетува на многу интересни ликови: Фицџералд, Хемингвеј… Зарем сонува? Халуцинира? Додека се движи низ времето, тој учи многу интересни лекции за себе и животот.
Прекрасен филм! Ве уверувам дека кога ќе го погледнете нема лесно да го заборавите. Освен тоа има многу книжевни референци, малку филозофија и дискусија за сè и сешто, но и пред сè е многу човечка и топла приказна која размислува за прашањето кое сите ние некогаш си го поставуваме.
Да се живее (2022)

Каде можете да го гледате: ХБО МАКС (HBO MAX)
Опис: Ова ми е најтазе гледан филм, го гледав пред некој ден и многу ми е драго што го изгледав. За оние кои не знаат, сценариото е на нобеловецот Казуо Ишигуро, кој е многу познат кај македонската читателска публика со „Никогаш не оставај ме“, „На крајот на денот“ и „Клара и сонцето“. Делата на Ишигуро досега биле екранизирани („Никогаш не оставај ме“ и „На крајот на денот“, а се подготвува и анимирана екранизација на „Закопаниот џин“), но ова е првпат Ишигуро самиот да напише сценарио, а тука можете повеќе да прочитате за неговото искуство. Како за прв обид може да се каже дека е одличен бидејќи доби и номинација за Оскар за најдобро прилагодено сценарио, а Бил Нај доби номинација за најдобар актер (сосема заслужено, според мене требаше и да добие!)
Од таа причина и решив да го вклучам во овие препораки, бидејќи доколку сакате убави приказни и сте го читале Ишигуро, навистина ќе ви се допадне филмот, бидејќи има многу едноставна приказна, но моќна, ќе ве раздрма и ќе ве натера да размислувате за сопствениот живот. Ишигуро е познат по своите човечки и меланхолични приказни во кои секогаш се набљудува животот, па и тука е нешто слично, а филмот е своевиден римејк на филмот на Куросава од 1952 година, со тоа што е сместен во Англија во 50-тите години на 20 век.
Бил Нај, кој можеби го знаете од филмот „Љубовта, всушност…“, е постар бирократ кој цел ден седи на бирото и работи бирократска работа. Но, еден ден добива многу лоша медицинска дијагноза и одеднаш му се превртува цел свет. Почнува да размислува за својот живот, за тоа што постигнал, што направил со своето постоење и каква трага оставил во животот. Овој филм нè соочува со сопствената смртност, нè соочува со прашањата околу тоа на што и како го трошиме сопствениот живот, додека истовремено на многу суптилен (па и не толку суптилен начин) ја критикува бездушноста на бирократија и вечниот лавиринт на бирократија на еден по малку кафкијански начин.
На запад ништо ново (2022)

Каде можете да го гледате: НЕТФЛИКС
Опис: И како за последен предлог на листата, една директна екранизација на книжевно дело, и тоа какво дело! Оние кои го следат блогот знаат дека бев воодушевена од „На запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк и за мене тоа дефинитивно е книгата на летото, а и една од најубавите книги кои сум ги прочитала во животот. Со оглед на тоа дека долго остана оваа книга со мене, решив да ја погледнам и екранизацијата која излезе во 2022 година и која исто така беше одлично примена кај критиката и публиката, па доби и 9 номинации за Оскар, а дома однесе 4 Оскари: за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, фотографија, сценографија и филмска музика.
Инаку ова не е првата екранизација на ова генијално дело на Ремарк, но изненадувачки е првата екранизација на германски јазик, јазикот на кој всушност е напишан и романот. Доколку сте ја читале книгата дефинитивно треба да го погледнете филмот, а доколку го немате прочитано романот, можеби најдобро е прво да го прочитате, па потоа да го гледате филмот. Одредени работи се променети или додадени, и иако можеби лично не се сложувам баш со нив, сепак филмот е одличен и добро ја изнесува проблематиката и успева да го згрози гледачот, да му се згрози помислата за војна, ја покажува деструктивноста и ужасите на војната и е дефинитивно сериозен и голем антивоен филм, каква што е всушност и оригиналната приказна.
Ние во текот на приказната го следиме Паул Бојмер и останатите млади момчиња кои директно од школските клупи одат на фонтат за време на Првата светска војна заедно со неговите другари. Гледаме како млади и ведри духови згаснуваат додека од нив смртта сее на сите страни. Гледаме дека нема ништо величествено во војната. Доколку сакате историски филмови и анти-воени приказни, ова е добар филм за вас.
