Што читаше Кафе и книги во август?

Дојде септември, а тоа е знак дека летото веќе е во залез и дека полека почнуваме да се подготвуваме за есента, жолтите лисја и дождливите денови – совршен рецепт за читање и уживање (барем за мене). Доколку сте во потрага по нешто за читање, можеби некој од овие предлози ќе ве инспирираат да си го најдете следното четиво. Мислам дека август ми беше доста разновиден месец во поглед на жанрови, па има по нешто за љубителите на различен тип книги.

Тврдина“ – Меша Селимовиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
„Тврдина“ на Меша Селимовиќ е еден од најпознатите романи на Балканот, заедно со неговиот роман „Дервишот и смртта“. Во последно време го читав Меша Селимовиќ многу, па откако сфатив дека годинава се навршуваат девет години откако ја прочитав оваа книга, решив да ја препрочитам. И колку ми е драго за тоа.

Колку е прекрасен сензибилитетот на Меша Селимовиќ додека ги развива своите ликови, додека размислува за луѓето, светот и општеството, за местото на поединецот во овој свет полн со маки, зло и тегоби!

Главен лик во романот е Ахмет Шабо, кој откако се враќа од војна повеќе не е истиот човек, кој не знае што да прави со својот живот и како да се навикне на овој свет и овој живот. Тој набргу се разочарува од луѓето, но сепак продолжува да се бори: со себеси, со светот, со чаршијата… Прекрасен, длабоко човечен роман, кој ги поставува сите вистински прашања и нè остава со многу теми за размислување кои ќе останат длабоко со нас и по завршување на романот. Доколку ви е потребен дополнителен поттик за читање, тука можете да прочитате и прекрасни извадоци кои мене лично многу ме допреа!

Љубовни неврони“ – Али Хејзелвуд

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Првпат дознав за Али Хејзелвуд кога минатата година налетав на нејзината книга „Љубовна хипотеза“ (и ја препорачав – тука). Бидејќи ми се бендиса шармантниот стил на пишување на Али Хејзелвуд, решив да ја прочитам и „Љубовни неврони“, бидејќи ми изгледаше како совршена за летните одмори. И навистина беше така. Оваа книга ми се допадна и повеќе од „Љубовна хипотеза“!

Толку симпатична, човечка, зашеќерена, ќе ве исполни со толку позитивна енергија! Двајцата главни ликови се толку интересни и целиот нивен однос многу интересно се развива! Би е научничка чиј идол е Марија Кири и која напорно работи за да биде успешна научничка во поле кое не е нималку лесно за жени.

Таа понекогаш се сомнева во себеси и се чувствува дека стагнира во кариерата и тогаш НАСА ѝ нуди работа на проект – односно остварување на соништата! Но, таа мора да работи со Ливај Ворд, кого го познава уште од докторските студии и кој секогаш некако прави таа да се чувствува дека тој не ја поднесува. Но, одредени ситуации прават тие двајца нужно да мора да соработуваат. Во оваа книга има многу комични моменти, зашеќерени моменти – има сè. Ако сакате нешто што ќе ве опушти и донесе позитивна искра во секојдневието, ова е супер книга а вас.

Погрешно место, погрешно време“ – Џилијан МекАлистер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Август беше време кога навистина сакав да се одморам од реалноста, па решив да се почестам и со еден трилер. Не знаев ништо за книгата пред да почнам да ја читам и решив да оставам да ме изненади. И навистина ме изненади!

Интересна, необична и креативна приказна, која ќе ве држи во неизвесност речиси до самиот крај. Приказната започнува кога Џен го чека својот син да се врати дома. Таа го чека и гледа низ прозорецот и во моментот кога тој пристигнува на улицата, таа е сведок како нејзиниот син се бори и убива друг човек. Тоа е огромен шок за неа, ама уште поголем е шокот кога утредента се буди и сфаќа дека се буди еден ден претходно, односно патува назад во времето. Зошто? Која е причината? Дали треба да разбере зошто нејзиниот син го прави тоа што го направил и дали може да го спречи?

Има многу приказни за патување низ времето, но оваа е интересна затоа што наместо во иднината, таа се враќа во минатото и има интересна поента и кај мене покрена некои интересни теми за размислување. Мислам дека некои делови би можеле да се пократки, односно при крајот малку се развлекува и разводнува, но во принцип е навистина интересна и уживав додека ја читав и ќе биде одлична за оние кои сакаат трилери.

Есен во Венеција: Ернест Хемингвеј и неговата последна муза“ – Андреа Ди Робилант

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 4/5
Осврт
: Оваа книга е одлична за оние кои сакаат биографии и мемоари! Некако периодов се навраќав на некои работи и интересни информации за Хемингвеј, па ми текна дека ја имам оваа книга на моите полици, а никако не доаѓаше на ред за читање, па решив да ѝ се посветам.

Се работи за многу добро истражено четиво, со убав и лесен стил на пишување, кој воопшто не е заморен и ви го држи вниманието, а станува збор за последната муза на Хемингвеј која се појавила во неговиот подоцнежен живот кога тој бил во брак со својата четврта жена Мери. Се работи за младата Ана Иванчиќ која тој ја запознава случајно додека патува низ Италија и Венеција со Мери. Адреа ди Робилант истражувал долго и целото истражување го изложува во книгата, не само во однос на односот на Хемингвеј со Ана, туку и неговите познанства, пријатели, патувања и доживувања.

Освен тоа, покажува дека Хемингвеј не бил најлесениот човек за живеење, и покрај тоа што бил многу талентиран, а и доколку го сакате неговото пишување, сигурно ќе се насмеете на некои од анегдотите. Мене ми беше многу интересна оваа книга бидејќи немав многу познавања (барем не во детали) за овој дел од животот на Хемингвеј, а и се навратив на некои анегдоти кои ги знаев, но беа интересно изложени.

Бездната и други приказни“ – Леонид Андреев

Издавачка куќа: Alma Classics (кај нас ја има во Академска книга)
Оцена: 4/5
Осврт
: Да бидам искрена, за Леонид Андреев првпат слушнав пред неколку години кога налетав на еден текст кој подоцна го пренесов и на блогот насловен како „5 руски писатели кои не сме ги учеле во училиште!“ Како и секогаш кога ќе откријам нови имиња кои не ги знам, го ставив на листата на писатели кои сакам да ги прочитам и се израдував кога ја начекав на штандот на „Академска книга“ на еден Саем на книга.

Па така, сега ѝ дојде на ред на оваа збирка раскази, која навистина многу го задржува вниманието. Повеќето раскази се со еден помрачен и меланхоличен призвук, но имаат една длабочина при обработување на теми како смртноста, луѓето, суровоста, тишината, односите меѓу луѓето. Особено впечатливи ми беа некои од расказите како „Бездната“, која започнува разиграно и весело, а потоа полека добива сè поужасен призвук, како и расказот „Лазарус“.

Доколку сакате кратки раскази, многу ќе ви се допадне оваа збирка. Не знам дали Леонид Андреев е преведен на македонски јазик, јас досега не сум го сретнала и би сакала да се надевам дека ќе биде преведен, бидејќи навистина има што да се прочита во неговите приказни.

Leave a comment