Три куси мудри записи од Халил Џибран!

Халил Џибран бил познат либанско-американски писател и поет, кој со своите неверојатни стихови допира до секој човек и дното на душата. Тој е најпознат по неговото дело „Пророкот“, кое веќе го имам препорачано на блогот, а периодов ја читам книгата „Мудрост“, полна со мудри записи, кратки раскази кои навлегуваат во различни теми, а многумина од нив преку метафори навистина ќе ве натераат да размислувате за животот.

Па така, инспирирана и мотивирана, одбрав три куси записи од книгата, кои можеби ќе ви се допаднат и ќе ве поттикнат да ја прочитате.

Астроном

Во сенката на храмот мојот пријател и јас видовме човек слеп што седеше сам. И мојот пријател рече: „Гледај, еве го најмудриот човек на нашата земја.“
Тогаш го оставив својот пријател и му се приближив на слепиот и го поздравив. И започнавме разговор.
Набргу реков: „Прости ми што те прашувам ова, но од кога си слеп?
„Од раѓањето“, одговори тој.
Јас реков: „А која патека на мудроста ја следиш?“
А тој рече: „Јас сум астроном.“
Постоа си ги стави рацете на градите и рече: „Ги гледам сите овие сонца, месечини и ѕвезди.“

Око

Еден ден Окото рече: „Јас гледам зад овие долини планина со сина магличавост обвиена. Нели е убава?“
Увото слушаше, начулено извесно време, па рече: „Но каде е таа планина? Јас не ја слушам.“
Тогаш Раката проговори велејќи: „Попусто се трудам да ја почувствувам или да ја допрам, ни јас не можам да најдам никаква планина.“
Тогаш Окото се сврти на друга страна и сите почнаа да зборуваат за неговото чудно однесување. И рекоа: „Сигурно нешто не чини со Окото.“

Пламени букви

„Врежете на мојот гроб: Овде се посмртните останки на оној што своето име со вода го напиша.“ ~ Џон Китс

Зар вака ни минуваат ноќите? Зар вака се влечат во одот на времето? Зар вака поколенијата ни минуваат без да ни остават ништо друго освен имиња, место со мастило, со вода напишани?
Зар оваа светлина ќе згасне, зар оваа љубов ќе исчезне и зар овие надежи ќе ги снема? Зар смртта сè што ќе речеме ќе разурне, зар воздухот сè што ќе речеме ќе разнесе и зар мракот сè што правиме ќе скрие?
Зар тоа е животот? Дали тој е минатото веќе прогрмено, чии дела одамна исчезнале, дали тој е сегашноста што кон минатото ита, или е иднината што има смисла само кога ќе настапи и ќе стане сегашност или иднина? Зар ќе исчезнат сите радости на нашите срца и тагите на нашите души, без да ги пробаме нивните плодови?
Зар човекот е како морската пена, што за миг се јавува на површината, а потоа доаѓа ветрецот што ја смирува и водата станува небаре пената воопшто ја немало?
Не, се колнам во животот, зашто вистината на животот е самиот живот. Животот што не започнал во мајчината утроба и чиј крај во гроб нема да биде. Што друго се сите овие години ако не миг од вечниот живот! Целокупниот овосветски живот е само сон во однос на јавето што го викаме страшна смрт. Само сон е, но сè што во него сме виделе и направиле ќе трае со божјата вечност.
Етерот ги однесува секоја насмевка и секоја воздишка од срцето што ни се откинува, тој го скрива ехото на секој бакнеж чиј почеток е во љубовта. Ангелите ја бројат секоја солза што тагата од нас ја измамува и до сетилата на душите што пловат во бескрајната Вселена ја донесуваат секоја песна што радоста на нашите души ќе ја испее. Таму, на светот што ќе дојде, ќе ги видиме сите трепети на своите души и пропоти на своите срца, таму ќе ја спознаеме суштината на нашата божественост што сега ја пренебрегнуваме од очајот поттикнати.
Заблудата што сега ја викаме слабост ќе се покаже како алка што е неопходна за да се доврши синџирот на човековото траење. Неволите за кои сега не сме благодарни ќе живеат со нас и за славата наша ќе придонесуваат.
Несреќите што ги носиме ќе бидат ореол на гордоста.
Но кога би знаел Китс, тој распеан славеј, дека песните негови уште го сеат духот на љубовта и убавината во срцата човечки, би рекол:
Врежете на мојот гроб: Овде се посмртните останки на оној што своето име со вода го напиша.“

Leave a comment