Што читаше Кафе и книги во септември?

Нов месец, нови можности за читање! Пристигна есента, па сега можеме да уживаме во лисјата кои паѓаат, топол чај и прекрасни книги. Доколку се мислите што да читате овој месец, погледнете ја листата со предлози составена од книги кои ги прочитав изминатиот месец.

На работ на паметот“ – Мирослав Крлежа

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт:
Каква феноменална книга! Дефинитивно најдобрата книга која ја прочитав изминатиот месец. Вистински класик, но и една исклучително релевантна приказна, чии главни теми и критики неоспорно важат и денес и секој читател лесно може да повлече паралели со времето во кое живееме.

Нараторот е во прво лице еднина, односно токму преку неговиот запис и раскажување навлегуваме во приказната, токму неговата, на нараторот. Тој е средновечен човек кој цел живот има некаква почит во општеството, секогаш живеел во рамките на нормите и правилата на средината во која живеел и како што и самиот тој е свесен, така можеби и би продолжил да живее да не се случела една судбоносна, за многумина, навидум незначајна случка, која целосно ќе му го промени животот и ќе стане болно свесен за лицемерието на малограѓанството, малодушноста на општеството и лажниот сјај на „големите луѓе“, особено оние почитуваните, почитувани од сосема погрешни причини. Додека тој ни ја раскажува својата голгота, ние како читатели, силно го забележуваме тој презир кон малограѓанштината, тој порив за слободата и правичноста, но и доследноста на поединецот кон самиот себе и своите принципи и никако не можеме да ги заобиколиме сите критики на општеството и светот.

Иако издадена во 1938 година, овој роман е толку свеж, што лесно би можеле да помислиме дека е издаден вчера. Во тоа е големината на сите вистински класици и во тоа лежи и тоа неверојатно мајсторство на Крлежа, кој се надевам дека во следниот период ќе имам повеќе прилики да го читам.

Мудрост“ – Халил Џибран

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт:
Халил Џибран е навистина неверојатен книжевник, кој со право зазема големо место во историјата на книжевноста. Досега веќе имам пишувано за него на блогот и ја имам препорачано книгата „Пророкот“, а и минатата недела веќе наполнав дека ја читав оваа книга и издвоив неколку куси записи кои можеби дополнително ќе ве поттикнат да ја прочитате.

Имено се работи за книга со параболи, куси раскази, записи, размисли со длабоки метафори и мудрости кои ќе ве натераат да нурнете „во длабокото“ и да размислувате на најразлични животни и филозофски теми.

Искрено уживав во оваа книга и верувам дека секому кому е потребна оддишка од реалноста и кој сака да се насладува со прекрасни записи, оваа книга ќе му дојде како порачана. Освен тоа, може да се чита полека, а и понатаму, може и по случаен избор да си бирате записи кои сигурно нешто ќе ви кажат.

Кери Сото се врати“ – Тејлор Џенкинс Рејд

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт:
Тејлор Џенкинс Рејд моментално е една од најпопуларните авторки и нејзините романи се продаваат како алва. Изминатиот месец ми требаше некоја полесна драма бидејќи навистина ми беше напорен периодот, па решив да ја прочитам „Кери Сото се врати“. За оние кои ја прочитале „Малибу во пламен“, ќе ја препознаат Кери Сото, која е главен лик во овој роман, а накусо се појавува и е спомната и во тој роман, иако самите книги не се поврзани и сосема можете засебно да ги читате.

Кери Сото е тениски феномен, тенисерка која во 70-тите и 80-тите години начисто доминирала во светот на тенисот и која ги држи сите можни рекорди. Во 90-тите, доаѓа време на нови и помлади тенисерки и одеднаш се појавува закана дека нејзиниот рекорд ќе биде срушен, па таа, на 37 години решава да ги игра сите четири големи светски турнири во надеж дека ќе си го врати тронот. Во текот на романот, го гледаме нејзиниот развој како личност, но и нејзиното минато, како стигнала до врвот и со што се соочувала.

Се работи за интересна драма, со убав развој на ликовите, но и истите се многу човечни, особено носечкиот лик, која некогаш може да ви оди на нерви, но има многу поента и во тоа однесување кое е отскочна даска за нејзиниот развој.

Пријатели, љубовници и големото ужасно нешто“ – Метју Пери

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт
: Метју Пери ми е еден од омилените актери од детството. Пораснав со неговите комедии, особено со телевизиската серија „Пријатели“ и одвај чекав да ја прочитам неговата автобиографија која стана апсолутен хит. Иако искрено не знаев многу за неговиот живот, освен некои површни детали, па затоа немав некакви очекувања кога ја почнав книгата.

Оттаму навистина се изненадив од мрачниот тон во книгата и се запрепастив од ужасните работи низ кои поминал и зависноста со која се соочувал/соочува. Се работи за приказна од која има што да се научи, особено во поглед на тоа дека богатството и славата сепак не се решение за длабоките рани кои ги носиме во себе, иако тој заклучува дека секој што не е славен никогаш не верува навистина во тоа.

Ми пречеше малку тоа што на многу се повторува, некои од работите би можеле да бидат подобро уредени од кој и да му ја уредувал книгата, а и честопати имав чувство дека постојано бара оправдувања за себеси дури и кога правел грешки, иако очигледно е дека низ текот на годините сепак ја научил својата лекција. Ако сакате автобиографии на познати личности или ако сте обожаватели на „Пријатели“, мислам дека ќе ви биде интересна оваа книга.

Уна“ – Момо Капор

Издавачка куќа: ЛАГУНА ( ја најдов во Топер)
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Момо Капор ми е еден од балканските писатели со најшармантен стил на пишување, толку читлив, интересен, прониклив, секогаш со интересни и остроумни забелешки, па и сатира на општеството во тоа време.

„Уна“ е можеби и неговиот најпрепознатлив роман, па затоа решив дека морам да го прочитам. Се работи за малку поконтроверзна тематика, за врската меѓу професорот Мишел и универзитетската студентка Уна, која всушност треба да го интервјуира и да споделува информации за него со управата на факултетот која сака да го отстрани од факултетот, но тоа оди тешко бидејќи тој е многу популарен професор.

Во книгата често се појавуваат различни погледи, па гледаме од различни гледни точки: на Мишел, на Уна, записи, итн. Иако можеби ова лично не ми е омиленото четиво од Момо Капор од повеќе причини, сепак навистина вреди да се прочита, бидејќи како и секогаш Момо Капор со остра прецизност дава некои интересни одговори на различни прашања, особено на односот на поединецот кон општеството и системите, а тука е и прашањето на љубовта.

Leave a comment