Одлични вести за македонската книжевност! Венко Андоновски е добитник на престижната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за неговиот роман „Папокот на светлината“!
Романот е објавен во руски превод на еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматор на македонската култура, Олга Панкина, која како што се наведува во соопштението исто така ја доби годинешнава награда „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик, за романот на Андоновски.

(Извор на сликата: prikazni.mk)
Добитниците беа соопштени на вчерашната церемонија во Бoљшој театарот во Москва, од страна на жирито составено од еминентни руски писатели: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој), Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински.
Како што веќе беше објавено во јуни, романот на Венко Андоновски беше во најтесниот избор за наградата заедно со романите „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија) и „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).

(Извор на сликата: prikazni.mk)
Со оваа награда, Венко Андоновски се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнс (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел).
Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски е востановена во 2015 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг Електроникс“.
Искрени честитки за Венко Андоновски!
