Салман Ружди ќе издаде мемоар во април!

По ужасниот напад што едвај го преживеа, се чини дека Салман Ружди полека и решително се враќа, иако, како што рече во неколку интервјуа, свесен е дека животот никогаш нема да му биде ист и дека му било потребно време повторно да добие фокус и да се концентрира на пишувањето.

Доколку не сте упатени, Салман Ружди беше нападнат минатата година во август на еден настан на кој тој држеше предавање. Напаѓачот го прободе со нож неколку пати, тој долго време беше во критична состојба, а како последица на нападот остана слеп на едното око и сè уште има проблеми со пишување поради тоа што нервите на едната рака му се оштетени.

Сега, повеќе од една година од нападот, издавачката куќа „Винтиџ Букс“ објави дека во април 2024 годна ќе излезе неговиот мемоар „Нож“, каде за првпат, и тоа „во незаборавни детали“, Ружди зборува за трауматичните настани од 12 август 2022 година. Како што се вели во најавата, „Салман Ружди на насилството одговара со уметност и нè потсетува на моќта на зборовите да му дадат смисла на незамисливото“. „Нож“, според нив, „е интимна, запрепастувачка, и во крајна смисла медитација која го слави животот и навлегува во различни теми како загубата, љубовта и пронаоѓањето на сила повторно да се застане на нозе.“

Салман Ружди веќе со децении се соочува со сериозни закани за животот, откако во 1989 година беше изречена фатва поради неговиот роман „Сатански стихови“. Во февруари годинава исто така излезе неговиот роман „Победнички град“, кој не го промовираше поради сето она што се случи, а напишан бил пред да се случи нападот.

Што се однесува на „Нож“ самиот Салман Ружди вели: „Ова беше книга која беше неопходно да ја напишам: начин да преземам контрола врз она што се случи и да одговорам на насилството со уметност.“

Извор.

Leave a comment