Три важни факти за Бертолт Брехт!

Бертолт Брехт е еден од најистакнатите германски драматурзи, поети и книжевници. Неговите претстави покажуваат дека некои дела се безвременски и со право се смета за еден од најзначајните светски драматурзи и писатели од 20 век. Тој се родил на 10 февруари 1898 година во Аугсбург, а починал од инфаркт на 14 август 1956 година. Пред извесно време налетав на едно одлично видео на сервисот „Дојче веле“ во кое изнесуваат три интересни и важни факти за него, денес ви ги пренесувам на блогот на македонски јазик, а најдолу можете да го погледнете и оригиналното видео на англиски јазик.

Побегнал од нацистичка Германија

Во 1933 година, Брехт си заминал од Германија откако нацистите ја зграбиле моќта во свои раце. Нацистите ги забраниле неговите дела. Тој поминал 15 години во прогонство пред да се врати во Источна Германија која во тоа време била под комунистичка власт (СССР). Тој постојано ја критикувал неправедноста на капитализмот во своите претстави и тоа го направило еден од омилените драматурзи насекаде низ источна Европа.

Брехт и епскиот театар

Брехт направил револуција во театарот преку развивањето на т.н „епски театар“. Оваа иновативна форма на изведби продолжува да ги освојува гледачите и им помага да ги гледаат претставите со критички очи. Брехт верувал дека театарот не треба да биде само забавен туку и да поттикне размислување и да биде предизвикувачки за публиката. Уште една од клучните идеи на Брехт била „ефектот на оттуѓување“. Овој концепт прави познатото да изгледа чудно и ја поттикнува публиката да се запрашаат што гледаат.

Неговите претстави сè уште се познати на глобално ниво

Делата на Брехт честопати разгледуваат општествени и политички прашања. Неговите драми се преведени на многу јазици и се изведуваат насекаде низ светот, како на пример: „Опера за три гроша“ чие дејство се одвива во подземјето полно со криминал и корупција, „Мајката Храброст и нејзините деца“, која зборува за една жена која се обидува да ја преживее Триесетгодишната војна додека ги балансира потребите на нејзиното семејство и бизнис. Драмите на Брехт ги истражуваат универзалните теми за преживување и потрагата по правда и тоа е една од причините поради кои и денес луѓето ширум светот ги сметаат за значајни и релевантни.

Погледнете го оригиналното видео во продолжение, а доколку сакате да прочитате неколку поеми на Бертолт Брехт, тоа можете да го сторите на следниот линк.

Leave a comment