Есента веќе добива силен замав, денот станува сè пократок, а желбата за читање сè поголема. Традиционално, новиот месец ја означува и новата листа со препораки за читање од книгите кои ги прочитав месецов, па можеби и ќе се инспирирате.
„Чичко Горио“ – Оноре де Балзак

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Морам да признаам дека не ми одеше со Балзак во средно училиште и неодамна решив да му дадам уште една шанса, па затоа ја фатив „Чичко Горио“ во рака. И многу е интересно колку многу разлика прават 15+ години! Овојпат бев залепена за книгата, не можев да ја испуштам, толку нови нијанси и бои открив додека ја читав.
Се работи за многу интелигентна анализа на одвратноста на снобовското и елитистичко општество, но и за привлечноста и заслепувачкиот сјај кој прави луѓето едноставно да се загубат себеси и сите вистински и правилни морални вредности во животот, вклучувајќи и да ги напуштат оние кои би направиле сè за нив.
Чичко Горио е станар во пансион и многумина не ја знаат неговата приказна, освен тоа дека бил прилично имотен човек и трговец, но со текот на времето, станува сè посиромашен, а никој не може да си го објасни тоа. Полека се дознава дека тој има две добро омажени ќерки, но се чини дека нема многу комуникација со нив. Преку ликот на младиот и наивен студент Растињак, ние заедно со него ја откриваме целосната приказна, заедно со темната страна на дволичното и расипано општество во Париз. Книга која со причина е класик, но и која и денес е многу релевантна за многу работи, особено меѓучовечките односи.
„Јон“ – Еврипид

Издавачка куќа: ПАБЛИШЕР
Оцена: 4/5
Осврт: Одвреме – навреме сакам да се навраќам или да откривам антички драми кои не сум ги прочитала, бидејќи се толку различни од времето во кое денес живееме и колку се интересно развиени, а голем дел од темите кои се обработуваат во нив се и денес актуелни или на некој начин универзални. Па така, месецов се одлучив за „Јон“ од Еврипид, која досега не ми беше позната.
Креуса и Ксут не можат да имаат дете и се обидуваат да дознаат што треба да направат за имаат син. Никој не ја знае мрачната тајна на Креуса и нејзината болка, дури ни нејзиниот сопруг. Но, тогаш чудните патишта на боговите се покажуваат во вистинското светло и одеднаш Јон станува централна фигура во животот на Креуса и Ксут. Многу куса, но многу интересна драма, која ќе ја прочитате дур да трепнете.
„Сè што заборавила Алиса“ – Лиен Мориарти

Издавачката куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Не знам што очекував од оваа книга, но целосно неочекувана ми дојде целата приказна и навистина уживав од почеток до крај. Можеби според насловот помислив дека ќе биде трилер, но сепак се работи за една интересна драма со доза на мистериозност, бидејќи ве копка да дознаете што се случило.
Приказната започнува кога Алиса се буди на подот од вежбалницата откако ѝ се слошува и сфаќа дека не се сеќава на ништо од последните десет години, не се сеќава на нејзините три деца, на нејзиниот разрушен однос со сопругот. Последниот спомен и е кога била бремена со нејзиното прво дете. Како што полека почнува да ги склопува коцките, така и ние со неа дознаваме што ѝ се случувало во последните десет години.
Можно е малку да ви биде конфузна на моменти бидејќи се случува да се менуваат повеќе гледни точки, да се оди напред-назад во сегашноста и минатото, но доколку сакате интересни драми кои ве тераат да погодувате, ова е одлична приказна за вас.
„Чекај ме кај езерото“ – Карли Форчан

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3.5/5
Осврт: За книгава дознав кога видов дека Хари и Меган ги откупиле правата за филм, а бев расположена за романтична комедија, па решив да ја прочитам. Дејството се случува во Канада, ја запознаваме Ферн, која по смртта на својата мајка се враќа во нејзиното родно место, каде нејзиното семејство со години држи едно одморалиште. Ферн не знае што да прави со местото, бидејќи со години не живее таму, а и не знае како да се соочи со болката од загубата. Потоа, еден ден, се појавува Вил, како гром од ведро небо, човек со кого таа има поминато само еден ден пред речиси една деценија, но со кого имала неверојатна хемија и човек кој го прекршил ветувањето кое меѓусебно си го дале. Но, токму тој треба да ѝ помогне и гледаме како се развива нивниот однос по толку години и повредени чувства.
Книгата има некои недоследности и вториот дел малку ми се изгуби хемијата, а и некои од ликовите не ми беа баш по моја мера, но лесно се чита и ќе уживате ако барате нешто за да се одморите, а особено ќе им се допадне на оние кои сакаат лесни романтични комедии и филмови од типот на „Халмарк“ продукција.
„Книга за жалби“ – Момо Капор

Издавачка куќа: ЛАГУНА
Оцена: 3/5
Осврт: Како што реков, есенва е посветена на Момо Капор, па секој месец читам по една негова книга, овојпат се решив за „Книга за жалби“.
Иако не ми легна баш многу како други книги на Момо Капор, односно мислам дека малку се развлекува непотребно, она што го обожавам кај неговиот стил на пишување е тоа што создава интересни карактери и интересни приказни и некаде низ страниците суптилно, а понекогаш и не толку суптилно вметнува толку прекрасни и интересни размислувања за животот, односите меѓу луѓето, уметноста, па и општеството, што и долго откако ќе прочитам нешто од него, размислувам за напишаното, а често знам и да дискутирам некои теми кои се проткајуваат со друштвото.
