Нобеловата награда за книжевност е една од најпрестижните книжевни награди и се смета за вистинска чест и признание доколку се добие. Годинава таа отиде во рацете на норвешкиот писател Јун Фосе. Пред неколку години започнав да објавувам текстови за познати писатели и писателки кои не ја добиле престижната Нобелова награда за книжевност, иако денес се сметаат за бисери во светската книжевна историја. Останатите два текста можете да ги прочитате тука и тука, а во продолжение прочитајте за уште петмина познати писатели кои не ја добиле оваа значајна книжевна награда, но сепак се сметаат за едни од најдобрите книжевници.
Џ. Р. Р Толкин

Џ.Р.Р. Толкин е еден од најголемите автори на 20 век. „Господар на прстените“ и „Хобитот“ се монументални дела запишани со златни букви во историјата на книжевноста и не е претерување да се каже дека тој направи револуција во жанрот на фантазијата. Сепак, тој е еден од големите писатели што не ја добиле Нобеловата награда за книжевност. Тој бил номиниран во 1961 година, токму годината кога Иво Андриќ ја добил Нобеловата награда за книжевност.
Според една објава на „Би-Би-Си“ од 2012 година, врз основа на декласифицирани документи, жирито во 1961 година сметало дека раскажувањето на Толкин во „Господар на прстените“ не било „со највисок квалитет“. Засега нема податоци дали бил номиниран и во некоја друга година, а во 1961 година бил номиниран од страна на неговиот колега и пријател К.С. Луис. На форумот Quora, еден од корисничките профили смета дека шансите би му биле поголеми доколку неговото дело „Силмарилион“ било издадено додека бил жив, иако тоа не може да се знае со сигурност.
Владмир Набоков

Владимир Набоков се смета за еден од најинтересните писатели на 20 век, со многу интересни приказни и начин на раскажување. Токму неговото име често можете да го најдете на сите листи составени од писатели кои ја заслужувале Нобеловата награда, но никогаш не ја добиле. Она што е интересно е што Набоков, според декласифицирани документи (Шведската академија ги декласифицира документите по 50 години), Набоков неколку пати бил номиниран за наградата, но никогаш не му се посреќило да ја добие.
Иако причините за тоа не се сосема познати, сепак, повеќето шпекулираат дека „Лолита“ и контроверзноста на романот во голема мера придонеле за тоа. Позната е изјавата на Андерс Остерлинг, кој бил член на жирито, во 1963 година изјавил дека „авторот на неморалниот и успешен роман „Лолита“, под ниту едни околности не може да биде земен предвид за наградата“.
Хулио Кортасар

Покрај очигледниот „бум“ на јужноамериканската книжевност во 20 век, сепак Кортасар е еден од писателите што навистина има направено револуција во стилот и начинот на раскажување на приказните. Кортасар, роден во Аргентина, но голем дел од животот го поминал во Франција, е еден од писателите што и ден денес уживаат огромна популарност. „Куцкамен“ е роман кој дефинитивно ви го препорачувам да го прочитате, кај нас беше објавен во издание на „Табернакул“, и е роман кој дефинитивно е надвор од вообичаените шаблони.
Се смета дека и тој бил меѓу номинираните за наградата во одреден момент од животот, но никогаш не ја добил. На веб-страницата actualidadliteratura.com е наведено дека во одреден момент бил запрашан дали би сакал да ја добие наградата, на што тој одговорил: „Да, би сакал да ја добијам за да можам да ја искористам како политичко оружје против оние латиноамерикански писатели кои се продадоа на фашизмот.“ Не е познато зошто не ја добил наградата, но многумина претпоставуваат дека е поради фактот што тој бил прилично политички некоректен, а Шведската академија често се дистанцирала од автори што се движеле по таа линија.
Милан Кундера

Милан Кундера за жал нè напушти годинава, а не успеа да ја добие Нобеловата награда за книжевност. Тој е еден од моите омилени писатели, па затоа решив (веројатно и малку пристрасно) да го вклучам во оваа листа.
Кундера со неговите дела како „Шега“, „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Книга за смеата и заборавот“ и уште многу други е еден од писателите што мајсторски ја провејуваше меланхолијата во своите дела, фрлаше светлина на темните аспекти од неговото општество, но и секогаш имаше интересен и свеж поглед на меѓучовечките односи. Политичкото и човечкото секогаш се испреплетуваа и беше еден од најзначајните писатели од нашето време и за жал, никогаш не ја доби Нобеловата награда за книжевност.
Роберт Фрост

Роберт Фрост е еден од најзначајните американски поети, чии песни и поеми и денес имаат значително влијание не само врз американската книжевност, туку и врз светската книжевности и култура. Неговите поеми често се референцираат во песни, филмови и популарна култура, а сепак никогаш не ја добил Нобеловата награда за книжевност, иако бил номиниран многупати (некаде може да се прочита и информацијата дека бил номиниран 31 пат). Тој инаку има добиено Пулицерова награда дури 4 пати, како и многу други одликувања.
Според порталот „Times of India“, во 1961 година, жирито решило да не му ја додели наградата поради неговата „напредна возраст“ (тогаш имал 86 години) и во записниците стои дека неговата возраст претставува „фундаментална пречка, и дека комитетот со каење смета дека е неопходно да го потенцира“. На други места може да се сретне и информацијата дека според биографите на Фрост, тој бил опседнат со тоа да ја добие наградата и дека често и јавно лобирал за тоа, што според некои исто така имало негативен ефект врз жирито.
