Годинава се одбележуваат 100 години од раѓањето на еден од најголемите поетски великани на овие простори – Ацо Шопов. Меѓу останатите настани кои годинава беа организирани, неделава ќе имате можност да присуствувате и посетите еден многу убав настан кој има за цел да го промовира неговото творештво, а е и многу убав начин да се одбележат 60-те години од издавањето на легендарната збирка „Небиднина“.
Во четврток, на 23 ноември, со почеток од 19 часот, во Кинотеката во Скопје ќе се одржи промоција на на три книги, а одделни фрагменти ќе заживеат на сцената благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и на Емил Рубен, проекција на омнибусот „Небиднина“ и две изложби кои за првпат ќе бидат претставени на публиката.
Како што се наведува во најавата на официјалниот настан на Фејсбук, „Небиднината се појавува како централна оска во книгата на Иван Антоновски „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“.“
Овие разговори разоткриваат податоци од приватниот и општествен живот на македонскиот класик кои се не само интимно врзани со неговиот творечки чин, туку и го илустрираат неговиот непроценлив влог во развојот на нашата книжевна и општествена стварност („Дијалог“).
Втората книга која ќе се промовира на овој настан е „Песна над песните“, избор во кој поезијата на Шопов се чита во светлината на неговите размисли за литературата и за општеството, како и на критичките осврти кон неговото творештво („Сигмапрес“).
И за крај, Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски фрлаат еден свеж, смел и невообичаен поглед врз поезијата на Шопов во нивниот двојазичен графички омнибус насловен „Небиднина / Not-Being“ („Флип Бук Букс“).
Се работи за мошне интересен настан кој верувам дека треба да го поддржиме.
За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук.

