Агата Кристи е една од најдобрите писателки на крими романи и мистерии, донекаде може да се каже и дека таа самата изврши револуција во овој жанр и затоа и по толку години, таа сè уште најпродавана авторка. Нејзиното влијание врз овој жанр не се однесува само на книжевноста, туку и на филмовите и сериите. Доколку убаво забележите, ќе видите дека голем дел од мистериите и крими-филмовите се служат токму со нејзиниот рецепт. Нејзиното книжевно и културно наследство е огромно, па затоа ми беше многу интересно ова видео на Џејми Бернтал за TED-Ed во кое во неколку минути ги покрива главните елементи што ги прават приказните на Агата Кристи толку интересни. Па затоа, подолу прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу погледнете го и видеото.
(Извор на сликата: официјална страница на Агата Кристи, agathachristie.com)
„Вистината, без оглед на тоа колку е грда, отпосле е секогаш интересна и убава за оние што ја бараат.“
~ Агата Кристи, „Убиството на Роџер Акројд“
Агата Кристи е најпродаваната авторка на сите времиња. Но, во 1916 година таа не била авторката со најголем потенцијал дури ни во нејзиното семејство. Нејзината постара сестра Меџ веќе имала напишано неколку кратки раскази, додека Агата сè уште немала објавено ништо. Па така, кога Агата ја споделила нејзината желба да напише роман-мистерија, Меџ негодувала и се потсмевала. Таа се обложила дека Агата не може да создаде интересна мистерија, а особено не можела да создаде мистерија која таа не би можела да ја реши. Производот од тој облог денес е меѓу речиси 100-те други мистерии на Агата Кристи, секоја од нив е интелигентно изградена сложувалка во која има траги, погрешни насоки и стапици, и секако – човечка драма. Па така, ајде да истражиме како таа ги создала овие совршени злосторства.
Кристи ги дизајнирала своите приказни на многу начини, но една од најважните одлуки било поставувањето на приказната, односно избирањето локација за приказната. Од далечен остров па сè до возна локомотива што е заглавена од снежна лавина, таа претпочитала локации што се изолирани од општеството. Со ограничување на опсегот во нејзините приказни, Кристи го ограничувала бројот на можните осомничени и ја градела тензијата со тоа што ги принудувала ликовите да бидат на едно место дури и со убиец меѓу нив. Понекогаш, таа дополнително ја зголемувала драмата со тоа што правела ликовите меѓу себе воопшто да не се познаваат, и со тоа да не бидат сигурни во тоа кому можат да веруваат. Но, иако локациите што ги одбирала се морничави и исклучителни, нејзините ликови се сосема спротивно на тоа.

(Извор на сликата: Britannica)
Една од најголемите критики за романите на Кристи е тоа дека се полни со дводимензионални ликови. Но, Кристи со причина избегнувала комплексни ликови. Со тоа што ги сведува луѓето на неколку едноставни карактеристики, таа на читателите им нуди предвидливи осомничени, т.е најчесто се предвидливи. Кристи исто така ги користи очекувањата на читателите против нив. Сепак, овој тип на градење на одреден вид ликови понекогаш се потпирал на она што модерните читатели денес знаат дека се штетни стереотипи. Таа постојано создавала „карикатури“ од одредени професии или етнички групи за да постигне одреден комичен ефект, со што ги зацврстувала предрасудите од нејзиното време. Ова секако не е елемент од нејзиното творештво што треба да се копира, и за среќа, многу модерни писатели и писателки на мистерии нашле помалку проблематични начини за користење на оваа техника.
Дури и кога грешела, Кристи сепак наоѓала начин да ги направи своите ликови автентични. Таа многу внимателно ги набљудувала луѓето околу себе и постојано запишувала детали од туѓи разговори што ги наслушнувала. Таа потоа ги вметнувала и размешувала овие детали за да ги склопи своите мистерии, а често го менувала убиецот во приказната додека ја пишувала. Овој пристап прави информациите да се магливи и да ги дезориентира дури и највнимателните читатели. Сепак, важно е да се потенцира дека е многу важно да се постигне баланс меѓу тоа да се биде прониклив и да се биде нејасен. Никој не сака да чита предвидлива мистерија, но ако работите станат премногу заплеткани, можете целосно да го изгубите читателот. Кристи делумно се справувала со ова со тоа што нејзиниот стил на пишување го одржувала јасен и достапен.
Таа користела кратки реченици и јасни и брзи дијалози за да им помогне на читателите да ги следат информациите. Овој тип на јасност е неопходна, затоа што најдобрите мистерии ги водат читателите преку внимателно поставени траги и показатели. Со Кристи, добра трага е онаа што читателот ќе ја запомни, но обично нема да успее целосно да ја разбере. На пример, кога еден од ликовите вели: „Денес сè има ужасен вкус“ и тоа само неколку минути пред да умре, читателот веднаш брза да заклучи и погоди кој ставил отров во неговиот пијалок. Но, мала е веројатноста дека тој што чита навистина ја обмислува оваа трага. Ако тој ден сè имало ужасен вкус, тогаш ликот бил отруен некое време пред да се напие од тој пијалок.

(извор на сликата: Телеграф)
Кристи исто така ги користи трагите за намерно да ги залаже читателите. На пример, читателите може да препознаат трага која ќе ја поврзат со еден осомничен, само за подоцна да разберат дека таа трага била искористена за тој лик лажно да биде наместен за делото. Во други наврати, таа ја користи техниката за погрешно насочување и ја вметнува директно во структурата на приказната, како во случаите кога нараторот што го пријавува убиството излегува дека е самиот убиец.
Покрај злосторствата и трагите, постои уште една состојка во формулата на Кристи, а тоа е: детективот. Кристи има создадено многу истражители и детективи, но најпознати се Херкул Поаро и г-ца Марпл. Ниту овој мал белгиски бегалец, ниту постарата аматерска детективка се традиционални, односни типични херои. Но, нивниот статус на „аутсајдери“ е токму она што им помага да се протнат низ безбедносните мрежи и да ги натераат осомничените да го спуштат својот одбранбен штит.
Како што веќе можете да погодите, Агата го добила облогот на нејзината сестра. Нејзините ексцентрични детективи, проникливи траги и поедноставени осомничени создаваат нацрт кој сè уште освојува безброј читатели. И сега кога и вие ги откривте нејзините стратегии, единствената преостанати мистерија е тоа какви приказни можете да раскажете користејќи ги овие тајни.
Во продолжение погледнете го видеото на TED-Ed:

