Денес е убав ден да читаме македонска поезија (впрочем, како и секој друг ден), па затоа во продолжение уживајте во прекрасните стихови на Анте Поповски и тоа песна од неговата прва издадена стихозбирка „Одблесоци“!
Наслутувања – Анте Поповски
Ќе наминеш ти
со твоите зелени очи
– подлабоки од езерото на надевањата,
– позелени од зеленилото пролетно!
Молкум ќе погледнеш горе
и тихо како наслутувањето
ќе одминеш…
И да се колнам
– по бездната на нашите надевања
ќе тапка заборавот
и рамнодушноста
на ова зеленило пролетно:
Јас ќе те барам
– во сè што е зелено
ќе те најдам
– во сè што е длабоко.
(„Одблесоци“, 1955)

