Буковски во „Буква“!

За сите љубители на творештвото на Чарлс Буковски, еве една добра вест! Пред неколку денови излезе македонското издание на „Белешки на еден стар гад“. Оваа збирка на колумни на Буковски првпат се објавува на македонски јазик, а изданието е на издавачката куќа Бегемот.

(Извор: Официјалниот настан на Фејсбук)

По тој повод, во петок, со почеток од 20.30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, како што најавуваат организаторите, Буковски ќе „гостува“ преку видеозапис со своето последно поетско читање, односно ќе биде прикажано неговото последно поетско читање, а доколку сте гледале видеа од неговите интервјуа и читања, знаете дека тоа е секогаш интересно за слушање и гледање.

Потоа следува и опуштање со музика токму од времето на Буковски, а музика ќе пушта Томе Сиљаноски, преведувачот на „Белешки на еден стар гад“.

Инаку, за оние кои ги интересира и кои не го знаат ова дело, во сижето на книгата се наведува дека „Белешки на еден стар гад“ „е збирка „колумни“, како што ги нарекува авторот, кои Чарлс Буковски ги пишувал за својата колумна во андерграунд списанието Опен сити од Лос Анџелес, во периодот од 1967 до 1969 година, во кои на свој добро познат начин, овојпат заземајќи гард на мудра будала, коментира разни актуелни општествени и книжевни теми и раскажува голем број фиктивни и автобиографски приказни, но овојпат занемарувајќи ги и правописните правила, со тоа давајќи им анархичен тон на текстовите.“

Дополнително, во сижето се наведува:

Навлегувајќи од една во друга приказна, Буковски го води читателот низ безброј незамисливи ситуации, моќни сцени, груб јазик, низ палета од ликови од најдолните слоеви на општеството, со што се добива впечаток дека станува збор, пред сѐ, за збирка кратки раскази. „Белешки на еден стар гад“ имале силен одек во американското општество, до таа мера што ФБИ отворило досие за Буковски како резултат на неговата колумна.

За повеќе информации следете го официјалниот настан на Фејсбук, а секако еве и можност да си ја збогатите домашната библиотека за тазе издание на дело на Буковски!

Leave a comment