Интересни факти за Џонатан Свифт!

Џонатан Свифт (30 ноември 1667 – 19 октомври 1745) бил англиски сатиричар, есеист, поет и памфлетичар. Џонатан Свифт е најпознат по неговото легендарно дело „Гуливеровите патувања“, кое било и сè уште е инспирација за многу екранизации, обмислувања и дела. Многумина го сметаат ова дело за зачеток на дистопискиот жанр.

Во чест на годишнината од неговото раѓање, денес на блогот прочитајте неколку интересни факти за овој писател.

(извор на сликата: Medium)

Џонатан Свифт се родил во Даблин, Ирска. Неговиот татко, кој исто така се викал Џонатан Свифт, бил адвокат.

Тој студирал да биде свештеник на Универзитетот во Даблин (Колеџот Тринити). Во 1702 година тој ја добил својата диплома т.е докторат и станал доктор за божественото.

Во 1704 година ги објавил делата „Приказна за кадата“ и „Битката на книгите“, што му помогнале да добие признание како писател.

Џонатан Свифт и неговите пријатели од книжевниот свет, Александар Поуп, Џон Геј и Џон Арбутнот, во 1713 година го основале клубот „Мартинус Скриблерус“, кој бил еден вид на неформално здружение на автори.

Тој ја овековечил својата пријателка и љубовница Естер Ванхомриг, 20 години постара од него, во поемата наречена „Каденус и Ванеса“ (1713). И она што е уште поинтересно е што тој е човекот што го измислил името Ванеса, никаде на друго место во историјата не е запишано ова име, односно за првпат во пишана форма се појавува во неговата поема.

Англискиот поет, критичар и преведувач Џон Драјден бил далечен братучед на Џонатан Свифт (дедото на Драјден бил вујко на бабата на Свифт). Всушност, тој му напишал писмо во кое напишал: „Братучеде Свифт, ти никогаш нема да бидеш поет“.

Книгата која денес ја знаеме како „Гуливеровите патувања“ првично излегла од печат со неверојатно долгиот (и необичен) наслов „Патувања низ неколку оддалечени нации на светот. Во четири дела. Од Лемуел Гуливер, кој најпрво беше хирург, а потоа и капетан на неколку бродови“. Иако првично била објавена анонимно, сепак во првите три недели биле продадени дури 10.000 примероци што според тогашните стандарди, било неверојатно голема бројка. Книгата била инстантен хит.

Во една прилика Свифт бил опишан како „виговец во политиката и ториевец во религијата“. Авторот се согласил со оваа проценка, наведувајќи дека како „љубител на слободата, се пронајдов во она што тие го нарекуваа виговец во политиката… Но, што се однесува до религијата, длабоко бев поврзан со високото свештенство“.

Како вешт памфлетичар, Свифт пишувал памфлети за поддршка на ирските каузи, создавајќи неколку незаборавни дела.

По неговата смрт, на основа на неговите желби, голем дел од неговото богатство било искористено за основање на болницата „Свети Патрик“ за душевно болни. Болницата сè уште постои како Служба за ментално здравје „Свети Патрик“, водечка непрофитна организација за ментално здравје во Ирска.

Извор.

Leave a comment