Џејмс Болдвин за неверојатните дарови што ни ги нуди читањето и за тоа што значи да се биде уметник…

Џејмс Болдвин е еден од најпознатите американски писатели од 20 век. Неговиот неверојатен стил на раскажување, неговите согледувања за светот околу себе, за тешките прашања како што е расизмот и дискриминацијата, тоа го прави еден од највпечатливите уметници и книжевници. Џејмс Болдвин починал на 1 декември 1987 година, па во негова чест денес прочитајте дел од неговите размислувања за уметноста и книжевноста, кои ги најдов на веб-страницата „Marginalian“.

(извор на сликата: New Yorker)

„Едно општество мора да претпоставува дека е стабилно, но уметникот мора да знае, и тој мора да ни даде до знаење, дека нема ништо стабилно под небото“. Џејмс Болдвин го напишал ова во својот веќе легендарен есеј „Креативниот процес“ од 1962 година. Дотогаш, тој веќе бил еден од најпознатите американски писатели – уметник кој ги размрдал основните штици на американското општество со демонтирање на структурите на моќ и општествените норми и тоа го правел со непоколеблива цврстина, достоинство и интегритетот на своите уверувања.

На 17 мај 1963 година, Болдвин се појавил на насловната страница на списанието „Tајм“ како дел од главната сторија на списанието насловена како „Нација: Коренот на проблемот на Афроамериканецот“, чија главна реченица гласи: „Во основата на проблемот со црнците е неопходноста од тоа белецот да најде начин да живее со црнецот за да може да живее со себеси“. Иако активизмот на Болдвин за граѓански права бил во фокусот на сторијата, сепак статијата во заднина и го прикажала сјајот на уметникот Болдвин и го покренала поширокото прашање за улогата на писателот во општеството.

Следната недела, изданието на списанието „Лајф“ од 24 мај 1963 година, кое во тоа време било во сопственост на истата компанија која го издавала и „Тајм“, се надоврзало на таа статија и објавиле опширен профил на Болдвин, произведен од перото на новинарката Џејн Хауард, каде Болдвин расплетува безвременска мудрост за животот и уметноста.

Долгиот профил е поделен на неколку делови кои опфаќаат различни аспекти од неговиот живот и размислувања. Под спектакуларниот поднаслов „Тагата и величественоста на тоа да знаеш кој си“, Болдвин, кој го изодел својот пат од Харлем до бидувањето книжевна славна личност, размислува за неспоредливиот емпатичен дар на читањето:

Мислиш дека твојата болка и твоето скршено срце се без преседан во историјата на светот, но потоа читаш. Достоевски и Дикенс беа оние што ме научија дека нештата што најмногу ме измачуваа беа токму нештата што ме поврзуваа со сите луѓе што биле живи или кои некогаш биле живи. Само ако се соочиме со овие отворени рани во себеси, можеме да ги разбереме кај другите луѓе.

(Извор на сликата: Jean-Regis Rouston/Roger Viollet/Getty Images)

Покрај тоа, Болдвин размислувал и за улогата на уметникот и за тоа што значи да се биде уметник:

Уметникот е еден вид емотивен или духовен историчар. Неговата улога е да те натера да ја сфатиш тагата и величественоста на тоа да знаеш кој си и што си. Тој мора да го каже тоа, бидејќи никој друг на светот не може да каже како е да се биде жив. Сè што некогаш сум сакал да направам е да го кажам тоа, не се обидувам да решам ничии проблеми, дури ни моите. Само се обидувам да наведам кои се проблемите.

Сакам да бидам растегнат, раздвижен, да се надминам себеси и да направам и ти да се чувствуваш така.

Болдвин размислувал и за неизбежноста на поривот да се биде писател:

Страшната работа во тоа да се биде писател е што не одлучуваш да станеш таков, туку откриваш дека си таков.

И како за крај, тој додал како е да се биде уметник во САД:

Во оваа земја… ако сте уметник, вие сте виновни за кривично дело: не дека сте свесни и имате свест, што самото по себе е доволно лошо, туку дека гледате работи што другите луѓе не признаваат дека постојат.

Извор.

Leave a comment