Што читаше Кафе и книги во ноември?

Пристигна декември, на само чекор сме од пристигнување на зимата, но и китењето и припремите за новогодишните и божиќни празници. Овој период е исто така период кога многумина ја освежуваат домашната библиотека, но и одлично време за читање, па така ако ви е потребна инспирација за тоа кое да ви биде следното четиво, прочитајте ги стандардните предлози на блогот, составени од книгите кои најмногу ми оставија впечаток во ноември.

23“ – Линвуд Баркли

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт
: Линвуд Баркли ми е еден од авторите на кои постојано им се навраќам. Понекогаш може да поминат и неколку години меѓу читање, но никогаш досега не ги изневерил очекувањата. За оние кои сакаат трилери и мистерии, ова е уште една одлична книга.

Се работи за серијал за местото Промис фолс, а ова е третата книга од серијалот. Промис фолс е мало место каде повеќето луѓе се познаваат меѓу себе, но во последно време се случуваат многу грозоморни работи, а оваа книга започнува кога водата во градот е мистериозно затруена и стотици луѓе умираат од тоа. Паралелно на тоа, се случуваат и други ужасни работи, а времето изминува и ризиците се зголемуваат.

Одлична книга, лесен стил на пишување и верувам дека ќе ја прочитате во еден здив, особено ако претходно сте читале нешто од Баркли и сакате трилери, а препорачувам да ги прочитате и останатите делови до серијалот.

„Разговор во катедралата“ – Марио Варгас Љоса

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Марио Варгас Љоса е од генерацијата јужноамерикански писатели што го освоија читателскиот свет и тој е исто така еден од нобеловците од овој континтент.

„Разговор во катедралата“ е едно монументално дело, во кое преку навраќањата низ личната историја на неколку ликови, Љоса ни ја ткае и изнесува општествената и политичката ситуација во Перу околу 50-тите години на минатиот век. На толку интересен и комплексен начин ја гради приказната и ги изнесува на виделина корупцијата, злото и опресијата на тогашната диктатура, што е невозможно да останете рамнодушни.

Сантијаго е новинар за еден весник и сосема случајно го сретнува Амбросио, кој порано бил шофер на неговиот татко, тие се гледаат првпат по долго време и седнуваат на едно место и почнуваат да зборуваат за своите животи. Оттука почнуваат да се испреплетуваат судбини, животи и случаеви и дознаваме за нивната лична историја, но и за историјата на целото општество. Ова е роман кој бара многу внимание и фокус, ми требаше некое време додека го завршам, бидејќи и самата нарација и движењето меѓу спомените, ликовите и самиот стил на раскажување се навистина комплексни. Но, дефинитивно е дело кое вреди да се прочита и ќе ви ја нахрани душата, истовремено и ќе ве растресе читајќи за грозоморностите на една диктатура.

Подоцна“ – Стивен Кинг

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт
: Стивен Кинг се смета за крал на хорорите и тоа со право. Веќе со децении е на врвот во книжевниот свет, иако е длабоко навлезен во своите 80-ти години, тој сè уште пишува и издава романи. Еден од тие е токму „Подоцна“ – роман што го објави во 2021 година.

Иако јас лично не сум најголема обожавателка на хорори, сепак има нешто во стилот на Стивен Кинг што ме привлекува и ми го задржува внимание, во најголем дел. „Подоцна“ е навистина кратка книга која се чита за многу брзо време и е прилично ефективна во она што сака да го постигне.

Дејството во приказната се врти околу малиот Џејми, кој вслушност е и нараторот на приказната и кој како 22-годишен млад човек раскажува за своето дејство. Џејми никогаш не бил обично дете, бидејќи поседува натприродни способности – тој може да гледа мртви луѓе, но само во одреден краток период откако ќе починат. Како дете тој е малку збунет и исплашен од оваа негова способност, но истовремено ќе се покаже и дека таа способност може да му го доведе и животот во опасност. Доколку сакате страшни приказни или ако веќе сте запознаети со стилот на Стивен Кинг, голема е веројатноста дека ќе ви се бендиса книгата.

Прекрасен труп“ – Агустина Бастерика

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт:
Како за човек што вели дека не сака многу хорори, некако баш такви приказни ми го одбележаа месецов, иако оваа книга повеќе би можела да се смести во жанрот на дистопија, сепак јас би аргументирала и дека има прилично елементи и на хорор во неа.

Кога ја прочитав останав шокирана, а и додека читав чувството на морничавост, суровост и хорор постојано провејуваше низ мене. На крајот се чувствував како да сум турната во егзистенцијална криза, што значи дека книгата беше ефективна и ме размрда, иако предупредувам дека тематиката е страшна и можеби приказнава не е за секого.

Книгата започнува во дистописки свет, животните угинале од некаков мистериозен вирус и луѓето се префрлиле на канибализам, односно почнале да јадат човечко месо, па луѓето се одгледуваат буквално како животни и убиваат како животни. На еден начин, човек може да го толкува ова и како критика врз човечкиот свет за начинот на кој се однесува сурово со животните и ги сменува тезите односно покажува како би било кога луѓето би се третирале себеси така онака како што ги третираат животните.

Но, под оваа нишка има уште пострашна и поужасна нишка, која ја откривате додека ја следите приказната на Маркос околу кого се движи дејството и кој е всушност нараторот и чија приказна е обележана со трагедија. Тој открива една девојка во неговата плевна и оттука дејството зема поголем замав. Крајот дефинитивно е шокантен, но оставам на вас да оцените повеќе. И како за крај, сметам дека корицата е една од поефективните корици што сум ги видела, одлично графичко и идејно решение.

Дневникот на заводникот“ – Сорен Кјеркегор

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Сорен Кјеркегор е познат дански мислител и филозоф, но морам да признаам дека низ текот на годините повеќе читав ЗА него и неговото творештво, преку анализа на неговите размислувања и дела, отколку што сум читала нешто ОД него, па решив да го поправам ова и ја земав оваа книга во раце.

Се работи за кратко дело кое се чита исто така лесно и е напишано во форма на дневник, со куси попратни белешки од објавувачот и писма разменувани меѓу заводникот и неговата мета.

Јоханес е сопственикот на дневникот и воедно и антихерој на книгата, бидејќи ние гледаме како тој ја плете својата мрежа околу младата Корделија, какви манипулативни чекори презема за да ја освои, тој е опседнат со естетиката, не со етиката, не го интересира што е правилно, а што не – тој само сака да го освои својот плен. Покрај тоа, неговите размислувања се преполни со застарени патријахални сфаќања, што би требало да бидат надминати во овој век, но преку навлегување во неговата психологија и начин на размислување, сигурно ќе препознаете шаблони што опстојуваат и во денешно време.

Leave a comment