Кои се клучните разлики помеѓу книжевната и екранизираната верзија на „На запад ништо ново“?

Најновата филмска екранизација на „На запад ништо ново“ излезе во октомври 2022 година и филмот имаше одличен прием за претставениот тежок реализам и кинематографија. Дополнително освои 7 БАФТА награди, вклучувајќи ги и наградите за најдобар филм и најдобар режисер, а исто така доби и 9 номинации, а дома однесе 4 Оскари: за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, фотографија, сценографија и филмска музика, и сè тоа со буџет од 20 милиони долари. На блогот веќе силно ја препорачав книгата, прогласувајќи ја за книга на летото, а исто така дадов и препорака за филмот пред извесно време.

Антивоениот роман на Ерих Марија Ремарк бил објавен во 1928 година и се продал во 2,5 милиони копии во првите 18 месеци, за дополнително во 1930 година исто така излегла екранизација наградена со Оскар во 1930 година. Фразата „На запад ништо ново“, преведена од германскиот наслов „Im Westen nichts Neues“ стана популарна фраза со значење дека „ништо не се случува“ или „тоа па тоа“.

Сценариото на филмската верзија од 2022 година доби БАФТА за прилагодувањето на романот на филмското платно, но има некои клучни дополнувања и пропусти во споредба со оригиналното дело. Мемоарскиот пристап на романот нема баш традиционален заплет, туку е повеќе како изнесување на серија на настани, при што најјасна прогресија гледаме преку тоа како пријателите на Паул умираат во рововите, еден по еден.

Подолу можете да ги прочитате клучните разлики, пренесени и анализирани од новинарот Џејмс Карсон за веб-страницата „HistoryHit”, но имајте на ум дека се откриваат детали и од филмот и од книгата, па ако го немате гледано филмот или читано романот, можно е да се откријат делови од заплетот или популарно наречени „спојлери“.

Дополнителниот заплет со примирјето

Клучната разлика помеѓу филмот и книгата е што делот со „потпишување на примирјето“ воопшто го нема во романот. Во филмот, претепаната германска политичка делегација се упатува кон Компиењ за да се заложи за разумен мир, при што францускиот Генералштаб е помалку подготвен за компромис.

Ова дава го доловува чувството на колапс на германската армија во 1918 година и бесмисленоста на продолжувањето на војната кога политичарите се залагаат за мир. Од друга страна, книгата е целосно раскажана од перспективата на Паул и неговите обиди да преживее во рововите, додека пак примирјето не се споменува сè до последните страници, а за него се зборува само при крајот преку армиските гласини.

Отсуството

Во романот има две поглавја во кои Паул се враќа во Германија на одмор и опоравување. Во едното поглавје е на воено отсуство, а дополнително оди и на тренинг. Во другото поглавје тој е тешко повреден по еден напад и е пренесен во болница.

Во книгата, за време на военото отсуство кога се враќа дома, тој се обидува повторно да се зближи со семејството. Тие пред него ставаат маска на храброст во време кога храната во Германија е при крај – последица на ефективната блокада на земјата од страна на Кралската морнарица. Неговата мајка не сака да му каже на Паул дека има рак и дека е сериозно болна. Подоцна, во средишниот дел од книгата, Паул оди во камп за обука сместен околу некое мочуриште и се среќава со гладни руски затвореници.

Втората сцена со отсуството добро ги илустрира нестабилните услови во воените болници во Германија. Ова до одреден степен е илустрирано и во филмот преку ужасниот санаториум каде насекаде има крв и тоа е токму местото каде Тјаден умира. Во книгата Паул се враќа назад во Германија, додека во филмот останува блиску до фронтот.

Временскиот период

Иако и романот и филмот се сместени во подоцнежните години од војната, најголемиот дел од дејствата на филмот се случуваат кон крајот на 1918 година, кога германската армија веќе пропаѓала. Книгата е многу пораспространета, што ни овозможува да го посведочиме враќањето на Паул дома кога е пуштен на отсуство, како и неговиот краток романтичен однос што го има со една Французинка. Во филмската верзија, некаде во прикажаниот дел од почетокот на 1918 година, еден од неговите придружници дезертира и останува со едно француско семејство.

Ужасот на војната: Гранатирање на гробишта наспроти тенкови и фрлачи на пламен

Еден од пошокантните делови од книгата е кога единицата на Паул ќе биде затекната од силно гранатирање на едни импровизирани гробишта и војниците се принудени да се засолнуваат меѓу тела кои се распаѓаат и мртовечки ковчези. Доколку би било прикажано на филмско платно, ова би било премногу ужасно, до тој степен што публиката би можела да го смета за невкусно и неподносливо, но во романот сепак е ужасен, грозоморен и потресителен момент.

На филмот, сепак, не му недостасуваат ужасни моменти. Најнезаборавна е неверојатната секвенца на напади околу средината на филмот, што ја покажува природата на нападот и контранападот што пешадијата мора да ги издржи. Тоа е можеби најдобрата воена сцена во историјата на кинематографијата. Во оваа сцена, еден човек е ужасно смачкан од тенк, стотици луѓе се распарчени, а пријателот на Паул, Алберт, брутално е изгорен со пламенофрлач. Паул потоа завршува во дупка од граната каде што убива француски војник во борба еден на еден – оваа сцена е многу слична и во двете верзии.

Главниот негативец

Антагонистот во филмската верзија е недопирливиот пруски генерал Фридрикс, кој бесмислено ја испраќа скршената чета во смрт на самиот ден на примирјето. Во филмот тој служи како пример за да ја објасни дискрепанцата помеѓу обичните војници и офицерската класа, иако можеби и предиректно.

Во книгата, главниот негативец е бесниот параден полигон, каплар Химелштос, кој ја отсликува апсурдноста на воениот режим при основната обука. Поранешниот поштар наметнува автократска власт над регрутите, давајќи им бројни апсурдни казни за наводно непочитување.

Крајот

Ако имав една замерка за филмот „На запад ништо ново“ од 2022 година, тоа беше малку престилизираниот крај. Најпрво е малку нејасно зошто Паул и Качински би ги ризикувале своите животи за повторно да се обидат да украдат гуска, со оглед на тоа што знаат дека војната наскоро ќе заврши. Во меѓувреме, момчето кое пука во Качински се појавува од „никаде-некаде“. Ова го нема во книгата, иако Качински умира од слична мала рана некаде при крајот.

Конечниот напад е исто така малку премногу „холивудски“. Германската армија беше на точка на целосен распад до денот на примирјето, при што илјадници луѓе дезертираа секој ден. Ако чета од вооружени луѓе добие таква смешна наредба од генерал, тогаш тие можат да го застрелаат и едноставно да заминат од бојното поле. Сепак, за волја на вистината, таа сцена води до потенцираниот заклучок кој ја повторува бесмисленоста на сето тоа. Во суштина, повеќе мажи умираат за да ги задоволат националистичките суети на генералот Фридрикс.

Во книгата, Паул исто така умира при крајот на војната, иако не баш на последниот ден. Последните параграфи од романот додаваат нихилистичко ниво на скршено срце:

„Загина во октомври 1918 година, еден ден кога на целиот фронт беше толку мирно и тивко што воениот извештај се ограничи само на една реченица: „На запад ништо ново“.
Падна ничкум и лежеше со лицето кон земјата, небаре спие. Кога го свртеа, можеше да се види дека не се мачел долго време. Од изразот можеше да му се види речиси задоволство дека така се случило со него.“

Извор.

Извадокот од последниот параграф од романот, иако е наведен во првичната статија на англиски јазик, за посоодветна верзија во македонската верзија на објавата, е преземен од  македонското издание на „На запад ништо ново“ – Ремарк, Ерих Марија, „На запад ништо ново“. Скопје: 2023, Издавачки центар ТРИ

Leave a comment