Предновогодишна книжевна забава во „Антолог“!

Се наближуваат новогодишните празници, а со тоа новогодишната и книжевната магија се спојуваат во едно. Оттаму, „Антолог“ ги кани љубителите на книги на книжевна предновогодишна забава во нивната книжарница. Забавата ќе се случи утре, 15 декември, со почеток од 16 часот, и ќе имате можност да се запознаете со дваесетина македонски автори и авторки, да начекате книги на попуст, и да зборувате за книги со чашка греано вино, а „Антолог“ ќе објави и шест нови книги, три од македонски и три од странски автор(к)и.

Како што наведуваат во нивното соопштение, 15 декември е ден за одбележување на новиот празник на книгата во Скопје! Од „Антолог“ наведуваат:

Време е да се препуштиме на магијата на најубавиот период од годината – новогодишните празнувања, затоа сите вљубеници во книгата ги покануваме во нивното најдраго празнично засолниште – книжарницата „Антолог“ во Центар, која ќе биде исполнета со прегратките на книгите, слатките мелодии на музиката, удобноста на топлите пијалаци и со необичните закуски. Настанот на 15-ти декември ќе биде совршена можност за дружба со другите пасионирани читатели, а воедно и со најактуелните домашни автори кои во оваа пригода, меѓу другото, ќе ги потпишуваат и своите нови книги. Сè на сè, на најпосебен начин ќе ги заскокоткаме очекувањата на публиката. Ги покануваме сите наши читатели да ни се придружат во наздравувањето за спомените направени оваа година и приказните што допрва треба да се расплетат.

Според најавите на социјалните мрежи, ќе имате можност и да се сретнете со следните автори и авторки:

• Андреј Илиевски Волкашин
• Душко Крстевски
• Марјан Ангеловски
• Биљана Стојановска
• Марија Андреева
• Маша Тодевска
• Ана Голејшка
• Лидија Давидовска
• Драгана Евтимова
• Анде Јанков
• Јован Илиески
• Владимир Мартиновски
• Марта Димитров
• Катерина Шошко
• Катерина Вељановска
• Елена Филиповска
• Лори Атанасова
• Валентин Нешовски
• Јордан Коцевски
• Дарко Лешоски

Одлична можност и за забава и дружба и освежување на домашната библиотека!

За повеќе информации, ѕирнете во официјалното соопштение на Антолог на нивната веб-страница, како и на нивната страница на Фејсбук (и останати социјални мрежи).

Leave a comment