Книга на есента: „Дневници (1910 – 1923)“ на Франц Кафка!

Помина повеќе од една година откако ја започнав практиката во секое годишно време да прогласувам „Книга на…“ (летото, есента, зимата, пролетта). Веќе помина еден цел циклус на годишни времиња и некако сфатив дека одлично ми доаѓа кога ќе налетам на книга што е толку добра што ми одбележува едно цело годишно време.

Иако есента е веќе при крај, веќе сме длабоко навлезени во декември (кога побрзо мина годинава!), сепак при самиот крај на есента ја пронајдов книгата која ме воодушеви и која може да се каже дека ми ја одбележа есента, па на некој начин и го затворам годишното време со неа.

Па така, денес прочитајте за мојата книга на есента, книга која верувам дека ќе ви се допадне и на која ќе ѝ се навраќате. Се работи за „Дневници (1910 – 1923)“ на Франц Кафка, македонското издание е на „Антолог“.

За што се работи во книгата?

Како што и самото име наговестува, оваа книга е збир на дневниците што легендарниот писател Франц Кафка ги водел во периодот од 1910 до 1923 година. Денес го знаеме како неверојатниот писател, еден од оние што го одбележаа 20 век, човекот што ги создаде безвременските дела како „Америка“, „Замок“, „Процес“, „Преобразба“ и други, а во овој формат имаме можност, благодарение на неговиот пријател Макс Брод, што ги има издадено и другите негови дела, да ѕирнеме во секојдневниот Кафка, човекот, писателот.

Зошто треба да ја прочитате книгата?

Затоа што без оглед дали сте голем обожавател на Кафка или само посредно сте запознаени со неговото творештво, самиот дневник е многу интересен. Може да се следи умствената и душевната (па и физичката до некаде) состојба на Кафка во период од 13 години. Секогаш е интересно кога човек има можност да „ѕирне“ во умовите на генијалците, луѓето што оставиле силен печат врз човештвото, без оглед во која област, а особено е интересно кога се работи за писатели.

Ова го кажувам затоа што среде самите дневници имаме можност да прочитаме делови или зачетоци на некои од неговите најпознати дела, раскази (целосни и нецелосни), негови сопствени коментари за ликовите што денес добро ги познаваме, но и да ја видиме и неговата сопствена борба и тешкотиите, неговото сомневање во себеси, понекогаш дури и неможноста да пишува, но и неговата страст за пишувањето.

Гледаме и како често му се менувало расположението, па така, на пример, на 15 декември пишува:

„Јас сум како од камен, јас сум како своја надгробна плоча, нема празнина за сомнеж или за верба, за љубов или за одбивност, за храброст или за страв особено или воопшто, живее само една нејасна надеж, но не е подобра од натписите на надгробните плочи.“

А потоа на 16 декември, веќе следниот ден, тој запишал:

„Би сакал да го објаснам чувството на среќа што го чувствувам во себе одвреме-навреме како сега. Тоа е навистина нешто блескаво што ме исполнува со благ, пријатен грч и што ме уверува во способности во чие непостоење можам да се убедам во секој момент, дури и сега, со апсолутна сигурност.“

Тој бил голем обожавател на Гете и многу го почитувал и низ дневниците често го споменува, но она што ми беше интересно е дека и тој ги читал неговите дневници. Додека ги читав тие делови каде што тој ги коментира дневнците на Гете, се замислив и се насмевнав во себе за фактот дека јас го читам дневникот на Кафка во кој тој зборува за тоа како чита дневникот на Гете и помислив дека додека ги пишувал тие редови, сигурно не помислувал дека некој ќе ги чита неговите дневници и неговите најинтимни мисли.

На пример, на 19 декември 1910 година вели: „Читав малку од дневниците на Гете. Далечината мирно го доловува овој живот, овие дневници го опожаруваат. Јасноста на сите настани ги прави таинствени, исто како што оградата во паркот му дава мир на окото кога гледа во широки тревници, а сепак побудува неспоредлива почит.“ Потоа овие размислувања ги продолжува и на 20 декември велејќи: „Како да ја оправдам вчерашната забелешка за Гете (што е речиси исто толку невистинита колку и чувството што таа го опишува, бидејќи вистинската е дека сестра ми ме изгони?) Никако.“

Но и во 1911 година, повторно се навраќа на дневниците на Гете, забележувајќи на 29 септември: „Човек што не води дневник има погрешен однос кон туѓиот дневник. На пример, кога во дневниците на Гете чита: 11. 1. 1797. Зафатен цел ден дома со разни нарачки“, му изгледа како тој самиот никогаш да не направил толку малку во еден ден.“ Во 1912 година повторно се навраќа на Гете, го истражува, често и цитира други книги за Гете, самиот Гете. На 17 март 1912 година вели: „Гете, утеха во болка. Боговите, бесконечните, на своите сакани им даваат сè целосно: сите радости, бесконечните, сите болки, бесконечните, целосно.“

Освен Гете се забележуваат и чести референци на Достоевски, кого исто така неизмерно го почитувал.

Очигледно е дека за него било исклучително важно да води дневник, и затоа и мислам дека оваа книга е важна, затоа што во еден момент вели:

„Една од предностите на водење дневник е тоа што со смирувачката јасност стануваме свесни за промените, на кои непрестајно подлежиме, и во кои општо секако веруваме, ги претчувствуваме и ги признаваме, но кои секогаш несвесно ги негираме кога треба да извлечеме надеж или спокојство од таквото признавање. Во дневникот наоѓаме докази дека самите сме живееле, сме разгледувале сме запишуваме набљудувања на состојби, што денес изгледаат неподносливи, гледаме наоколу и запишуваме забелешки, дека оваа десна рака се движела како и денес, кога сме подмудри поради можноста за преглед на ситуацијата во тоа време, но затоа уште повеќе треба да ја признаеме бестрашноста на нашиот стремеж, што опстојувал во тоа време и во големо незнаење.“

Оваа книга е и важно да ја прочитате, затоа што ќе дознаете многу за неговите пријателства, луѓето што му се важни, но и за односите во неговото семејство. Познато е дека имало тензија во тоа семејство, особено меѓу него и татко му, но сосема е поинаку кога ги читате неговите лични доживувања. Освен тоа, ова е одлична книга и за љубителите на книжевност, уметност и театар. Тој постојано опишува и коментира претстави што ги гледал или читал, па можете да ѕирнете и во неговиот уметнички вкус.

Спомнува и многу книги, како на пример: „Улицата на напуштеноста“ од В. Фред, со тоа што нема високо мислење т.е вели: „Како се пишуваат вакви книги? Еден маж што добро се снаоѓа во детаљот, овде го проширува својот талент во големината на романот на таков беден начин што ќе ти се слоши, дури и ако не заборавиш да ѝ се восхитуваш на енергијата во погрешното третирање на сопствениот талент.“ Меѓу останатите книги, тука ќе набројам само неколку што ги спомнува: „Девиците од Бишофсберг“, комедија од Герхарт Хауптман, „Делата на Александар Велики“ од Михаил Кузмин, „Голиот човек“ од Емил Штраус , „Зора“ од Ото Штесл, „Книгата на судијата“ и „Или-Или“ од Сорен Кјеркегор. Понатаму се спомнуваат „Мемоарите на Крапоткин“; ова било една од омилените книги на Кафка, според белешката на Макс Брод, како и „Мемоарите на Александар Херцен“, а ги споменува и „Раздвоен“ – Стриндберг, „Новиот пол“ – Тагер. „Смртта на Иван Илич“ – Толстој и „Коперфилд“ од Чарлс Дикенс, а дури и напишал: „Мојата намера, гледам сега, беше дикенсовски роман збогатен само со поострите светла што ќе ги соберам од времето и со оние матните што ќе ги извлечам од себе.“

Тој страдал и од чести несоници, особено во 1911 година, а низ текот на годините гледаме и дека често размислувал за бракот, и за позитивните, но и негативните страни на бракот, и често гледаме дека е наклонет кон помислата дека ќе остане ерген.

Она што е исто така важно е неговото чувство на припадност на еврејската заедница. Добро е познато дека бил Евреј, а за жал неговото семејство има доживеано страшна судбина во логорите на смртта за време на Холокаустот. Сепак, преку описите на одредени еврејски традиции, па и компаративно, учиме повеќе за еврејските обичаи и традиции и ја гледаме и неговата врска со неговата припадност.

Има уште еден момент што верувам дека е важен да се спомне, а тоа е колку лесно може сите да се пронајдеме во неговата човечка едноставност на многу нивоа. Во еден момент читате прекрасни редови каде тој запишувал некоја идеја за расказ, во следниот момент читате нешто сосема обично што му се случило, како несоници, проблеми со стомакот и лаксативи. Тоа само го прави уште поблизок и почовечен. Не архетип на идеален писател, туку човек.

Дополнително, тој многу се мачел со неговата работа и неговите сомнежи дека не може да живее од пишувањето, на пример, на почеток на 1911 година запишал: „Освен поради семејните околности, од литературата не би можел да живеам и поради бавното настанување на моите дела и нивниот посебен карактер; згора на тоа, и моето здравје и мојот карактер ме спречуваат да се посветам на живот кој е, во најдобар случај, неизвесен. Така станав службеник во една институција за социјално осигурување. Сега, овие две професии никогаш не можат да се поднесат и да дозволат заедничка среќа. Најмалата среќа во едната станува станува голема несреќа во другата. Ако вечерта напишам нешто добро, следниот ден во канцеларијата горам и не можам да направам ништо.“ Таа дихотомија неколку пати ја потенцира, како на пример во оваа реченица: „Во канцеларијата ги исполнувам своите надворешни должности, но не и внатрешните, и токму тие неисполнети внатрешни должности стануваат несреќа што ме запоседнува.“

Записите од 1920 година се кратки, бидејќи имало искинати страници, а дополнителен бонус се неговите записи од патувањата што исто така го откриваат неговиот ум, па со сигурност ќе уживате и во нив. И како за крај, дефинитивно препорачувам да ја прочитате оваа книга, не морате да ја читате наеднаш, туку баш полека, можете повремено и да се навраќате на интересни записи, па да ја оставите, па повторно да ја фатите во рака. Таа може да служи и како алатка за инспирација и алатка за подобро да се запознае човекот зад генијот.

Извадоци и мисли кои ми оставија особен впечаток

„Мојата состојба не е несреќа, но не е ни среќа, не е рамнодушност, не е слабост, не е замор, не се други интереси, па што е тогаш? Тоа што не знам најверојатно има врска со мојата неспособност да пишувам.“

„Недела, 19 јули 1910 година, спиев, се разбудив, спиев, се разбудив, беден живот.“

„15 ноември, десет часот. Нема да дозволам да се изморам. Ќе скокнам во мојот роман макар и ми го пресекол лицето.“

„Јас кршлив како порано и како секогаш. Чувство како да сум врзан и во исто време другото чувство дека ако ме одврзат, ќе биде уште полошо.“

„Те молам, татко, нека иднината спие како што заслужува. Зашто ако ја разбудиме предвреме, ќе добиеме поспана сегашност.“

„Зашто без да имаш средиште, без да имаш работа, љубов, семејство, пензија, односно без да опстојуваш во светот во целост, па макар и само да се тоа обиди, значи без да го збуниш светот во одредена мера со голем комплекс на работи што ги поседуваш, не можеш да се одбраниш од моментално уништувачките загуби.“

„Нас останатите, нас нè држат нашето минато и иднина. Речиси целото наше безделничење и многу од нашата професија трошиме на тоа да направиме да лебдат нагоре-надолу во рамнотежа. Она што иднината го има по обем, минатото го заменува со тежина, и на крајот веќе не може да се разликуваат, најраната младост подоцна ќе стане светла, каква што е иднината, а крајот на иднината е всушност веќе искусен со сите наши воздишки и е минато. Така речиси се затвора овој круг по чиј раб одиме.“

„20 декември. Многу страдав во мислите.“

„Како да го добивам вистинското чувство за себе само кога сум неподносливо несреќен. Тоа е веројатно и точно.“

„20 февруари. Незабележлив живот. Забележлив неуспех.“

„Бев мудар, така да се рече, затоа што бев подготвен да умрам во секој миг, не затоа што направив сè што ми беше побарано, туку затоа што не направив ништо и не можев да се надевам дека некогаш ќе направам нешто.“

„Огромниот свет што го имам во мојата глава. Но, како да се ослободам и себеси и него, без да се скинеме. А илјадапати попрво би го раскинал отколку да го задржам или да го закопам во себе. За тоа и сум тука, тоа ми е многу јасно.“

„Ако кажам нешто, тоа веднаш и трајно ја губи својата важност, ако го запишам, ја губи и тогаш, но понекогаш добива нова.“

„Сè ми изгледа како конструкција. Секоја забелешка од некој друг, секој случаен поглед превртува сè во мене, дури и заборавеното, крајно безначајното. Понесигурен сум од кога и да е, ја чувствувам само силата на животот. И сум бесмислено празен. Навистина сум како изгубена овца во ноќта и во планините, или како овца што трча по оваа овца. Да бидеш толку изгубен и да немаш сила да жалиш што е така.“

„Познавач, експерт, некој што ги знае работите, меѓутоа знаење што не може да го пренесе, но за среќа изгледа никому не му ни треба.“

*мислите и извадоците се преземени од македонското издание на „Дневници (1910 – 1923)“ – Кафка, Франц. Скопје: 2023, Антолог

Leave a comment